Свет
(Видео) Секој што не носи маска на Бали полицијата го тера да прави склекови среде улица
Полицијата на Бали ги казнува лицата што не носат заштитни маски поради пандемијата на коронавирусот така што ги принудува да прават склекови среде улица.
Локалните службеници за безбедност, познати како „пекаланг“, неодамна казнуваа со склекови во традиционалното село Интаран во Санур, источно од градот Денпасар, јавува „Дејли мејл“.
На фотографијата објавена од „Денпасар нау“ се гледа како човек прави склекови среде улица, а полицајците со службено возило се околу него.
Медиумите пренесуваат дека склековите се направени на таков начин што имаат ефект на одвраќање на оние што се обидуваат без маска да влезат во традиционалното село Санур.
Во друго видео се гледа човек со мотоцикл кого го запреле полициските службеници, а потоа го принудиле да направи 10 склека на улица, пренесува „Бали хебат њуз“.
По казната, полицајците биле снимени како разговараат со него и му даваат маска пред да го пуштат.
И покрај тоа што бил запрен, човекот се смее, очигледно необичниот начин на казнување го натерал да се смее.
На овој начин полицијата ја подига свеста за новиот закон, кој стапи во сила на 1 мај.
Според него, оние што ќе влезат во селото без маски, ќе бидат казнети со пет килограми ориз (68 австралиски центи) и ќе работат во заедницата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Америка може да нè предаде“: протече разговор меѓу Макрон, Мерц и Зеленски
Европските шефови на држави и влади длабоко не им веруваат на Соединетите Американски Држави кога станува збор за мировни преговори со Русија и Украина, пишуваат светските медиуми. Според белешките од конференцискиот повик до кои дојде „Шпигел“, германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон употребиле остри зборови во разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски и неколку други европски лидери, предупредувајќи дека САД би можеле да ја предадат и Украина и Европа.
Предупредувања од Париз и Берлин
Според белешките од повикот, кој бил воден на англиски јазик, Макрон предупредил на можноста за американско предавство.
„Постои можност САД да ја предадат Украина без јасност во врска со безбедносните гаранции“, рече францускиот претседател, додавајќи дека Зеленски е во „голема опасност“. Прашањето за руските барања за територијални отстапки е една од најчувствителните точки во преговорите.
Германскиот канцелар Мерц му рекол на Зеленски дека мора да биде „многу внимателен“ во наредните денови. „Тие си играат со тебе и со нас“, рекол Мерц, веројатно мислејќи на двајцата американски преговарачи – магнатот за недвижности Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Недоверба кон пратениците на Трамп
Овие и други изјави запишани во документот сведочат за длабоката недоверба што Европејците ја имаат кон двајца од доверливите луѓе на Трамп. Иако европските лидери постојано ја фалат новата мировна иницијатива на Вашингтон јавно, документот открива дека, освен Мерц и Макрон, и другите учесници во повикот не им веруваат на американските пратеници, според написите.
Фото: ЕПА
Свет
Путин во Њу Делхи: Ако САД имаат право да купуваат наше гориво, зошто Индија да не ја има истата привилегија
Рускиот претседател Владимир Путин денес слета во Индија, започнувајќи ја дводневната посета обележана со интензивни дипломатски активности и фокус на зајакнување на билатералните односи. Со премиерот Нарендра Моди, Путин ќе разговара за голем број клучни теми, од економска соработка до геополитички предизвици.
Централниот настан на посетата е годишниот руско-индиски самит, традиционален форум за дијалог што се одржува наизменично во Москва и Њу Делхи.
Посетата започна со неформална средба еден на еден меѓу Путин и Моди, како што објави РИА Новости.
„Овој разговор ќе биде еден од клучните настани на посетата на Индија“, потврди Јуриј Ушаков, помошник на рускиот претседател за меѓународни работи, нагласувајќи ја важноста на директниот дијалог за решавање на чувствителни и важни прашања.
Ушаков додаде дека „политиката се создава токму на вакви состаноци“, посочувајќи го стратешкото значење на оваа посета за идното партнерство меѓу Русија и Индија.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави денес, пред почетокот на средбата со индискиот премиер Нарендра Моди во Њу Делхи, дека енергетската соработка меѓу Русија и Индија не е засегната од моменталните услови, минливите политички промени или трагичните настани во Украина.
„На поединечните актери не им се допаѓа растечката улога на Индија на меѓународните пазари поради нејзините врски со Русија. Повеќе од 90 проценти од трансакциите меѓу Индија и Русија се вршат во национални валути“, рече Путин, објави денес порталот Индија.
Тој рече дека има одредено намалување на вкупниот трговски промет во првите девет месеци од оваа година, но дека тој е повеќе или помалку на исто ниво како и претходно.
Тој додаде дека трговијата со нафтени деривати, сурова нафта и руска нафта „непречено“ се одвива во Индија.
„Го знам расположението на руските партнери и компании. Тие веруваат дека индиските партнери се сигурни и многу сериозни луѓе“, рече Путин.
Кога беше замолен да процени како би реагирал американскиот претседател Доналд Трамп доколку Индија купи енергија од Русија, Путин рече дека ниту тој ниту Моди не влегле во соработка за да работат против некого, и покрај надворешните притисоци.
„Ако Соединетите Американски Држави имаат право да купуваат наше гориво, зошто Индија не би имала иста привилегија? Претседателот Трамп има своја агенда и цели, а ние имаме наши. Нашата агенда не е насочена против никого, туку е насочена кон заштита на нашите интереси“, рече Моди.
Тој истакна дека Трамп има советници кои веруваат дека спроведувањето на царинската политика е од корист за американската економија.
„Претпоставувам дека Трамп дејствува со добри намери“, рече Путин и истакна дека секоја земја и нејзиното раководство имаат право да одлучат каква економска политика ќе усвојат.
Фото: ЕПА
Свет
Закана за бомба на централната автобуска станица во Москва
Безбедносните сили истражуваат анонимна закана за поставување бомба на централната автобуска станица во источниот дел на Москва, изјави денес претставник на московските служби за итни случаи.
„Примена е анонимна пријава за закана со бомба на централната автобуска станица“, изјави неименуван извор за „РИА новости“.
Според него, безбедносните сили биле испратени на автобуската постојка за да го истражат телефонскиот повик.
Лажни закани со бомби се упатуваат во разни руски градови од крајот на 2019 година.
Нивните цели се судови, трговски центри, метро-станици, авијациска и железничка инфраструктура, училишта и медицински установи.

