Свет
(Вознемирувачко видео) Службеничка во Индија запалена жива поради имотен спор
Даночна службеничка жива е запалена вчера во нејзината канцеларија во јужната индиска држава Телангана, поради имотен спор, јави локалната полиција, пренесе Би-би-си.
Вилаја Реди починала на лице место, а еден нејзин колега, кого го зафатил огнот додека се обидувал да ја спаси, починал денеска. На видеоснимката од ужасниот настан, која е објавена на социјалните мрежи, се гледа како Реди плаче и моли за помош, потоа на неа некој фрла покривка за да го угасне огнот. Исто така се појави и снимка од местото на настанот по нејзината смрт.
Полицијата соопшти дека го притворила осомничениот за овој напад, кој исто така се здобил со изгореници. Инцидентот се случил околу 13:30 часот, по локално време, откако Реди се вратила од судско рочиште. Во нејзината канцеларија ја пречекал маж идентификуван како К.Суреш.
Двајца нејзини колеги исто така се здобиле со изгореници, додека се обидувале да ја спасат Реди. Едниот од нив рекол дека слушнал врисоци од неговата канцеларија, но дека не можел да влезе бидејќи вратата била заклучена одвнатре.
Сведоци рекле дека Суреш истрчал од зградата со изгореници. Полицијата го видела како оди по улица и го однела во болница. Суреш, кој живее во блиското село, заедно со неговото семејство воделе судска постапка околу земјиште.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Судир помеѓу автобус полн со ученици и автомобил: има загинати и повредени во Италија
Во сообраќајна несреќа во која учествувале автобус со 50 студенти и автомобил што преминал во спротивната лента, едно лице загинало, а 15 се повредени утрово во италијанската покраина Тревизо, објавува RAI денес.
Несреќата се случила во 7:45 часот наутро, а по судирот, двете возила завршиле во канал покрај патот.
Поради силата на ударот, возачот на автомобилот починал на лице место, а патниците во автобусот се здобиле со полесни повреди.
Возачот на автобусот и петте повредени студенти се префрлени во болница на лекување и прегледи.
Автобусот со студенти тргнувал од Сан Дона ди Пјаве во близина на Венеција, а несреќата се случила веднаш откако возилото поминало остра кривина, кога автомобил што доаѓал од спротивната насока преминал во спротивната лента.
Возачот се обидел да го избегне судирот, но не успеал, а двете возила завршиле во канал од патот на спротивните страни.
Карабинерите во моментов ги истражуваат околностите на несреќата.
Фото: принтскрин
Свет
Трамп: Не ми е дозволено да се кандидирам за трет мандат, што е тажно
Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека не му е дозволено да се кандидира за трет мандат признавајќи ги ограничувањата утврдени во Уставот на САД, објави АФП.
Трамп и неговите поддржувачи постојано го иницираат прашањето за кандидатурата на 79-годишниот лидер во 2028 година, што предизвика загриженост кај неговите противници и радост кај поддржувачите, забележува агенцијата.
„Имам највисок рејтинг на одобрување досега и, знаете, врз основа на она што го читам, претпоставувам дека не ми е дозволено да се кандидирам, па ќе видиме што ќе се случи… Тоа е многу жално“, рече Трамп во авионот „ер форс уан“.
Уставот на САД ги ограничува претседателите на два мандата, а Трамп го почна својот втор мандат во јануари.
Трамп честопати забележуваше дека неговите поддржувачи го поттикнуваат да владее и по сегашниот мандат и покрај уставните ограничувања. Неодамна дури и ги покажа познатите црвени капи во Овалната соба, но со зборовите „Трамп 2028“ напишани на нив.
Обновените разговори за трет мандат доаѓаат откако Стив Бенон, поранешниот главен стратег на Трамп и клучен идеолог на неговото движење „Да ја направиме Америка повторно голема“, минатата недела изјави дека постои план претседателот да остане во Белата куќа.
„Тој ќе има трет мандат… Трамп ќе биде претседател во 2028 година. И луѓето, едноставно, ќе мора да го прифатат тоа“, изјави Банон за „Економист“.
Запрашан за 22. амандман, кој го ограничува бројот на мандати, Банон рече: „Постојат многу алтернативи. Во соодветно време ние ќе го изложиме планот“.
Свет
Саркози под закана и зад решетки: затворениците сакаат одмазда за Гадафи
Поранешниот француски претседател Никола Саркози, кој моментно издржува затворска казна, продолжува симболично да ја претставува својата земја – дури и зад решетки. Како што објави порталот „Атлантико“, неодамнешните закани од одредени затвореници за одмазда за Моамер Гадафи покажуваат колку е длабок јазот помеѓу француското општество и дел од мигрантското население.
Според анализата на француските новинари, случајот открива отворен презир кон државата што примила многу од овие луѓе и им обезбедила нов живот. „Постои јасна врска помеѓу фактот дека криминалецот не ги признава законите на земјата што го посвоила и фактот дека покажува поголема лојалност кон либискиот диктатор Моамер Гадафи отколку кон поранешниот шеф на француската држава“, наведува „Атлантико“.
Авторите на текстот предупредуваат дека станува збор за поширок проблем – отфрлање на француските вредности и правила како наводна форма на потчинување, а колонијалното минато се користи како постојан изговор за одбивање интеграцијата и повикување на одмазда.
„Би било погрешно да се минимизира значењето на она што се случува“, истакнуваат француските коментатори заклучувајќи дека овој случај е само еден во низата индикатори за длабока криза на идентитетот и социјалната кохезија во современа Франција.
Фото: принтскрин

