Свет
(Видео) Хорор во Москва: петгодишно девојче пронајдено во стан затрупан во ѓубре и лебарки
Полицијата морало да носи заштитна облека во акцијата за спасување на петгодишното девојче во Русија, кое го нарекоа женски Могли. Девојчето не зборува, ниту знае да се однесува со луѓето, а подолго време живеело во стан во Москва кој личи на депонија, полн со лебарки.
Запоставеното девојче го нарекоа Љубов. Кога го пронашле, тоа било дехидрирано и болно бидејќи неговата мајка Ирина Гарасенко (47) го оставила во валкан стан полн со ѓубре веќе подолго време, пишува „Дејли мејл“.
Прегладнетото девојче во ѓубрето си направило засолниште, каде што се криело, а станот толку бил запуштен што полицијата морало да носи заштитна облека за да влезе внатре.

Медиумите откриваат стравотни детали за случајот. Синџирчето што детето го носело му зараснало во вратот, кој бил во рани. Првата средба со детето покажала дека тоа не знае да зборува, туку дека испушта само некакви крици.

Кога спасувачите му понудиле вода, руските медиуми пишуваат дека тоа испила два литра. Се претпоставува дека девојчето има анорексија, што ќе биде утврдено при прегледите што следуваат. Во станот прв влегол соседот кога го слушнал плачот на детето по што ја повикал полицијата.
„Речиси се онесвестивме кога видовме во каква состојба е станот и колку смрдеше. Полицајците мораа да носат заштитна облека. Ѓубрето беше изгниено и се чувствуваше ужасна реа. Девојчето седеше покрај прозорецот на кујната. Имаше шапка и кошула на себе. Немаше долна облека. Ужасно плачеше. Во станот немаше храна, а насекаде лазеа лебарки“, изјави соседот.

Соседите раскажуваат дека мајката дошла пред пет години носејќи со себе бебе, но дека набргу го оставила да живее со бабата. Нејзиниот сопруг го депортирале во Украина.
Претпоставките се дека детето од неговото раѓање никогаш не излегло надвор ниту, пак, имало контакт со надворешниот свет.
Кога полицијата го спаси бебето, мајката се вратила дома, но соседите ја спречиле да побегне. Таа е уапсена под обвинение за обид за убиство и е задржана во притвор. Соседите исто така сведочат дека жената елегантно се облекувала, им велела дека има постојана работа и помагала во чистењето на заедничките простории во блокот во кој живееле.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Здравствено предупредување во Велика Британија поради студеното време
Четиридневно здравствено предупредување поради студеното време е на сила во Велика Британија од денес, а Метеоролошката служба предупреди на снег и мраз.
Предупредувањето на Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија ги опфаќа централните и северните области на земјата и трае до понеделник во 8 часот наутро, објавува „Sky News“.
Метеоролошката служба објави дека арктичката морска воздушна маса донесе постудени услови и издаде жолто ниво на предупредување за снег и мраз.
Оваа состојба ја опфаќа практично цела Шкотска и поголемиот дел од северна Англија.
„На локациите над 200 метри во Шкотска и северна Англија може да се видат 2-5 см снег, но на локациите над 300 метри може да се видат двојно повеќе, дури и до 10 см“, изјави главниот прогнозер на Метеоролошката служба, Џејсон Кели.
Утре низ целата земја се предвидува утро со мраз и температури под нулата, а на некои места се очекува сув ден, прв од почетокот на годината, имајќи ја предвид големата количина на врнежи од почетокот на јануари.
Северна Ирска, исто така, го забележа највлажниот јануари во последните 149 години, според „Скај њуз“.
Метеоролошката служба најави дополнителни дождови, силни ветрови и снег во северните области.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Свет
Зеленски потпиша: Украина воведува санкции за 91 брод од руската „флота во сенка“
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потпиша указ за спроведување на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана за воведување санкции врз 91 брод кои се дел од таканаречената руска „флота во сенка“, објави Канцеларијата на претседателот на Украина.
Канцеларијата забележува дека Русија ги користела овие бродови за транспорт на нафта и нафтени деривати од руските пристаништа до трети земји, пренесува Укринформ.
Како што е наведено, ова е направено со заобиколување на санкциите на Европската Унија, Г7 и други земји, што е потврдено од резултатите од мониторингот во Црното, Црвеното и Балтичкото Море.
Санкцираните бродови пловеле под знамињата на околу 20 земји, наведува Укринформ, додавајќи дека само едно од нив било руско, а другите биле знамињата на Панама, Либерија, Камерун, Барбадос, Маршалските Острови, Хонг Конг, Сиера Леоне, Тонга, Палау, Гвинеја, Коморите, Бахамите, Индонезија, Малави, Гвинеја-Бисао, Џибути, Гвајана и Есватини.
„Украина ќе им обезбеди релевантни информации на овие земји, а исто така ќе соработува со партнерите за понатамошна синхронизација на санкциите во нивните јурисдикции. Од оваа листа на бродови, 27 веќе се под санкции од партнерите – САД, Велика Британија, Швајцарија и Европската Унија. Работата за воведување санкции за преостанатите 64 ќе продолжи“, забележува публикацијата.
Кабинетот на претседателот нагласува дека воведувањето санкции врз „флотата во сенка“ е приоритет, бидејќи овозможува да се изврши притисок врз секој што транспортира руска нафта и со тоа ѝ помага на Русија да добие средства за финансирање на војната против Украина.
„Танкерите на „флотата во сенка“ се клучна алатка за заобиколување на санкциите за нафта, па затоа нивната идентификација и воведувањето санкции против нив мора да се изврши брзо и без исклучок. Секој таков брод мора да се смета за елемент на финансирање на руската воена машинерија“, рече Владислав Власјук, советник и комесар на претседателот за политика на санкции, пренесува Танјуг.

