Свет
Германија испраќа во Украина тенкови „Леопард“, се чека одлуката на Бајден за испорака на „Абрамс“
Американскиот претседател Џо Бајден денеска ќе објави дека Вашингтон ќе ѝ ги испорача борбените тенкови „Абрамс“ на Украина, пренесува „Ал џезира“ повикувајќи се на неименуван американски функционер.
Според изворот на таа телевизија, тенковите ќе бидат испорачани врз основа на договорот, односно нема да се испраќаат од арсеналот на Пентагон.
Според „Политико“, повикувајќи се на извори во американската администрација, САД би можеле да испратат најмалку 30 тенка „М1 Абрамс“ во Украина како воена помош.
Сè уште не е познато кога ќе бидат испорачани тенковите, а обично потребни се неколку месеци војниците да бидат обучени за ефективно да ги користат тенковите, рекоа официјални лица, според Си-ен-ен.
Администрацијата на претседателот Бајден не ја отфрли целосно можноста за испорака на американски тенкови, но минатата недела американските власти јавно кажаа дека сега не е вистинскиот момент за испраќање тенкови „М1 Абрамс“ бидејќи тие се скапи и бараат многу време за обука.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски постојано бараше од западните сојузници да испратат модерни тенкови додека неговата земја се подготвува за, како што велат воените аналитичари, голема руска контраофанзива напролет.
Германскиот неделник „Шпигел“ претходно објави дека германскиот канцелар Олаф Шолц решил да испрати тенкови „Леопард“ во Украина по неколкунеделна дебата.
Велика Британија веќе најави дека во Украина ќе испрати 12 тенка „Челинџер 2“.
Зеленски реагира претпазливо на информациите дека германскиот канцелар се согласил да ѝ достави на Украина борбени тенкови „Леопард 2“.
„Многу труд, зборови и ветувања. Но, важно е да се види реалноста. Не се работи за пет, или десет или петнаесет тенка. Потребата е поголема. Секој ден правиме сè што е потребно за да ја пополниме празнината. И благодарен сум им на сите што нè поддржуваат во ова“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Американците понудиле безбедносни гаранции за Украина, Зеленски не е задоволен
САД му понудија на Киев 15-годишни безбедносни гаранции, но Украина сака повеќе и смета на период од најмалку 30 години, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на маргините на Минхенската безбедносна конференција.
Според него, Украина работи со сите партнери за безбедносни гаранции.
„Општо земено, ние сме блиску до тој проект. Имавме средба со американски сенатори. Рековме дека навистина сакаме да ги продолжиме безбедносните гаранции, за да бидат поефикасни за инвеститорите на кои им се потребни гаранции повеќе од пет до десет години“, рече Зеленски, пренесоа украински медиуми.
Тој додаде дека американската страна синоќапредложила гаранции од 15 години, додека Украина сака да додаде 20 години на тоа, за периодот да биде помеѓу 30 и 50 години.
„Зависи од тоа што ќе одлучат администрацијата и Конгресот, ќе видиме“, рече Зеленски.
Свет
Зеленски очекува корисна следна рунда мировни преговори
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска во Минхен изјави дека очекува следната рунда мировни преговори да биде сериозна, суштинска и корисна. Сепак, тој додаде дека понекогаш се чини како „страните да зборуваат за сосема различни работи“.
Нова рунда разговори меѓу претставниците на Русија и Украина, со посредство на САД, ќе се одржи во Женева во вторник и среда.
Зборувајќи на Минхенската безбедносна конференција, Зеленски рече дека клучниот фокус во мировните преговори е да се обезбеди дека „за четири години, цивилизираниот свет нема да биде принуден повторно да се оправдува, да ја префрла одговорноста и да бара некој друг да го обвини“ за уште една војна.
„Украина е подготвена за договор што ќе ни донесе вистински мир нам, на Украина и на Европа“, додаде тој и изјави дека Европа „практично не е присутна на преговарачката маса“, но треба да биде.
„Тоа е голема грешка“, рече тој.
Зеленски истакна дека би било илузија да се верува дека оваа војна сега може сигурно да се заврши со поделба на Украина. Тој повтори дека на Русија „не смее да ѝ се даде никаква надеж дека може да остане неказнета за ова злосторство“.
Тој вели дека Москва била најсериозна во врска со преговорите кога била погодена од длабоки украински напади на сопствената територија.
„Колку сме посилни, толку пореален станува мирот“, рече тој.
Свет
Грчките земјоделците го завршија протестот во Атина
Со сирени и свирење, исто како што и пристигнаа, тракторите на грчките земјоделци претпладнево си заминаа од Атина, откако во текот на ноќта останаа паркирани пред грчкиот Парламент. Околу 50 трактори вчера пристигнаа во Атина, поминаа низ низа централни улици, каде што беа пречекани и поздравени од граѓаните и случајните минувачи, а на ист начин си заминаа денеска.
Во текот на вечерта тракторите останаа паркирани на плоштадот Синтагма пред Парламентот, откако претходно, протестот заврши мирно, а свои обраќања имаа земјоделци од различни делови на земјата, пренесувајќи ги нивните ставови и барања поврзани со примарниот сектор.

