Европа
(Видео) Украина го одбележува Денот на единството, граѓаните порачаа: „Не се плашиме“
Украинците денеска ги развеаjа националните знамиња и ја свиреа националната химна за да покажат заедништво по повод Денот на единството, а против стравот од руската инвазија, која, според тврдењата на западните сили, може да биде неизбежна.
Жолто-синото знаме денеска беше развеано пред училиштата, болниците и многу продавници по повод националниот празник што украинскиот претседател Володомир Зеленски го прогласи оваа недела поради групирањето руски војници во близина на украинската граница откако претходно најави дека ден за нападот би можел да биде 16 февруари, јавува агенцијата „Ројтерс“.
Русија, сепак, негира дека ќе изврши инвазија, но предупреди дека може да преземе неопределени воено-технички дејства доколку нејзините безбедносни барања не се исполнат.
На главниот киевски булевар Хрешчатик, каде што знамиња ги красеа владините канцеларии, денешниот ден за многу граѓани беше горе-долу ист како и сите други.
„Ова е обичен ден, но овие знамиња се тука за да покажат дека од никого не се плашиме. Не нè исплашија“, вели извесен Микола, кој е сопственик на мал штанд за кафе во главниот град.
Од звучници во една локална канцеларија на владата се слушале патриотски песни, а телевизиските и владините канали на „Јутјуб“ емитуваат говори и потсетуваат на државноста на Украина.
„Сите сакаат да нè исплашат, а ние ќе останеме тука“, вели пензионерката Људмила, која носела мало украинско знаме на реверот од својот капут.
Стотина луѓе истакнаа украинско знаме долго 200 метри на Олимпискиот стадион во Киев веејќи го во ритамот на патриотска музика.
Во телевизиско обраќање претседателот Зеленски рече дека Украинците се обединети за заедничката желба да живеат во мир, среќно со своите семејства.
„Никој не може да го сака својот дом како нас. И само заедно можеме да го заштитиме нашиот дом“, рече претседателот.
Зеленски подоцна треба да присуствува на воени вежби во Ривне, а потоа да лета до источен Донбас за да се сретне со воените сили.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Макрон: Руските напади врз цивили се неприфатливи, испраќаме помош во Украина
Францускиот претседател Емануел Макрон вчера ги осуди руските напади врз цивилите и енергетската инфраструктура и најави испраќање генератори во Украина.
„Вчерашниот напад врз патнички воз во регионот Харков е неприфатлив. Франција остро ги осудува руските напади врз цивилите и енергетската инфраструктура. Соочени со итноста, се мобилизираме. По состанокот на Г7+, на кој копретседател е Франција, во Украина ќе бидат испратени генератори за да му се помогне на населението да ја преброди зимата“, рече Макрон на платформата за социјални медиуми Икс.
Неговата изјава следеше по телефонскиот разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
J’ai échangé à l’instant avec le Président @ZelenskyyUa.
L’attaque d’hier contre un train de passagers dans la région de Kharkiv est inacceptable.
La France condamne avec la plus grande fermeté les frappes russes contre les civils et contre les infrastructures énergétiques.…
— Emmanuel Macron (@EmmanuelMacron) January 28, 2026
„Ставот на Франција е јасен: ние ќе ја поддржиме Украина колку што е потребно за да се одбрани и да ја победи агресијата предводена од Русија. Украина може да смета и на Франција во рамките на Коалицијата на волните. Ние продолжуваме да работиме на создавање услови за праведен и траен мир што ја гарантира безбедноста на Украина и Европа“, рече Макрон.
Тој додаде дека европските лидери се согласиле целосно да бидат вклучени во дискусиите што ги засегаат во контекст на тековните мировни преговори.
„Франција останува решена да го зголеми притисокот врз Русија сè додека таа избегнува мир. Работиме на нови санкции на европско ниво и ќе продолжиме со нашите напори за нарушување на флотата во сенка“, додаде Макрон.
Европа
Мерц: Влезот на Украина во ЕУ во 2027 година не доаѓа предвид, тоа не е можно
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека пристапувањето на Украина во Европската Унија во блиска иднина не е можно.
„Пристапувањето на 1 јануари 2027 година не доаѓа предвид. Тоа не е можно“, рече Мерц по разговорите со коалициските партнери во Берлин.
Секоја земја што сака да се приклучи на ЕУ прво мора да ги исполни Копенхашките критериуми, процес што обично трае неколку години, истакна канцеларот.
Сепак, тој нагласи дека на Украина ѝ е потребна перспектива што ќе го отвори патот за пристапување на долг рок.
„Можеме постепено да ја доближиме Украина до Европската Унија за време на овој процес“.
„Тоа е секогаш можно, но толку брзо пристапување едноставно не е изводливо“, додаде Мерц.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повтори барањето на неговата земја за членство во ЕУ уште во 2027 година.
„Пристапувањето на Украина во Европската Унија е една од клучните безбедносни гаранции не само за нас, туку и за цела Европа“, напиша тој на платформата Икс по телефонскиот разговор со австрискиот канцелар Кристијан Штокер.
„Колективната сила на Европа е можна, особено благодарение на безбедносниот, технолошкиот и економскиот придонес на Украина“, истакна Зеленски.
Европа
(Видео) Изгоре луксузен хотел на француските Алпи
Десетици луѓе беа евакуирани откако синоќа пожар го зафати хотелот со пет ѕвездички во скијачкиот центар Куршевел на француските Алпи.
Никој не е повреден во пожарот што избувна на таванот на хотелот „Hotel des Grandes Alpes“ околу 19 часот, соопшти префектурата на регионот Савоја на својата веб-страница.
🔥 Courchevel : incendie en cours dans un hôtel de luxe
▶️ Le feu serait parti des combles. 261 personnes ont dû être évacuées, aucune n’a été blessée
🚒 Les pompiers, toujours sur place, font face à un risque important de propagation pic.twitter.com/BoeIJcDjnQ
— LCI (@LCI) January 28, 2026
Службениците соопштија дека повеќе од 90 лица биле евакуирани од хотелот синоќа, додека блискиот хотел „Le Lana“, кој има речиси 200 гости, исто така бил евакуиран утрово поради ризик бидејќи пожарот продолжувал. Персоналот и гостите се засолниле во други хотели.
131 пожарникар беа распоредени на местото на настанот. Безбедносните мерки во регионот се под лупа откако пожар во бар во швајцарското одморалиште Кран-Монтана на новогодишната ноќ уби 40 лица, а повреди повеќе од 100, од кои многумина тинејџери.

