Свет
(Видео) Терористички напад на шест локации во Шри Ланка, претседателот повика на смиреност
Бројот на загинати во бомбашките напади на шест локации во Шри Ланка се искачи на 137 лица, а над 200 се повредени во неколкуте експлозии во цркви и луксузни хотели во главниот град.
Експлозиите биле пријавени на неколку локации во Коломбо и надвор од градот. Според првичните информации, се случиле шест експлозии, три во католички цркви кои прославувале Велигден и три во хотели со пет ѕвездички, информира полицијата. Експлозиите се случија речиси истовремено. Според Би-би-би меѓу жртвите има и странци, но се уште нема подетални информации.
Претседателот на Шри Ланка, Маитрипала Сирисена во обраќањето кон нацијата, повика на смиреност, но и за претпазливост.
,,Ангажирани се сите расположиви безбедносни сили за да дознаеме кој е одговорен за овие напади и да се спречат дополнителни експлозии”, рече тој.
,,Силно ги осудувам кукавичките напади врз нашиот народ. Ги повикувам сите граѓани да останат обединети и моќни во овие трагични моменти. Ве молиме избегнете ширење на непотврдени информации и шпекулации. Владата ги презема сите мерки за да се санира ситуацијата, изјави премиерот на Шри Ланка, Ранил Викремесинг.
Една од погодените цркви, црквата Св. Себастијан во Негомб, северно од Коломбо, објави фотографии од опустошувањето на внатрешноста на црквата на нејзината страница на Фејсбук, каде што се гледа крв на клупите и подот.
,,Ве молам, дојдете во црквата и помогнете ако вашите членови на семејството се тука”, се вели во повикот на црквата.
,,Слушнавме детонации околу 8:45 наутро. Луѓето истрчаа од црквата, викајќи дека другите се мртви. Потоа влеговме во црквата и ги видовме телата на загинатите, по што ги покривме со пластични вреќи. Набргу пристигна и полицијата и ја расчисти целата област, изјави еден очевидец.
За експлозијата никој не ја презеде одговорноста, но во Шри Ланка неодамна се стравуваше од враќањето на припадниците на поразената Исламска држава од боиштата во Сирија.
Националниот центар за трансфузиологија ги повика граѓаните да донираат крв, поради големиот број на повредени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефот на НАТО: Кина сака добри односи со Западот и и помага на Русија, не може да ги има и двете
Кина мора да престане да ја поддржува руската војна во Украина ако сака да ужива во добри односи со Западот, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, предупредувајќи го Пекинг со невообичаено остри зборови дека не може да ги има и двете. За време на посетата на Берлин, шефот на западната воена алијанса рече дека помошта на Пекинг е од витално значење за воените напори на Москва бидејќи ја зајакнува воената економија на Русија со споделување на врвна технологија, како што се полупроводниците.
„Минатата година Русија увезе 90 отсто од својата микроелектроника од Кина, која се користи за производство на проектили, тенкови и авиони. Кина исто така работи на Русија да и обезбеди подобрени сателитски способности“, рече Столтенберг. „Кина вели дека сака добри односи со Западот. Во исто време, Пекинг продолжува да го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна. Не може да ги има и двете“, предупреди тој.
Столтенберг ги предупреди западните сојузници да не станат зависни од Кина како што беа од Русија. „Во минатото направивме грешка што станавме зависни од руската нафта и гас. Не смееме да ја повториме таа грешка со Кина и да зависиме од нејзините пари, суровини и технологии. Зависноста не прави ранливи“, додаде тој.
Кина ги зајакна трговските и воените врски со Русија во последниве години, бидејќи САД и нивните сојузници воведоа санкции и на двете, но особено на Москва, поради нејзината инвазија на Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави во четвртокот дека планира да отпатува за Кина во мај, но не прецизираше точно кога.
Свет
САД градат привремено пристаниште во близина на Газа за испраќање хуманитарна помош
Соединетите Држави почнаа да градат пристаниште во Газа, соопшти денеска Пентагон, проект кој треба да ја олесни испораката на хуманитарна помош на палестинската територија. Пристаништето треба да профункционира на почетокот на мај.
Во март, претседателот Џо Бајден објави дека американската војска ќе изгради привремено пристаниште на медитеранскиот брег на Газа за да добива хуманитарна помош по море.
Изградбата е дел од напорите да се спречи гладувањето во палестинската енклава, која веќе пет месеци се наоѓа во средината на израелската воена кампања против Хамас, која го опустоши Појас Газа и ги потопи нејзините 2,3 милиони луѓе во хуманитарна катастрофа.
„Можам да потврдам дека американските воени бродови, вклучително и УСНС Бенавидез, почнаа да градат привремено пристаниште…“ изјави за новинарите портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.
ОН предупредија дека Газа е во опасност од глад и се пожалија на „огромни пречки“ при добивањето помош и нејзино дистрибуирање низ енклавата.
Агенциите за помош и администрацијата на Бајден го молеа Израел да ја олесни испораката на помош во Газа и да им дозволи на нивните конвои безбедно поминување на територијата.
Рајдер рече дека Пентагон следи некој вид минофрлачки напад во Газа што предизвика минимална штета во близина на областа каде што се гради пристаништето, но додаде дека американските сили сè уште не почнале да преместуваат ништо во областа и дека нема американски сили на теренот.
Свет
(Видео) Големи поплави во Танзанија, загинаа 155 луѓе
Во поплавите во Танзанија загинаа 155 луѓе, а најмалку 236 се повредени, изјави денеска премиерот Касим Мајалива. Во поплавите оштетени се повеќе од 10.000 куќи.
Премиерот додаде дека обилните дождови предизвикани од Ел Нино и придружени со силен ветер доведоа до поплави и лизгање на земјиштето во различни делови на земјата.
„Многу луѓе загинаа. Имаше штета на посевите, куќите, инфраструктурата како патишта, мостови и железници“, рече Мајалива.
Поплави ја погодија и Кенија, која се граничи со Танзанија на истокот на Африка, при што загинаа повеќе од 30 луѓе, пишува Си-ен-ен.
Во Кенија врне силен дожд од средината на март, а врнежите се интензивираа минатата недела. Кенискиот Црвен крст изврши повеќе од 188 спасувачки операции од март. Властите вчера затворија некои патишта во главниот град на Кенија, а неколку населби беа поплавени.