Свет
Во светот се воведуваат нови рестрикции – надеж влеваат завршните испитувања за вакцина
Милиони луѓе се соочени со нови рестрикции додека расте бројот на заразени од коронавирус во светот, но надеж дава почетокот на завршната фаза од тестирањето на вакцината против Ковид-19 на американската компанија „Модерна“.
Владите на земјите во поголем дел од светот повторно воведуваат мерки за ограничување на новиот бран на ширење на коронавирусот, а бројот на случаи во светот надмина 13,2 милиони, со над 576 илјади починати од Ковид-19.
Делови на Азиско-пацифичкиот Регион, кој досега беше мошне успешен во справувањето со епидемијата, поради порастот на новозаразени, повторно воведе рестрикции. Хонгконг денеска повторно ги затвори кафулињата, центите за вежбање и салоните за убавина, а ги забрани и собирите на повеќе од четири лица, во борбата против новиот бран на заразата откако со месеци успешно го држеше вирусот под контрола. Многу жители на Хонгконг од почетокот на пандемијата доброволно носеа маски, но сега тие станаа задолжителни во јавниот превоз. Вонредна состојба е прогласена и во Токио, каде што властите предупредија дека бројот на заразата достигнува нови рекорди.
Индиската сојузна држава Бихар, во која живеат 125 милиони луѓе, објави 15-дневен карантин, кој почнува утре.
Австралиските власти денеска ги повикаа граѓаните да држат физичка дистанца, а околу 5 милиони жители на Мелбурн уште од минатата недела се во изолација од преостанатиот дел од земјата за да се спречи ширењето на коронавирусот од тоа жариште.
Секој ден во САД се пријавуваат нови десетици илјади заразени, а државните и локалните власти повторно воведуваат мерки што веќе беа укинати. Според Универзитетот „Џонс Хопкинс“, само вчера во САД биле заболени 63.000 луѓе.
Сепак, надеж влева најавата на американската компанија „Модерна“ дека на 27 јули ќе бидат изведени завршните испитувања на вакцината против Ковид-19. Се работи за трета, клучна фаза, во испитувањето на вакцината мРНА-1273 на луѓе. Клиничкото испитување ќе го води Националниот институт за здравство, а американската влада во тој проект на „Модерна“ вложила речиси половина милијарда долари. Се смета дека оваа компанија отишла најдалеку во глобалната трка за развој на вакцината. Иако оваа студија би требало да трае до 2022 година, прелиминарните резултати би требало да бидат познати многу порано.
Завршните клинички испитувања ќе бидат извршени на 87 локации, сите во САД. Ќе бидат вклучени околу 30.000 возрасни лица, кои имаат големи изгледи да се заразат со коронавирус. За време на испитувањата, ќе се спореди бројот на новозаразени меѓу лицата што ја примиле новата вакцина и меѓу оние што добиле плацебо.
Водечкиот американски експерт за епидемии, Ентони Фаучи, првите резултати од вакцината на „Модерна“ ги нарече охрабрувачки. Тој минатата недела предупреди на прераното укинување на мерките против коронавирусот нагласувајќи дека многу Американци премногу се неодговорни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Стармер: Никој не е над законот
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека уапсениот Ендру Маунтбатен-Виндзор треба да разговара со властите во Велика Британија и САД во врска со „скандалот“ околу осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, нагласувајќи дека „никој не е над законот“.
Во интервју за Би-Би-Си, Стармер рече дека секој што има релевантни информации има обврска да се јави кај властите.
„Секој што има какви било информации треба да сведочи. Без разлика дали е Ендру или некој друг, секој што има релевантни информации треба да контактира со надлежниот орган“, истакна британскиот премиер, додавајќи дека ова важи не само за случајот Епстин, туку и за сите други случаи на насилство врз жени и девојчиња.
Стармер истакна дека еден од основните принципи на британскиот систем е дека сите се еднакви пред законот.
„Никој не е над законот. Тоа е долгогодишен и многу важен принцип на нашето општество и мора да се примени во овој случај на ист начин како и во секој друг“, рече тој.
Ендру Маунтбатен-Виндзор беше уапсен денес во неговиот имот Вуд Фарм во Сандрингам, на неговиот 66-ти роденден, објави британскиот „Телеграф“, повикувајќи се на неименувани извори.
Ендру беше уапсен под сомнение за злоупотреба на јавна функција.
Регион
Пленковиќ: Разговарав со Вучиќ, Сојузот е „технички“
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денес во Њу Делхи изјави дека за време на разговорот со српскиот претседател Александар Вучиќ, тој „ги отфрлил стравувањата на Србија во врска со одбранбената соработка меѓу Хрватска, Албанија и Косово“.
„Ги отстранивме стравувањата што, според нас, постојат во Србија во врска со соработката меѓу министерствата за одбрана на Хрватска, Косово и Албанија.“ Објаснив дека оваа соработка е насочена кон техничка соработка на нашите оддели и дека на никаков начин не е насочена против Србија“, рече Пленковиќ.
„Значи, сега, колку што видов од неговата изјава, таа е прифатена“, им рече Пленковиќ на новинарите на маргините на самитот за вештачка интелигенција во Њу Делхи, пренесува „Хина“.
Според написите, минатата година, Хрватска, Албанија и Косово потпишаа Декларација за соработка во областа на одбраната и безбедноста, која, според толкувањето на експертите, не е исто што и договор за воено-техничка соработка,.
Свет
Туск упати итен апел до полските граѓани: „Ве молам веднаш да го напуштите Иран“
Полскиот премиер Доналд Туск апелираше до сите полски граѓани во Иран веднаш да ја напуштат земјата поради растечката опасност од потенцијален конфликт.
„Ве молам, веднаш напуштете го Иран и под никакви околности не одете во оваа земја. Не сакам никого да плашам, но сите знаеме за што зборувам. Можноста за конфликт е многу реална“, рече Туск за време на посетата на полигонот за обука на Воениот институт за технологија на оружје во Зјелонка, каде што во исто време се одржаа отворени тестови на беспилотни системи за оружје, објави порталот „Виадомосци“.
Туск беше придружуван од министерот за национална одбрана Владислав Косињак-Камиш и заменик-министерот Цезари Томчик, а за време на настанот одржа и интервју со медиумите.
Тој нагласи дека „за неколку часа, можноста за евакуација ќе биде отежната“, укажувајќи на потенцијалната итност на ситуацијата.
Туск ги предупреди граѓаните сериозно да го сфатат овој апел, потсетувајќи на „лошите искуства од минатото“.
„Ве молам да го сфатите ова многу сериозно. Имавме лоши искуства во минатото, а некои луѓе ги игнорираат овие апели“, нагласи полскиот премиер.

