Свет
Во американски град со 150.000 хотелски соби луѓе спијат на паркиралиште
Карантинот поради коронавирусот, што стапи во сила во повеќето сојузни американски држави, стана проблем за бездомната популација, која на западот од САД брои над 50.000 луѓе.
Во Лас Вегас, Невада, поради еден случај на инфекција, затворен е прифатен центар за бездомници, во кој имало 500 кревети, па градските власти отворија засолниште за бездомници – на паркинг. Неверојатните фотографии од бетонот на кој се исцртани квадрати, кои служат како потсетници за одржување на потребното растојание, предизвикаа гнев на социјалните мрежи, но градските власти се правдаат дека за бездомниците обезбедиле и душеци, кои сè уште не се во доволен број. Сепак, и ваков вид сместување значи многу за некои луѓе.
„Ќе се расплачам од среќа. Се чувствувам убаво и безбедно тука, не е како на улиците“, вели бездомничката Дениз Ленкфорд.

Таа и другите бездомници на паркингот нема да бидат тука предолго бидејќи набргу се очекува да се отвори црковно засолниште, но дотогаш ќе мора да спијат на бетонот.
Лас Вегас, кој е познат како престолнина на коцкањето, поради коронавирусот, ги затвори сите 113 хотели, во кои вкупно има 150.000 соби, па некои корисници на социјалните мрежи ги критикуваа градските власти кои не покажале иницијатива барем на неколку дена да ги сместат бездомниците во некој од хотелите.
Меѓу нив е и Џулијан Кастро, поранешен претседателски кандидат, кој исто така беше и во тимот на Барак Обама. Тој предупреди на репресијата кон бездомниците, кои градот Лас Вегас од неодамна ги казнува со 1.000 долари ако спијат или лежат на градски површини.
Во државата Невада има приближно 6.500 бездомници, повеќето од нив во Лас Вегас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маск предлага криминалците да ги следат роботи наместо да одат во затвор
Елон Маск повторно ја изненади јавноста со идеја осудениците да не одат во затвор, туку да бидат следени од роботот Оптимус како похуман начин“да се спречат нови злосторства. На состанок на акционерите на Тесла, тој предложи секој криминалец да добие робот кој ќе го следи и ќе го спречува да прави криминал.
Идејата отвори бројни недоразјаснети прашања: како би функционирале роботите во спречување на криминал, кој би го финансирал системот и кои се етичките ризици од заменување на затворите со роботска контрола.
Иако изјавата може да звучи како импровизација, аналитичарите потсетуваат дека Маск има огромно влијание и дека неговите зборови се значајни. Порталот „Електрек“ додава дека акционерите на Тесла всушност го зголемиле неговото богатство и моќ на сопствена штета.
Регион
Масакр во Србија: четиричлено семејство цел на убиецот – починаа таткото и синот
Таткото М.Л. (69) и неговиот син М.Л. (44) биле убиени во семејната куќа во селото Завидинци кај Бабушница денес околу 16 часот. Полицијата ги пронашла нивните тела, но и две повредени лица – мајката С.Л. и братот на убиениот син М.Л. Жената била ранета во главата и токму таа го пријавила случајот во полиција.
Како што дознава „Блиц“, тие биле убиени во дворот на семејната куќа.
При јавувањето во полиција, таа навела дека смртоносните повреди ги нанел извесен С.М.
Полицијата го затекнала осомничениот С.М., кој веднаш бил задржан од страна на полицијата.
Сè уште не е познато кој е извршителот, но полицијата се сомнева на неколку лица и врши проверки.
Жителите на Завидинци велат дека не знаат што точно се случило, бидејќи злосторството се одвивало на периферијата на селото.
„Тоа се фини луѓе, татко, мајка и двајца синови. Едниот од нив има сериозни здравствени проблеми поради кои никогаш не излегува од куќата. Последен пат го видов пред околу петнаесет години. Чувме дека некој од нивното семејство е убиен, но сè уште не знаеме точно што се случило. Во селото кружат разни верзии: според една, напаѓач е синот, а според друга – во нив пукал сосед. Во секој случај, многу сме уплашени затоа што не знаеме дали напаѓачот е на слобода. Ја повикав полицијата во Пирот, никој не ми се јави, а сакав да дознаам дали сме безбедни и што се случува. Пријатели и роднини постојано нè бараат затоа што се загрижени, а ние не знаеме што да кажеме, бидејќи ни самите не знаеме што точно се случило“, наведе жителка на Завидинци за локалните медиуми.
Свет
„Телеграф“: Авионот што вечерва се урна кај Суботица паднал на истото место пред три години
Авионот од типот „Пајпер“ (Piper), кој вечерва околу 17 часот се урна кај аеродромот „Биково“ во Суботица, не паднал за првпат – истото летало, регистрирано како YU-DPV, имало несреќа и пред три години, под речиси исти околности, дознава ексклузивно „Телеграф“.
Вечерва, во леталото беа двајца членови на екипажот. Едно лице загина на лице место, додека другото во тешка состојба е пренесено во болница. Падот се случил за време на приодот кон аеродромот Биково, а причината сè уште не е позната. Полицијата, пожарникарите и Итната помош се на терен и увидот е во тек.
Претходната несреќа се случила на 24 септември 2022 година, исто така кај аеродромот Биково. Тогаш авионот ја изгубил силата на моторот за време на школски лет, па екипажот се обидел со присилно слетување. Авионот бил тешко оштетен, но пилотот и пилот-патникот поминале без потешки повреди.
Тогаш биле утврдени сериозни оштетувања: деформирана шасија за слетување, оштетен труп, елиса и крилја. Деталите од вечерешната несреќа допрва треба да бидат утврдени, а се очекува анализа што ќе покаже дали постои каква било поврзаност со претходната историја на летелото.

