Свет
Во Западна Австралија масовно се купува алкохол, властите воведоа ограничување

Државата Западна Австралија најави ограничување на продажбата на алкохол, за превентивно да се спречи порастот на проблемите врзани со алкохол, кои би ги трошеле ресурсите на полицијата и итните служби и дополнително би го оптовариле здравствениот систем.
Со ограничувањата, секој човек ќе може да купи најмногу два производа во комбинација: кутија пиво, мешан алкохолен пијалак, кутија со три шишиња вино, еден литар жесток алкохолен пијалак или еден литар ликер.
Ова е прва држава во Австралија која ја ограничи продажбата на алкохол.
„Непридржувањето до овие услови може да резултира со казни“, соопшти Здружението на продавачи на алкохолни пијалаци на Западна Австралија.
Властите велат дека ограничувањата се насочени кон намалување на купувањето и проблемите врзани со алкохолот во моменти на криза поради пандемијата со коронавирусот. Мерката ќе почне да се применува од денеска на полноќ, по локално време, ќе трае две недели, а може и ќе продолжи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Првпат во историјата: Австралиец преживеал 100 дена со вештачко срце

40-годишен Австралиец преживеал 100 дена со вештачко срце од титаниум додека чекал трансплантација на срце од донор, со што станал најдолговечната личност со оваа технологија. Тој го добил имплантот за време на операција во Сиднеј минатиот ноември. Во февруари тој стана првиот човек во светот што ја напушти болницата со апаратот, што му овозможи да ја чека достапноста на донорско срце на почетокот на овој месец, пренесува Си-ен-ен.
Според заедничката изјава на болницата „Св. Винсент“, Универзитетот „Монаш“ и компанијата BiVACOR, која го развила уредот, пациентот, кој страдал од тешка срцева слабост, добро закрепнува.
Овој медицински пробив се смета за главен чекор кон правење вештачкото срце да биде долгорочно решение за пациентите со срцева слабост. Иако уредот сѐ уште е во фаза на тестирање и не е достапен за широка употреба, резултатите од досегашните тестови покажуваат голем потенцијал.
BiVACOR Total Artificial Heart (TAH) е иновативен уред со еден подвижен дел – ротор, кој се движи со помош на магнети. Изработен е од титаниум и е дизајниран да нема вентили или механички лежишта, кои би можеле да бидат предмет на абење. Неговите пумпи ја заменуваат функцијата на двете срцеви комори и овозможуваат снабдување со крв во телото и белите дробови.
Според Светската здравствена организација, кардиоваскуларните болести се водечка причина за смртност во светот, одговорни за речиси 18 милиони смртни случаи годишно.
Една од клучните цели на вештачкото срце на BiVACOR е да ги спаси пациентите што чекаат трансплантација. Сегашниот капацитет на донорски срца не е доволен – само во 2024 година во САД биле извршени приближно 3.500 трансплантации на срце, а на листата на чекање биле додадени 4.400 нови пациенти, покажуваат податоците на Министерството за здравство на САД.
„Во следните десет години ќе видиме дека вештачкото срце ќе стане алтернатива за пациентите што не може да чекаат донорско срце или кога едноставно не е достапно“, рече Хејворд, кој го надгледува закрепнувањето на австралискиот пациент и беше вклучен во подготовката на уредот за клинички испитувања.
Вештачкото срце на BiVACOR веќе е тестирано во раните фази на испитувања од страна на американската Администрација за храна и лекови (ФДА). Како дел од ова испитување досега пет пациенти успешно го примиле имплантот. Првиот пациент беше 58-годишен маж со напредна срцева слабост на кого уредот му беше вграден минатиот јули во Медицинскиот центар во Тексас. Вештачкото срце го одржуваше во живот осум дена додека не се најде донор.
Во безбедноста и ефикасноста на апаратот учествувале уште четворица пациенти, а планирано е истражувањето да се прошири на вкупно 15 пациенти.
Имплантација на вештачко срце во Австралија е дел од голем истражувачки проект вреден 50 милиони австралиски долари (приближно 31 милион американски долари), спроведен од Универзитетот „Монаш“ преку програмата за граници на вештачко срце. Целта на програмата е развој и комерцијализација на три иновативни апарати за третман на срцева слабост, пренесува медиумот.
Овој напредок ја отвора вратата за иднината во која вештачките срца би можеле да станат стандардна алтернатива за пациентите што не може да добијат донорска трансплантација на срце.
Регион
Министерот за внатрешни работи на Република Српска: Никој нема да биде уапсен

Министерот за внатрешни работи на Република Српска (РС) Синиша Каран денеска изјави дека главната задача на МУП на РС е да го заштити уставниот поредок, нагласувајќи дека никој нема да биде уапсен.
„Задачата на МУП е да го заштити уставниот поредок, неговите уставни институции, претставниците на сите институции и сите нејзини граѓани. Таа задача ќе биде исполнета до крај“, изјави Каран за Алтернативната телевизија Бања Лука (ATV).
Тој додаде дека Националното собрание на РС усвои закони, кои ја претставуваат „рамката на МУП на РС“.
„Во овие закони стои дека Судот и Обвинителството на Босна и Херцеговина, Агенцијата за истраги и заштита (СИПА) и Високиот судски и обвинителски совет, се противуставни институции и им е забрането да работат на територијата на РС. Ова е рамката на дејствувањето на МУП“, рече Каран.
Според него, овие институции „не можат, нема и не смеат да работат на територијата на РС“.
Никој нема да биде уапсен и сите ќе бидат заштитени“, заклучил Каран.
Обвинителството на Босна и Херцеговина денеска издаде наредба за приведување на Додик, премиерот на РС Радован Вишковиќ и претседателот на Народното собрание на РС Ненад Стевандиќ, со цел да бидат сослушани поради сомнение дека сториле кривично дело „напаѓање на уставниот поредок“.
Правосудната полиција на Босна и Херцеговина издала наредба до Министерството за внатрешни работи на РС и Агенцијата за истраги и заштита на Босна и Херцеговина да помогнат во апсењето на Додик, Вишковиќ и Стевандиќ.
Свет
Песков: Не ја исклучуваме можноста за разговори меѓу Трамп и Путин набргу

Кремљ не ја исклучува можноста за телефонски разговор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп по американско-украинските преговори во Џеда, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Не исклучуваме дека може да се појави тема за телефонски разговор на највисоко ниво. Доколку се појави таква потреба, тој ќе се организира многу бргу. Постојните канали за дијалог со Американците дозволуваат тоа да се направи за прилично краток временски период“, рече тој.
Песков додаде дека Русија очекува да добие информации за деталите од преговорите во Џеда на преговорите со САД, кои ќе се одржат набргу, пренесува „Тас“.
Во врска со потенцијалното 30-дневно примирје во Украина, за кое разговараа украински и американски претставници, Песков истакна дека е важно да не се брза.