Свет
Во Канада пронајдени 5 тела, меѓу кои и на три деца, уапсен маж
Пет лица, меѓу кои и три деца, беа пронајдени мртви во неделата во канадската провинција Манитоба во три инциденти за кои канадската кралска коњичка полиција вели дека се поврзани.
Полицијата приведе 29-годишен маж, но сè уште не е поведено обвинение, изјави инспекторот Тим Арсено на конференција во градот Винипег.
„Како татко не можам да замислам колку е голема загубата за тие семејства. Заедницата Карман и околните области исто така ќе тагуваат затоа што изгубија некои од своите најмлади жители на трагичен начин“, рече Арсено, пренесе канадскиот CBC.
Според полицијата, смртните случаи биле на три локации – на автопатот 3 меѓу Карман и Винкер, автопатот 248 северно од провинцискиот пат и во домот во градот Карман, кој се наоѓа 75 километри југозападно од Винипег. Полицијата соопшти дека во Карман пронашла тело на жена по извештаите за сообраќајна несреќа на автопатот 3.
Телото било пронајдено во ендек, недалеку од автопатот. Набргу подоцна, Хедингли Тауншип добил повик за запалено возило на автопатот 248.
Случајни минувачи ги извлекле трите деца од автомобилот пред да пристигне полицијата, но сите три биле прогласени за мртви на местото на настанот. Полицајците уапсиле маж на таа локација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кина: Се спротивставуваме на мешањето во внатрешните работи на Иран
Кина се спротивставува на какво било надворешно мешање во внатрешните работи на Иран, објави кинеското Министерство за надворешни работи, еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Вашингтон ќе преземе „многу силни мерки“ против Техеран.
Портпаролката на кинеското министерство, Мао Нинг, на редовната прес-конференција изјави дека Кина не одобрува употреба на сила или закана со сила во меѓународните односи, коментирајќи ги изјавите на Трамп и повиците до демонстрантите во Иран да продолжат со своите протести.
Трамп им рече на демонстрантите дека „помошта е на пат“.
Свет
Зеленски за Иран: Тие не заслужуваат да постојат
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поддржа американската позиција за Иран во своето дневно видео обраќање објавено на социјалните мрежи.
„Ја поддржуваме позицијата за Иран: режим кој траеше толку години и уби толку многу луѓе не заслужува да постои“, рече Зеленски.
Исто така, тој додаде дека „промените се неопходни“.
Пораката на Зеленски доаѓа во време кога голем број европски земји ги поканија иранските амбасадори на разговори во знак на протест против смртоносното задушување на демонстрантите.
Од друга страна, воениот непријател на Украина, Русија, инаку сојузник на Иран, го осуди она што го опиша како „субверзивно странско мешање“ во внатрешната политика на Техеран, пишуваат медиумите.
Свет
Францускиот министер за надворешни работи: Гренланд не е на продажба, уцените мора да престанат
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро денес изјави дека Гренланд „не е на продажба“ и ги повика САД да престанат, како што рече, со „уцените“.
„Напад врз друга членка на НАТО не би имал никаква смисла, дури би бил против интересите на Соединетите Американски Држави, и затоа оваа уцена очигледно мора да престане“, рече Баро за RTL.
Тој потврди дека Франција ја поддржува Данска и го најави отворањето на францускиот конзулат на островот на 6 февруари, што го означи како политички сигнал.
„Не ја изгубивме војната, играта не е завршена, топката е во дворот на европските парламентарци“, рече министерот, алудирајќи на дипломатските тензии во врска со Гренланд, објави Ројтерс.
Во истото интервју, Баро ги критикуваше иранските власти за потиснување на демонстрациите низ целата земја, велејќи дека оваа репресија е „најнасилна во модерната историја на Иран“ и дека „апсолутно мора да престане“.

