Свет
Властите затворија неколку паркови во Сиднеј откога беше откриен азбест
Австралиските власти денеска затворија неколку паркови во Сиднеј, откако на неколку локации во градот беше откриен азбест.
Градскиот совет на Сиднеј соопшти дека ќе започне со проверка на 33 паркови за да утврди дали се загадени со азбест и дека тестирањето ќе трае неколку недели.
Околу 700 ученици во јавното училиште во југозападен Сиднеј ќе бидат преместени неколку недели откако беше пронајден азбест во кампусот на училиштето, пренесува Ројтерс.
Почнаа инспекции во уште седум училишта, а наодите се очекуваат подоцна денеска, соопштија властите.
Парадата на ЛГБТ, „Марди Грас“ во Сиднеј, закажана за недела, која вообичаено привлекува десетици илјади луѓе, е откажана откако околу местото на одржување беа пронајдени траги од азбест.
Освен на една локација, типот на откриениот азбест е врзан азбест, кој претставува низок ризик за здравјето на луѓето и животната средина, соопшти Управата за заштита на животната средина (ЕПА), пренесува Танјуг.
Австралиската влада на Нов Јужен Велс формираше работна група за да обезбеди повеќе ресурси и персонал за поддршка на ЕПА.
Австралиската министерка за животна средина Пени Шарп рече дека тоа е најголемата еколошка криминална истрага во последните децении.
Азбестот првпат беше пронајден во јануари на игралиште во западниот дел на Сиднеј, подоцна откриен на неколку локации во близина на парк, а досега е пронајден на околу 20 локации во градот.
Азбестот се користи од крајот на 19 век за зајакнување на цементот и како огноотпорен материјал, но истражувањата покажаа дека азбестните влакна може да предизвика воспаление и рак на белите дробови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мелони: Му се јавив на Трамп и му кажав што мислам
Иако Италија можеби не е меѓу земјите на кои им се закануваат новите американски царини, премиерката Џорџа Мелони изјави дека одлуката на Доналд Трамп ја смета за „грешка“.
Во изјава за новинарите за време на нејзината посета на Јужна Кореја, Мелони потврди дека својот став му го пренела лично на Трамп неколку часа претходно.
„Разговарав со Трамп и му кажав што мислам. Зголемувањето на царините против нациите што одлучија да придонесат за безбедноста на Гренланд е грешка, и не се согласувам со тоа“, рече Мелони.
Италијанската премиерка додаде дека за споменатите царини разговарала директно со Трамп.
„Мислам дека беше заинтересиран да слуша, но ми се чини дека пораката која доаѓа од оваа страна на Атлантикот не беше доволно јасна за Америка“, изјави таа, без да открие како Трамп реагирал на нејзините зборови.
Мелони посочи дека веројатно дошло до „проблем во разбирањето и комуникацијата“ меѓу Европа и САД околу одлуката на неколку европски држави да распоредат ограничен број војници на Гренланд.
Таа нагласи дека таа одлука не треба да се толкува како „антиамериканска“ и додаде дека „дијалогот мора да продолжи, а ескалацијата да се избегне“.
Свет
Данската премиерка му одговари на Трамп: Европа нема да биде уценувана
Европа нема да биде уценувана со царински закани од американскиот претседател Доналд Трамп, изјави премиерката на Данска, Мете Фредериксен.
„Кралството Данска добива голема поддршка. Истовремено, сега е уште појасно дека ова прашање ги надминува нашите национални граници“, наведе таа.
„Токму затоа е уште поважно цврсто да стоиме зад темелните вредности врз кои е изградена европската заедница. Ние сакаме соработка, а не сме ние тие што бараат судир“, додаде Фредериксен.
Свет
Поранешниот шеф на НАТО: Освојувањето на Гренланд би значело крај на светскиот поредок
Насилното преземање на Гренланд од страна на САД би значело „крај на светскиот поредок каков што го познаваме“, изјави поранешниот генерален секретар на НАТО и поранешен дански премиер Андерс Фог Расмусен, пренесува „Фајненшел тајмс“.
Расмусен го спореди јазикот што го користи Доналд Трамп за Гренланд со јазикот на „гангстери“ во Русија и Кина, кои САД, според него, би требало да се обидат да ги контролираат.
„За мене тоа беше болен процес. Од детството ги сметав САД за природен водач на слободниот свет. Дури зборував за САД како за светски полицаец“, изјави Расмусен, кој испратил дански трупи да се борат заедно со САД во Авганистан.
„Сега гледаме дека САД користат јазик што е прилично сличен на гангстерите што треба да ги контролираат – во Москва, Пекинг итн.“, додаде тој.
Расмусен исто така предупреди дека ваквите поделби на Запад му одат во прилог на Кремљ.
„Убеден сум дека Москва се надева Гренланд да стане санта мраз што ќе го потопи НАТО“, рече тој, заклучувајќи: „Значи, ова е прашање што оди подалеку од Данска и Гренланд… Освојувањето на Гренланд би било крај на светскиот поредок каков што го познаваме.“

