Свет
(Видео) Тинејџери снимале видео за „Тик ток“ и пронашле човечки тела во вреќи
Властите во Сиетел идентификуваа остатоци од две лица, кои беа пронајдени од страна на тинејџери додека снимале, а кои минатиот месец снимале видео за „Тик ток“.
Жртвите се 35-годишната Џесика Луис и 27-годишниот Остин Венер, кои се застрелани неколку дена пред да бидат најдени нивните тела. Член на нивното семејство рекол дека тие двајца биле заедно со години, пренесува Си-ен-ен.
Речиси една недела откако биле застрелани жртвите, тинејџерите ги пронашле нивните тела во вреќи на плажа во Сиетел и веднаш повикале полиција, а потоа објавиле видео на „Тик ток“.
„Мило ни е што е објавено видеото. Децата пронашле вреќи на плажа, кои имале непријатен мирис, и веднаш повикале надлежни служби. Полицијата стигнала на самото место за еден и пол час и утврдила дека се работи за човечки остатоци“, рекол детективот Марк Џејмисон.
Истрагата е во тек.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Русија нудела размена на Венецуела за Украина, тврди поранешна советничка на Трамп
Уште во 2019 година, руски функционери наводно му сигнализирале на Вашингтон дека се подготвени за необичен договор: ќе им дозволат на САД слободно дејствување во Венецуела, доколку за возврат им се овозможи непречена контрола над Украина. Ова го тврди Фиона Хил, поранешна советничка на Доналд Трамп, која повторно се најде во фокусот на јавноста по неодамнешниот американски напад врз Венецуела, пишува „Киев индипендент“.
Фиона Хил, тогашна главна советничка на Белата куќа за Русија, ги изнела овие детали за време на сведочењето пред Конгресот во ноември 2019 година, во рамки на истрагата за импичментот на претседателот Трамп. Според неа, Кремљ во април истата година ја изнел можноста да се откаже од своето влијание во Венецуела, во замена за целосна контрола над Украина.
Руски функционери, како што навела Хил, „многу силно сигнализирале дека сакаат некако да направат многу чуден договор за размена меѓу Венецуела и Украина“. Иако предлозите од Москва биле „неформални“, пораката била недвосмислена: „Знаете, вие ја имате вашата Монро доктрина. Нè сакате надвор од вашиот двор. Па, знаете, и ние имаме наша верзија на тоа. Вие сте во нашиот двор во Украина“. Хил додала дека била испратена во Русија за да го отфрли тој предлог.
Свет
Би-би-си: Европските лидери стравуваат да не ја изгубат поддршката на Трамп поради Гренланд
На состанокот на таканаречената „Коалиција на подготвените“ во Париз, посветен на мировниот план за Украина, во фокусот неочекувано се најде зголемената тензија околу Гренланд, кој американскиот претседател Доналд Трамп сака да го стави под контрола на САД, пишува Би-Би-Си.
Иако украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека планот за мир е „90 отсто завршен“, европските лидери избегнувале директна конфронтација со Трамп, стравувајќи од губење на американската поддршка. По заедничка изјава на шест европски земји дека иднината на Гренланд треба да се решава колективно во рамки на НАТО и дека одлуката ѝ припаѓа на Данска, Белата куќа возврати дека „разгледува низа опции“, вклучително и купување на островот.
Дополнителна загриженост предизвика изјавата дека употребата на американската војска „секогаш е опција“. Европските лидери предупредуваат дека ваквите закани ја доведуваат во прашање довербата во трансатлантскиот сојуз и ја откриваат слабоста и поделеноста на Европа. Според експерти, ситуацијата околу Гренланд претставува сериозен тест за ЕУ и егзистенцијална дилема за НАТО.
Фото: Depositphotos
Свет
САД ја проширија листата на држави: гаранција до 15.000 долари за американска виза
Државјаните на уште 25 земји, меѓу кои и Венецуела, може да мора да положат гаранција до 15.000 долари за да добијат американска виза, соопшти американскиот Стејт департмент. Со ова, листата опфаќа вкупно 38 држави, претежно од Африка, Латинска Америка и Јужна Азија. Новите правила стапуваат на сила на 21 јануари.
Гаранцијата ќе изнесува 5.000, 10.000 или 15.000 долари и ќе се утврдува при интервјуто за виза Б1/Б2, а уплатата ќе се врши преку платформата Pay.gov. Мерката е дел од пилот-програма започната во август, чија цел е да се спречи пречекорување на дозволениот престој.
Администрацијата на Доналд Трамп ја оправдува мерката со зајакнување на безбедноста, додека организациите за човекови права ја критикуваат како рестриктивна.
Фото: pexels

