Свет
Во Венецуела е толкава сиромаштија што луѓето ограбуваат гробови
На најголемите гробишта во Каракас, Кементерио дел Сур, повеќето од гробовите се ограбени поради накит, златни заби или дури самите коски од мртовецот. Како што се наведува, тие може да се продадат за користење во ритуали.
На ужалените членови на семејствата на починатите не им преостанува ништо друго, освен редовно да ги проверуваат гробовите. За нив, оваа ситуација е метафора за хаотичната состојба во Венецуела воопшто.
„Доаѓам овде секоја недела или на секои две недели. Чувам стража. Се плашам дека еден ден кога ќе дојдам, нема да ја најдам“, вели Еладија Бастида во изјава за Би-би-си, чија сопруга починала пред една и пол година.
Гробниците што ограбувачите на гробови ги вандализираат може да се видат наоколу. Украдените коски се користат во ритуали на локалниот култ Сантерија.
Провалите се случуваат многу често и работниците на грабиштата велат дека не може да се спречат. Имало грабеж дури и во гробниците на историски личности. Грабежите стигнале до такво ниво што семејствата почнале да ги обележуваат гробовите со натписи – „ова е ограбено“ за да ги одвратат крадците од повторни кражби во истиот гроб.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Русија поднесе тужба против белгискиот депозитар „Еуроклир“ поради замрзнатиот руски имот
Руската централна банка соопшти дека поднела тужба до арбитражниот суд во Москва против белгискиот депозитар Еуроклир, поради, како што наведува, „незаконити постапки“ и плановите на Европската унија за користење на замрзнатата руска имотна маса.
Според соопштението, тужбата опфаќа надомест на штета во висина на вредноста на замрзнатата имотна маса на централната банка, како и замрзнатите хартии од вредност и изгубениот приход. Руската централна банка најави дека размислува и за постапки пред меѓународни и арбитражни судови.
Од банката наведуваат дека постапките на „Еуроклир“ ѝ нанеле штета на Русија, бидејќи ѝ било оневозможено управување со сопствените финансиски средства и хартии од вредност. „Еуроклир“ не ја коментираше директно најавената тужба, но потврди дека против компанијата во Русија веќе се поднесени повеќе од 100 тужби.
Според податоците, во Европската унија се замрзнати околу 210 милијарди евра руски средства, од кои најголемиот дел се наоѓаат на сметките на „Еуроклир“ во Белгија. ЕУ и земјите од Г7 веќе ги користат каматите од замрзнатиот имот за финансирање заем за Украина.
Европската комисија во последно време ги забрза подготовките за користење на замрзнатиот руски имот за финансиска поддршка на Украина, а конечен договор се очекува на самитот на ЕУ следната недела.
Свет
Британец тврдеше дека во самоодбрана ја убил сопругата, судот му поверува – сè се смени кога проговори детето осум години по убиството
Столар од Сари во Обединетото Кралство, Роберт Родс (52), е прогласен за виновен за убиство на својата сопруга Доун Родс, осум години откако првично бил ослободен од обвинението, објави Скај њуз.
Родс ја убил сопругата во јуни 2016 година во нивниот дом во Редхил, тврдејќи дека дејствувал во самоодбрана, по што во 2017 година бил ослободен. Случајот бил повторно отворен откако нивното дете во 2021 година дало ново сведочење, наведувајќи дека било манипулирано од таткото да лаже за настаните.
Апелациониот суд ја поништил ослободителната пресуда поради новите докази, а поротата на Крунскиот суд во Лондон сега го прогласи Родс за виновен за убиство, суровост кон дете, попречување на правдата и кривоклетство. Изрекувањето на пресудата е закажано за 16 јануари.
Свет
Белата куќа: Фластерите на рацете на Трамп не се од повреда
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека фластерите што во неколку наврати беа забележани на рацете на американскиот претседател Доналд Трамп не се резултат на повреда, пренесе „Унилад“.
Таа на прес-конференција објасни дека Трамп постојано се ракува со голем број луѓе додавајќи дека Овалната соба „е како Гранд централ станица“. Ливит наведе и дека претседателот секојдневно зема „аспирин“, што може да придонесе за појава на модринки.
Објаснувањето предизвика реакции и дополнителни прашања во јавноста, но од Белата куќа инсистираат дека здравјето на претседателот е добро. Лекарот на Белата куќа на 1 декември соопшти дека 79-годишниот Трамп е во одлична општа здравствена состојба по извршениот систематски преглед.

