Свет
Во рација во Рио де Жанеиро девет лица загинаа, двајца полицајци се ранети
Девет лица загинаа, а двајца полицајци се ранети во престрелка за време на полициска рација во фавела во Рио де Жанеиро.
Најпрвин пукале осомничените криминалци во населбата Вила Крузеиро, при што биле повредени полицајците, кои возвратиле.
Претходниот ден 16 лица беа убиени во полициска операција во крајбрежниот град Гуаруа во соседната држава Сао Пауло, што е најголем број жртви убиени во рации од 2006 година во таа држава.
Протестите поради полициската бруталност во бразилските фавели доведоа до воведување полициски камери во одредени држави, особено во Сао Пауло, а бројот на убиства од полицајци во Сао Пауло падна на 256 во 2022 година, што е намалување од 61 отсто од 2020 година пред да бидат воведени камерите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Рама до Бугарија: Ја блокирате Северна Македонија за да покажете дома колку сте силни, политиката е антиевропска
Албанскиот премиер Еди Рама упати критики до официјална Софија и до сите ЕУ членки кои користат билатерални прашања за блокади, на форум во Тирана организиран од „Солуција“, во соработка со Белградскиот центар за безбедносни политики и фондациите Отворено Општество и Рокфелер.
„Зошто ја блокирате Северна Македонија? За да покажете дома колку сте силни!” порача Рама заклучувајќи дека политиките на блокади се ужасни, одвратни и антиевропски.
„Што ви е поентата? Што сакате да постигнете со блокадата на Северна Македонија? Што мислите дека ќе постигнете? Да падне поддршката во ЕУ, само тоа можете да го постигнете!” – ова е главната порака што албанскиот премиер Еди Рама ја испрати до Бугарија, но и до другите земји членки на ЕУ, кои користат билатерални прашања за да го блокираат процесот на проширување, денеска во Тирана на Лидерскиот состанок, настан организиран од Балканскиот центар за конструктивни политики – Солуција, во соработка со Белградскиот центар за безбедносни политики и фондациите Отворено Општество и Рокфелер.
„Ова е најантиевропска политика што може да се замисли, ова е најстрашен пристап кон нашата иднина и долгорочно ова е еднакво штетно и опасно и за нив, не само за нас. Ова е лудо! Целосно лудо! Што значи ова? Дека сега за секоја земја која сака да се зачлени, може да се појави друга и да каже – а, не, прво да видиме кој беше овде прв, кога од мајмуни станавме луѓе, дали бевме ние или вие”, порача Рама и продолжи:
„Падот на поддршката кон ЕУ е резултат токму на ова ср..е! Национализмот ја киднапираше ЕУ и ЕУ станува жртва на националистичките пориви на земјите, една, па друга. Решението е просто – не може билатералните прашања да блокираат! А ако некоја земја сака да глуми дека некое билатерално прашање е европско, тогаш мора да има барем уште една што ќе ја поддржува. Не може 26 земји да кажат – ова е билатерално прашање, една да тврди дека е европско, и наеднаш тоа да стане европско. Наместо Бугарија да рече, добро ние имаме проблем со Северна Македонија (иако јас не им го разбирам проблемот, искрено), ама ајде да го оставиме настрана, а преговорите и трансформацијата на земјите да течат, тие бојкотираат. Зошто ги блокирате самите преговори? Зошто блокирате реформи? Лудо! Одвратно!” смета Рама.
„Истово се случи со Константинопол, додека Грците се занимаваа дали ангелите имаат секс, султанот ги освои. Така и ние сега, се занимаваме дали ангелите имаат секс, во регион во кој баш и нема ангели, а опасностите се тука” вели тој.
Албанскиот премиер порача дека опасно е кога минатото станува повлијателно од иднината:
„Морате да го погледнете минатото со очите на иднината, не обратно. Нашите проблеми во регионот почнаа тогаш кога добивме држави. Претходно тука си имаше луѓе кои живееја заедно, без разлика на своите различности, тераа бизнис заедно, се женеа и мажеа меѓу себе, се разведуваа… Штом добивме држави почнаа проблемите. Па така сега се занимаваме кои се мајката и таткото на Александар, кој е овој, кој е оној… какви глупости! Мислите дека обичен грчки таксист денес е навистина антички ексклузивен наследник на Платон? Јас не мислам. Ова се тешки глупости и сите ние се занимаваме со ова до точка кога нашата иднината е загрозена” порача Рама.
Шефот на албанската Влада, инаку, се обрати настан организиран во Тирана од Балканскиот центар за конструктивни политики – Солуција, во соработка со Белградскиот центар за безбедносни политики и фондациите Рокфелер и Отворено општество.
На настанот, заедно со него, зборуваа и Весела Чернева, заменик директорка на Европскиот Совет за надворешни односи, Мајлинда Брегу, генерална секретарка на Советот за регионална соработка и Даниела Шварцер, членка на француско – германската група за реформи на ЕУ, а настанот беше модериран од претседателот на “Солуција”, Никола Димитров .
Свет
Израел ја брани офанзивата во Рафа пред Меѓународниот суд на правдата
Израел ја бранеше својата офанзива во Рафа пред Меѓународниот суд на правдата откако Јужна Африка побара од судиите да ја прекинат операцијата и израелската армија целосно да се повлече од палестинската територија.
Службеникот на израелското Министерство за правда Гилад Ноам го нарече случајот со Јужна Африка, кој го обвинува Израел за кршење на Женевската конвенција, „целосно одвоен од фактите и околностите“.
„Овој случај го исмева грозоморното обвинение за геноцид“, рече Ноам.
Неколку произраелски демонстранти се собраа пред судот пред израелската презентација, држејќи фотографии од заложниците киднапирани од Хамас на 7 октомври.
Повеќе од 35.000 Палестинци се убиени во седуммесечната израелска офанзива против палестинската енклава, објавија нејзините власти во четвртокот.
Амбасадорот на Јужна Африка во Холандија, Вусимуза Мадонсела, побара од судот да му нареди на Израел „веднаш, целосно и безусловно да ги повлече своите трупи од целиот Појас Газа“.
Јужноафриканскиот правен тим ја претставува израелската воена операција како дел од геноциден план чија крајна цел е уништување на палестинскиот народ.
Во минатите пресуди, судот нареди да спречи геноцид врз Палестинците, иако не нареди прекин на нападите.
Европа
Словачкиот премиер повторно опериран: последните информации за состојбата на Роберт Фицо два дена по атентатот
Словачкиот премиер Роберт Фицо, кој во средата беше тешко ранет во обид за атентат, имаше уште една операција.
Ова го потврди министерот за одбрана Роберт Калињак пред болницата во Банска Бистрица, каде што премиерот е од средата по атентатот.
Операцијата траеше околу два часа, а лекарите се обидоа „да ја поместат состојбата на пациентот на позитивна прогноза“, рече Калињак.
Тој додаде дека „ситуацијата е сè уште многу сериозна, но премиерот е свесен“.
„Првите четири дена по пукањето се најсложени“, рече Калињак за состојбата на премиерот.
Тој додаде дека „е порасположен бидејќи гледа напредок“.
Според него, денешната операција покажала дека првата била добро направена.
Словачка доби неколку понуди од повеќе земји за лекување на премиерот.
„Сите ние, вклучително и премиерот, имаме апсолутна доверба во капацитетите на Факултетската болница во Банска Бистрица“, рече министерот за одбрана.
Тој додаде дека не се сомнева оти премиерот е во добри раце и неговото лекување ќе продолжи во Словачка.
Директорката на болницата во Бањска Бистрица, Миријам Лапуникова, најави дека болницата има сѐ што е потребно за лекување на премиерот. Таа најави дека на располагање е и кардиолошки тим.
Таа додаде и дека секој ден накратко ќе ја информира јавноста за здравствената состојба на премиерот.