Свет
(Видео) Руската гимнастичарка призна дека Путин е нејзиниот идеален маж: „Толку сум среќна што се плашам“
Алина Кабаева, 39-годишната олимписка шампионка во ритмичка гимнастика, за која се сомневаат дека е тајна девојка на рускиот претседател, во телевизиско интервју призна дека Владимир Путин е нејзиниот идеален маж, а во јавноста кружат фотографии од луксузна златна вила опкружена со шума, во која наводно живее со нивните деца.
Пред точно 15 години, тогаш 24-годишната Алина беше интервјуирана на телевизија од ученици и – иако не го откри името на нејзиниот идеален маж – сега е сосема јасно дека тоа беше и сè уште е 70-годишниот Путин. Парот никогаш не призна дека е во врска, но постојат сомневања дека имаат најмалку две деца.
Алина даде некои детали во споменатото интервју, таа се насмеа кога едно момче ја праша дали го запознала својот идеален маж.
„ Го најдов“, рече таа смеејќи се и очигледно избегнувајќи да го именува.
„Рековте дека имате момче? Зошто не брзате да се омажите за него, се плашите од среќа? Кој е тој?“, праша една девојка.
„Значи, успеа да го поставиш ова прашање, браво… Што се однесува до стравот од среќа, понекогаш сум толку среќна што се плашам“, рече таа.
„А кој е тој?“ ја прашаа децата.
„Човек, многу добар човек, голем човек“, нејасно одговори Алина.
„Го сакам многу“, додаде таа.
На прашањето кој бил последниот подарок што му го дала на „идеалниот маж“, Алина одговорила дека тоа е „палто со крзно, многу убаво“. Според „Дејли мејл“, Путин неодамна бил виден во таков капут.
Друга девојка потоа ја прашала дали може да го одвои сопругот од неговото семејство доколку тој се заљуби во неа. Во тоа време Путин беше во брак со поранешната стјуардеса на „Аерофлот“, Људмила, од која подоцна се разведе.
„Мислам дека не“, рече првично Алина, но подоцна се поправи.
„Да кажам нешто. Животот е комплициран и се зборува за оженет маж… Ако има проблем во семејството и мажот бара друга жена и комуницира со таа друга жена, а не со сопругата, тоа значи дека проблемот веќе се случил и дека нема да биде ништо добро во тоа семејство“, рече тогаш Алина.
Во меѓувреме, во јавноста се крена врева поради извештаите дека Путин наводно живее со Алина на огромен, добро уреден селски имот, со неколку раскошни вили и игралиште за нивните мали деца. Според извештајот на руската истражувачка веб-страница „Проект“, Алина живее во златна палата опкружена со шума на имотот на Путин на езерото Валдај, околу 400 километри северозападно од Москва, кој го чуваат елитните агенти на ФСО и блиската воздушна одбрана „Панцир“.
Рускиот претседател наводно купил имот вреден 120 милиони долари преку фонд во Кипар, објави веб-страницата.
Изградбата на вилата за Кабаева почна во 2020 година и беше завршена две години подоцна, велат од „Проект“. Неименувани официјални лица му кажале на истражувачкиот тим дека виделе деца во просториите, а сателитски снимки направени помеѓу 2016 и 2020 година покажуваат игралиште во шумата за кое се верува дека е изградено за семејството.
Во јавноста излезе приказната за нивниот луксузен начин на живеење, поради што Путин бил бесен на пријателите на Алина.
Како што се наведува, Путин бил многу бесен кога дознал дека излегле приказни за неговиот гламурозен живот со Кабаева. Според написот на „Генерал СВР“ на „Телеграм“, Путин рекол дека нејзините пријатели „на секој агол зборуваат за сè што знаат и не знаат“.
Бесот поради ова наводно довел до жестока расправија меѓу Путин и Кабаева, а некои медиуми пишуваат дека тој ѝ се развикал.
Алина првпат беше поврзана со Путин во 2008 година кога беше пратеник, а весникот што ја објави веста беше затворен веднаш потоа. Но, и покрај напорите на Путин да ги задржи нивната врска и личниот живот под закрила, приказните продолжуваат да кружат за нивната романса и за неверојатниот луксуз што го уживаат зад затворени врати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Претседателот на Колумбија: Ги раскинуваме дипломатските односи со Израел
Колумбискиот претседател Густаво Петро изјави дека ќе ги прекине дипломатските односи со Израел поради војната во Газа.
Петро претходно силно го критикуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и повика Колумбија да се приклучи на тужбата за геноцид на Јужна Африка против Израел пред Меѓународниот суд на правдата.
„Овде пред вас, владата на промени, претседателот на републиката, најавува дека утре ќе ги прекине дипломатските односи со државата Израел, затоа што има влада, затоа што има претседател геноциден“, рече Петро на собир по повод Меѓународниот ден на трудот.
Светот не може да биде слеп пред настаните во Газа, додаде тој.
Во шестмесечната воена операција на Тел Авив загинаа 34.488 Палестинци, а ранети се 77.643, според здравствените власти во Газа. Војната ги расели повеќето од 2,3 милиони жители на Појасот Газа и го уништи најголемиот дел од крајбрежната енклава.
Најавата на Петро за прекин на дипломатските односи со Израел доаѓа во екот на се почестите шпекулации дека Израел наскоро ќе го нападне градот Рафах во јужниот дел на Газа, каде што се засолниле повеќе од милион Палестинци раселени од своите домови.
Регион
Tлото на Балканот се тресе: По Хрватска, земјотреси и во Албанија и Грција
Два земјотреси, во растојание од една минута – во 19.19 и 19.20 часот – вечерва се регистрирани на територијата на Албанија.
Земјотресите се со интензитет од 2,1 степен според Рихеровата скала.
Епицентарот на првиот земјотрес бил на седум километри од Елбасан, додека вториот на 62 километри од Тирана.
Според информациите на ЕМСЦ, неколку минути претходно, земјотрес од 2,5 степени имало и во јужниот дел од Грција, а уште два од 2 и 2,3 степени се регистрирани предмалку на Крит.
Претходно денес, Хрватска ја погоди силен земјотрес од 4,7 степени, а беше почувствуван и во Босна и Херцеговина. По овој потрес, следеа неколку помали.
Свет
Хамас: Одговор за предлогот за примирје и ослободување на заложниците веројатно утре
Водачите на Хамас вечерва рекоа дека го проучуваат предлогот за примирје и ослободување на заложниците што им го претставија египетските посредници и велат дека се надеваат оти ќе го испратат својот одговор до утре, се вели во соопштението на палестинската милитантна група испратена до „Асошиејтед прес“.
Тековната рунда разговори за примирје меѓу Израел и Хамас изгледаат сериозни, но страните се во несогласување за едно клучно прашање – дали војната треба да заврши како дел од договорот, објави „Тајмс оф Израел“.
„Многу веројатно утре, односно четврток, ако даде Господ, посредниците ќе добијат одговор“, соопшти Хамас.
Преговорите меѓу Хамас и Израел, преку посредници како САД, Катар и Египет, траат со недели, а по Париз се водат нови рунди разговори во Каиро.