Свет
(Видео) Спејс Икс на Маск ја лансираше најмоќната ракета на светот, беше уништена пред крајот на летот
Ракетата Старшип на Спејс Икс, дизајнирана за евентуално испраќање астронаути на Месечината, заврши речиси цел пробен лет во вселената денес при својот трет обид, но беше уништена при нејзиното враќање на Земјата откако стигна подалеку од кога било досега.
За време на директен пренос на летот, коментаторите на Спејс Икс рекоа дека контролата на мисијата ја изгубила комуникацијата со вселенското летало за време на неговото повторно влегување во атмосферата со хиперсонична брзина.
Congratulations to the entire SpaceX team on today’s successful Starship flight test! → https://t.co/VcyTlGvGqY pic.twitter.com/GaDsCPbbVu
— SpaceX (@SpaceX) March 14, 2024
Леталото се приближувало до планираното место за пад во Индискиот Океан околу еден час по лансирањето од Јужен Тексас.
Неколку минути подоцна, Спејс Икс потврди дека леталото е „изгубено“. Најверојатно изгорело или се распаднало при повторно влегување или паѓање во морето.
Од нејасни причини, Спејс Икс одлучи да прескокне една од примарните цели на пробниот лет – обидот повторно да се запали еден од моторите Раптор на Старшип додека лебди во ниска орбита. Ова се смета за клучно за идниот успех.
Сепак, исполнувањето на многу од планираните цели на летот претставува пресвртница во развојот на вселенско летало што е клучно за растечкиот сектор за лансирање на сателити на Спејс Икс, основан во 2002 година од Илон Маск, и лунарната програма на НАСА.
Starship re-entering Earth’s atmosphere. Views through the plasma pic.twitter.com/HEQX4eEHWH
— SpaceX (@SpaceX) March 14, 2024
Шефот на НАСА, Бил Нелсон, му честиташе на Спејс Икс за, како што рече, „успешниот тест лет“.
Претседателката на Спејс Икс Гвин Шотвел на Икс објави дека тоа е „неверојатен ден“.
Двостепеното вселенско летало, кое се состои од брод за крстарење Старшип поставен на врвот на ракетниот носач Супер Хеви, полета од локацијата за лансирање во близина на Бока Чика на брегот на Мексиканскиот залив во Тексас.
Starship will take humanity to Mars pic.twitter.com/BMBNI2mMKF
— Elon Musk (@elonmusk) March 14, 2024
Леталото далеку ги надмина двата претходни лета, кои беа прекинати со експлозии неколку минути по лансирањето.
Компанијата однапред призна дека постои голема веројатност нејзиниот последен лет да заврши со уништување на леталото пред крајот на мисијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Нови детали за малата Данка: нејзината ДНК не била пронајдена на автомобилот со кој била удрена
Како што пренесува „Нова.рс“, на ниеден од предметите што биле земени за помош во истрагата не биле пронајдени биолошки траги од двегодишната Данка Илиќ од Србија.
Српскиот портал напиша дека досега се пронајдени повеќе од 400 траги во службеното возило за кое се сомневаат дека го користеле Дејан Драгојевиќ и Срѓан Јанковиќ кога, според нивното признание, го удриле девојчето. Обвинителството пред неколку дена ги доби резултатите од новите вештачења.
„Од внатрешноста на службениот автомобил во Бор се земени повеќе од 500 траги, како и траги од надворешната страна на автомобилот. Досега вештачењата покажаа дека нема трага од ДНК на Данка Илиќ ниту во самиот автомобил ниту на надворешните делови од возилото“, пишува „Нова.рс“ повикувајќи се на Вишото јавно обвинителство.
Медиумот потсетува дека осомничените работници на фирмата „Водовод“ од Бор, Јанковиќ и Драгијевиќ, биле на работна задача на 26 март кога во Бањско Поле исчезна двегодишно девојче. Според признанието на Драгијевиќ, девојчето го удриле со службеното возило, го задавиле и го фрлиле на дива депонија, од каде што два дена подоцна Дејан со својот татко (73) и сега починатиот брат Далибор (40) наводно го преселиле телото на друга, непозната локација.
Телото на двегодишната Данка сè уште не е пронајдено.
Регион
Се урна конструкција на рингишпил, повредени 13 деца, од кои едно е во животна опасност во Куршумлија
Во Куршумлија денеска се случила несреќа кога на локалниот саем се урнала конструкцијата на рингишпилот, пренесуваат српските медиуми.
Според написите, повредени се 13 деца, од кои едно потешко.
Станува збор за девојче, чиј живот е во опасност и има сериозни повреди на главата и ‘рбетниот столб.
Таа била итно префрлена во КЦ „Ниш“ на Одделот за неврохирургија.
Седум деца се во друга болница, каде што во тек е понатамошна дијагностика, а другите деца се полесно повредени, пишуваат тамошните медиуми.
Свет
Кремљ: Мешањето на силите на НАТО во украинскиот конфликт – огромна опасност
Режимот во Киев е прилично непредвидлив, интервенцијата на воените сили на НАТО во украинскиот конфликт на теренот претставува огромна опасност, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Според него, Москва ја смета за крајно провокативна петицијата објавена на веб-страницата на украинскиот лидер Володимир Зеленски, во која се апелира да се поканат странски војници во Украина.
„Сметаме дека ова во најмала рака е крајно провокативно и го следиме многу внимателно“, рече Песков.
Францускиот претседател Емануел Макрон неодамна во интервју за „Економист“ изјави дека не ја исклучува можноста за испраќање војници во Украина на барање на Киев доколку Русија ја пробие линијата на фронтот. Според него, многу земји од ЕУ се согласиле со мислењето на Париз за ова прашање.
Медиумите претходно објавија и дека Франција испратила војници од својата Легија на странци во Украина, пренесува „Танјуг“.