Свет
Во Еквадор прогласена вонредна состојба поради бегство на водач на банда од затвор
Претседателот на Еквадор, Даниел Нобоа, прогласи вонредна состојба на 60 дена откако водачот на една од најголемите криминални банди во земјата, Адолфо Масијас, избега од затворот во кој ја издржуваше казната.
„Само што потпишав указ за вонредна состојба за вооружените сили да ја имаат целата политичка и правна поддршка за своите постапки. Помина времето кога осудените дилери на дрога, убијци и организиран криминал ѝ диктираа на владата што да прави“, рече Нобоа.
За време на вонредната состојба, армијата ќе биде распоредена на улиците и во затворите, а ќе биде воведен и ноќен полициски час, пренесува „Ројтерс“.
Во неделата, Адолфо Масијас, водачот на криминалната банда Лос Чонерос, исчезна од затворот во кој издржуваше казна од 34 години.
Вонредната состојба беше прогласена вчера и нејзините последици се меѓу првите големи безбедносни предизвици за Нобоа, кој ја презеде функцијата во ноември ветувајќи дека ќе го спречи растечкото насилство во јужноамериканската земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Киднапирањето на мајката на ТВ-водителката ја потресе Америка, семејството објави снимка: „Ќе платиме“
Американската телевизиска водителка Саванa Гатри и нејзиното семејство објавија ново видео во кое молат за безбедно враќање на киднапираната мајка, порачувајќи им на киднаперите: „Ќе платиме“. Нејзината мајка, Ненси Гатри, исчезнала минатиот викенд од својот дом во Тусон, Аризона, а властите веруваат дека станува збор за киднапирање, пишува Би-Би-Си.
„Ја примивме вашата порака и ја разбираме“, вели Гатри во видеото објавено во саботата навечер на Инстаграм, опкружена со братот и сестрата. „Ве молиме, вратете ни ја нашата мајка за да можеме да славиме со неа.“
View this post on Instagram
„Тоа е единствениот начин да најдеме мир“, продолжува таа. „Ова ни е бескрајно вредно. И ќе платиме.“ Во видеото не откри детали за пораката што ја спомнува.
Ненси Гатри исчезнала среде ноќ од својот дом минатиот викенд. Нејзиното отсуство било забележано кога во неделата не се појавила на богослужба. Властите утврдиле дека рано во неделата наутро камерата на влезната врата била исклучена и отстранета. Околу 2:28 часот по локално време, апликацијата поврзана со нејзиниот пејсмејкер била исклучена од телефонот.
Претходно оваа недела, властите соопштија дека сè уште немаат идентификувано осомничен. Понудена е награда од 50.000 долари за информации што би довеле до нејзино пронаоѓање.
Специјалниот агент на ФБИ, Хит Џенке, потврди дека се истражува можна порака за откуп испратена до неколку медиуми. Тој изјави дека пораката „содржела информации поврзани со рок и парична сума што се бара“. Властите во петокот соопштија дека се „свесни за нова порака поврзана со Ненси Гатри“ и ја проверуваат нејзината веродостојност.
Локална телевизиска станица потврдила дека примила порака, без да открие детали. Според порталот ТМЗ, киднаперите наводно барале милиони долари во криптовалута.
Семејството претходно објави видеа во кои побара доказ дека Ненси е жива и изрази подготвеност за разговор. ФБИ уапси едно лице поради испраќање лажна порака за откуп.
Семејството и полицијата предупредуваат дека Ненси може да биде во животна опасност без своите лекови.
„Таа е без своите лекови. Потребни ѝ се за да преживее“, изјави Саванa Гатри во претходна објава.
Претседателот Доналд Трамп изјави дека разговарал со Гатри и понудил помош од федералните служби. Шерифот на округот Пима, Крис Нанос, изјави дека истрагата продолжува и дека засега се верува оти Ненси е жива.
Саванa Гатри (54) е американска телевизиска новинарка и од 2012 година е ко-водителка на емисијата „TODAY“ на NBC News, како и главна правна дописничка и водителка на изборното покривање.
Свет
Вонредни избори во Јапонија: Такаичи подготвена да замине ако коалицијата загуби
Во Јапонија утрово започна гласањето на вонредните парламентарни избори, во услови на снежни врнежи низ целата земја, што би можеле да ја намалат излезноста, јавија јапонските медиуми.
Премиерката Санае Такаичи и нејзината Либерално-демократска партија (ЛДП), во коалиција со Партијата на иновации на Јапонија (ЈИП), се стремат да обезбедат мнозинство во Донниот дом на парламентот. Такаичи, која минатиот октомври стана прва жена премиер во Јапонија, најави дека ќе поднесе оставка ако коалицијата не добие мнозинство.
На изборите се кандидираа околу 1.300 лица за 465 места. Анкетите предвидуваат убедлива победа на коалицијата ЛДП–ЈИП. Се натпреваруваат и опозициски партии, меѓу кои Центристичкиот реформски сојуз, Демократската партија за народот, Комунистичката партија на Јапонија, Сансеито, Социјалдемократската партија, Реива Шинсенгуми и други.
Свет
Во Дубаи уапсен сторителот на обидот за атентат врз рускиот генерал Алексеев, ФСБ уапси и соучесник во Москва
Сторителот на обидот за атентат врз генерал-полковникот на руската воена разузнавачка служба, Владимир Алексеев, беше приведен во Дубаи и предаден на Русија. Станува збор за руски државјанин.
„Со помош на партнер од Обединетите Арапски Емирати, рускиот државјанин Љубомир Корба, роден во 1960 година, кој беше непосреден сторител на злосторството, беше приведен во Дубаи и предаден на руската страна“, се вели во соопштението, пренесува РИА Новости.
Во соопштението на ФСБ се наведува и дека Виктор Васин, соучесник во обидот за атентат врз генерал Алексеев, е приведен во Москва.
„ФСБ, заедно со Министерството за внатрешни работи на Русија, по истражните мерки во врска со обидот за убиство на првиот заменик-началник на Генералштабот на вооружените сили на Руската Федерација, генерал-потполковник Владимир Алексеев, го идентификуваа и уапсија соучесникот во ова злосторство, рускиот државјанин Виктор Васин, роден во 1959 година, приведен во градот Москва“, се вели во соопштението.
На 6 февруари, непознат напаѓач го застрела генерал-потполковник Алексеев во станбена зграда во Москва.
По обидот за атентат, генералот Алексеев беше хоспитализиран во тешка состојба, а потоа беше покрената истрага и кривична постапка за обид за убиство и нелегална трговија со огнено оружје.

