Европа
(Видео) Силно невреме на северот на Италија: загина жена, штетите се огромни, сообраќајот во колапс
Силно невреме денеска го погоди Милано, предизвикувајќи голема материјална штета и прекин на сообраќајот. Поради дрвјата кои паднаа на коловозите одредени делници беа затворени. Блокирани се и неколку железнички линии поради сериозна штета на станицата Монца.
Возовите во различни правци во Ломбардија имаат доцнења од над 1 час, додека многу линии се откажани, пренесуваат локалните медиуми.
58-годишна жена починала откако била згмечена од дрво во градот Лисоне околу 15 часот и 50 минути. Иако случајните минувачи веднаш повикале помош, спасувачите кои први пристигнале на локацијата не успеале да ја спасат повредената жена. На пожарникарите им требаше долго време да го извлечат нејзиното тело од под багажникот, пренесува „АНСА“.
Maltempo ⛈️, nuova bufera con grandine e forti venti su Milano, Monza e Brianza. Nel capoluogo lombardo chiusa la metro M2 per caduta di alberi, Trenord: “Numerosi danni e guasti a causa del maltempo”.#Lombardia #Milano #monza #trenord #brianza #maltempo pic.twitter.com/8EEVFSmIHO
— Libera_informazione_official (@Libera_Info20) July 24, 2023
Пожарникарите добиле стотици повици да ги санираат последиците од невремето, а ситуацијата е особено проблематична во северозападниот дел на Милано. Три лица се повредени при пад на дрвја врз автомобили. Во првиот случај, дрво паднало врз автомобил кој се движел по патот при силното невреме во центарот на градот.
Возачот успеал да излезе од автомобилот без сериозни повреди, но бил пренесен во болница на дополнителни прегледи. Уште три големи дрвја паднаа врз неколку автомобили, при што беа повредени 34-годишна жена и 81-годишна жена, кои со полесни повреди се пренесени во болница. Силен дожд поплави патишта и деловни објекти.
Leroy Merlin DIY external area after the storm #Milano #WeatherUpdate #thunderstorm pic.twitter.com/bXFzLiR3Ne
— wawwoski & Jack & Timos🐾 🐶🐶 (@wawwoski1) July 24, 2023
Нуркачи од противпожарната единица на Милан спасија граѓанин на Вила Кортезе кој остана заробен во неговата поплавена гаража. Дожд со бурен ветер ја зафати и провинцијата Варезе. Пожарникарите добиле бројни повици поради паднати дрвја, поплави и оштетени покриви.
Во моментов на територијата на таа покраина се ангажирани 50 пожарникари со дванаесет возила. За да се исполнат барањата, вратен е и персоналот ослободен од служба. Најпогодени беа областите на границата со провинциите Милано и Комо.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Русите го нападнаа Харков, уништени се згради, меѓу повредените има и дете
Украина ги уништи сите 10 беспилотни летала во руски напад во текот на ноќта, но две лица се повредени, а станбени згради во регионот Харков беа зафатени од пожар, соопштија денеска украинските власти.
Воздухопловните сили на „Телеграм“ соопштија дека Русија лансирала и две противвоздушни наведувани ракети. Портпаролот на украинските воздухопловни сили во телевизиски пренос изјави дека руските ракети, најверојатно, биле насочени кон североисточниот град Харков.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синехубов, рече дека три станбени куќи биле запалени, а десетици биле оштетени како резултат на рускиот напад, чија цел, според него, биле и инфраструктурата и станбените области. На фотографиите што ги објави Синехубов на „Телеграм“ се гледаат големи пламени јазици од станбените згради.
„Две лица, меѓу кои и едно 11-годишно дете, се ранети во нападот и се на медицинска помош“, рече Синехубов на апликацијата „Телеграм“.
„Ројтерс“ сè уште не ја потврди независно оваа вест. Москва негира дека цели на цивили во овие „легитимни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина“.
Европа
Повредени двајца полицајци во Париз кога маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.