Свет
Вселенското летало Старлајнер на Боинг слета без екипаж
Вселенското летало Старлајнер на Боинг слета без екипаж во пустината во Ново Мексико, со што заврши тримесечната пробна мисија отежната од технички проблеми.
Вселенското летало доцна синоќа самостојно го почна своето шестчасовно патување до Земјата, а астронаутите Буч Вилмор и Сани Вилијамс, првиот екипаж што леташе со Старлајнер, останаа на Меѓународната вселенска станица (МВС).
Беше одлучено Вилмор и Вилијамс да останат на МВЦ до февруари 2025 година, бидејќи Старлајнер се врати на Земјата користејќи маневри премногу опасни за екипажот.
Леталото повторно влезе во атмосферата на Земјата околу 5 часот утрово по средноевропско време, со орбитална брзина од приближно 27.400 километри на час.
Вилмор и Вилијамс ќе продолжат да спроведуваат научни експерименти додека се во вселената, а се очекува да се вратат на Земјата во февруари 2025 година со вселенско летало на компанијата СпејкИкс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Се заљубила во „полковник“ од Тиндер, па ја дознала мрачната вистина: „Мајк не постои, загубив 25.000 долари“
Британката Мери (60) последните 20 години ги поминала без партнер, па решила љубовта да ја побара на апликацијата за запознавање „Тиндер“.
Нејзиното внимание го привлече профилот на Мајк Марди, кој се претставил како 61-годишен полковник на американската армија од Нешвил стациониран во Велика Британија.
„Ми испрати видео, облечен во неговата униформа. Изгледаше прилично згодно“, се присети таа и раскажа како полковникот и’ рекол дека неговата сопруга починала од рак пред пет години и дека нема деца. Тој и’ испратил фотографија од себе и неговата покојна сопруга, а Мери решила да му даде шанса и му ја дала својата адреса.
За неа набрзо пристигнал пакет со подарок. Заедно со украсен златен цвет и уште неколку ситници била напишана порака: „Ти си таа со којашто сакам да бидам, сега и засекогаш“. Но, кусо потоа побарал од неа нешто. И’ кажал дека е на последната мисија на Куба пред пензионирањето и дека има животно осигурување за себе и за неговата покојна сопруга. Ја замолил Мери да му помогне да ја исплати полисата за осигурување.
На видеото тој ја замолил да му верува и ѝ рекол да му испрати пари за да ѝ биде доставена актовката со 766.000 долари на нејзината адреса и двајцата да уживаат во пензија.
Тој го дал бројот на банкарската сметка преку апликацијата за пораки „Сигнал“, а Мери ги испратила парите, но потоа добила актовка во која пишувало дека треба да испрати уште 12.600 долари за да добие шестцифрена шифра за пристап.
Таа почнала да се двоуми, а потоа Мајк и’ испратил видео во кое станал поагресивен, кажувајќи и колку изгледала како да е повеќе фокусирана на парите отколку на нивната врска. Мери попуштила и ги испратила парите, но шифрата никогаш не стигнала. Кога ја отворила актовката видела само празни хартии и сфатила дека е жртва на измамник. Таа изгубила околу 25 илјади долари од заштедата.
Подоцна ја дознала мрачната вистина: Мајк воопшто не постои. Неговите слики, глас, пораки и снимки се производ на вештачката интелигенција.
„Беше потресно. Навистина е страшно да се мисли дека тие ги создадоа овие видеа“, вели Мери, на која и било срам да каже дека е жртва на измама со вештачка интелигенција.
Мери сега работи со Националната линија за помош за измами.
„Оваа измама е една од најкомплексните што некогаш сме ги виделе бидејќи вклучува вештачка интелигенција, како и предмети кои се испраќаат преку пошта. Особено за луѓето кои не се запознаени со вештачката интелигенција, разбирливо е дека би можеле да паднат на такви измама“, објасни Мартин Ричардсон, постар партнер во компанијата.
Инаку, на веб-страницата на американските амбасади во Обединетото Кралство се појави предупредување за сајбер криминалци кои лажно се претставуваат како воени офицери и на тој начин мамат жртви и им извлекуваат пари. Слични измами со лажни генерали се регистрирани и во Македонија, кога жени пријавиле во МВР дека биле жртви.
Свет
Писториус се откажа од кандидатурата за канцелар и го поддржа реизборот на Шолц: „Ова е само моја одлука“
Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, соопшти дека нема да се кандидира за канцелар на земјата на претстојните вонредни избори и најави дека ќе ја поддржи кандидатурата на германскиот канцелар, Олаф Шолц за реизбор, пренесе „Дојче веле“.
„Ова е моја и само моја лична одлука. Последниве недели, повторно го потенцирав тоа и го повторувам што е можно појасно: Во Олаф Шолц имаме одличен канцелар. Коалицијата која би била предизвик дури и во нормални времиња, тој ја предводеше во веројатно најголемата криза во последните децении“, рече Писториус.
Според вчерашната анализа на „Политико“, Писториус е најпопуларниот политичар во Германија, додека актуелниот германски канцелар Олаф Шолц е меѓу најмалку популарните.
Многумина во СПД се уверени дека Писториус е единствениот кој може да ја спаси партијата од тежок пораз на предвремените избори во Германија, што се очекуваат на 23 февруари, по падот на трипартиската коалиција на Шолц на почетокот од овој месец.
Свет
Путин: Koнфликтот во Украина доби глобални карактеристики
Претседателот на Русија, Владимир Путин, изјави дека утринава нападот врз централниот украински град Днипро бил извршен со нова конвенционална ракета со среден дострел.
Тој додаде дека ракетата го носи кодното име „Орешник“.
Путин ова го истакна за време на телевизиското обраќање во кое зборуваше за ситуацијата на бојното поле.
„Би сакал да го информирам персоналот на руските вооружени сили, граѓаните на нашата земја, нашите пријатели ширум светот, како и оние кои сè уште имаат илузии за можноста да и се нанесе стратешки пораз на Русија, за настаните што се одвиваа денеска во областа на Северниот воен округ, односно по употребата во нашата област на оружје со долг дострел од западно производство“, рече тој.
Путин нагласи дека на 19 ноември, украинските вооружени сили нападнале цели во областа Брјанск со шест ракети АТАКМС, а на 21 ноември со системите „Сторм Шедоу“ во областа Курск. Тој изјави дека руските системи за противвоздушна одбрана го одбиле нападот и дека нема жртви или поголема материјална штета.
Рускиот претседател посочи дека невозможно е да се користи оружје со долг дострел за да се нападне Русија без експерти од земјите каде што е произведено.
Путин, исто така, во телевизиско обраќање рече дека ударите на западните ракети со долг дострел на руска територија му дадоа на конфликтот во Украина глобални карактеристики.
„Од овој момент, како што повеќепати нагласивме, конфликтот во Украина, кој претходно беше испровоциран од Западот, доби елементи од глобален карактер“, нагласи тој.
Путин рече и дека руските трупи успешно напредуваат по целата линија на борбен контакт.