Регион
„Газета“: Хашим Тачи му должи 500.000 евра на адвокатот на Милошевиќ
Приштинска „Газета“ објави дека дошле до писма, кои, како што наведува медиумот, британскиот адвокат Џефри Најс ѝ ги упатил на косовската влада, поради парите кои му ги должи.
Како што се наведува, во писмата, Најс нагласува дека косовската влада му должи речиси половина милион евра за неговите професионални услуги. Како што пишува „Газета“, сегашниот претседател, а поранешен премиер, Хашим Тачи, наредил на тогашниот заменик шеф на дипломатијата, Петрит Селими, да контактира со Најс и да му понуди да работи за косовската влада.
Најс, кој бил обвинител во Хашкиот трибунал во случајот против Слободан Милошевиќ, го напуштил тој суд во 2006 година. Подоцна за „Лондон ривју оф букс“ по повод извештајот на Дик Марти и другите наводи за трговија со човечки органи против тогашниот косовски лидер, вклучително и Тачи, напиша дека тој не е одржлив.
Најс во тој текст заклучил дека извештајот на Марти нема ништо што би ги поддржало обвинувањата. Ставот на Најс е причина поради која Тачи одлучил да го ангажира, пишува „Газета“и додава дека во писмото, Најс навел дека ја прифаќа понудата и дека се согласува со финансиките услови понудени од Селими. Тој во писмото тврди дека после некое време, исплатите престанале и дека тој морал да си ги бара парите лично преку мејл, но дека ни тоа не дало резултати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

