Европа
Главниот кинески дипломат до Блинкен: Кина и САД мора да изберат помеѓу соработка и конфликт
Главниот кинески дипломат Ванг Ји му кажа на американскиот државен секретар Антони Блинкен дека Кина и САД мора да изберат помеѓу соработка и конфликт и дека неговата земја нема да прави никакви компромиси за Тајван.
„Неопходно е да се направи избор помеѓу дијалог и конфликт, соработка и конфликт“, му рекол на својот соговорник Ванг Ји, висок функционер за дипломатија на Кинеската комунистичка партија (ККП), пренесува кинеската јавна телевизија CCTV.
„Одржувањето на националното единство е секогаш во центарот на клучните интереси на Кина“ и „по ова прашање, Кина нема да прави никакви компромиси или отстапки“ во однос на Тајван, изјави за Блинкен, Ванг, највисокиот функционер во кинеската дипломатија.
Ентони Блинкен е во Кина од неделата, што е прва посета на американскиот државен секретар на земјата од 2018 година.
Кина го смета Тајван за една од своите провинции, која допрва треба успешно да ја обедини со остатокот од својата територија од крајот на кинеската граѓанска војна во 1949 година.
Американскиот државен секретар би можел да се сретне со кинескиот претседател Шји Џинпинг подоцна во понеделник, последниот ден од посетата на Пекинг со цел да се смират билатералните тензии.
Високиот американски функционер во неделата беше примен од кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг, кој е еден чекор под Ванг Ји во кинеската хиерархија.
Двајцата разговараа седум и пол часа, подолго од очекуваното, а двете земји се согласија да ја одржат комуникацијата за да избегнат каков било конфликт.
Ниту една страна не ја потврди средбата меѓу Блинкен и Шји, чија средба со американскиот претседател Џо Бајден во ноември на Бали поттикна внимателни надежи за затоплување на односите.
Посетата на Антони Блинкен е прва посета на американски државен секретар на Кина по посетата на неговиот претходник Мајк Помпео во октомври 2018 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Русите го нападнаа Харков, уништени се згради, меѓу повредените има и дете
Украина ги уништи сите 10 беспилотни летала во руски напад во текот на ноќта, но две лица се повредени, а станбени згради во регионот Харков беа зафатени од пожар, соопштија денеска украинските власти.
Воздухопловните сили на „Телеграм“ соопштија дека Русија лансирала и две противвоздушни наведувани ракети. Портпаролот на украинските воздухопловни сили во телевизиски пренос изјави дека руските ракети, најверојатно, биле насочени кон североисточниот град Харков.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синехубов, рече дека три станбени куќи биле запалени, а десетици биле оштетени како резултат на рускиот напад, чија цел, според него, биле и инфраструктурата и станбените области. На фотографиите што ги објави Синехубов на „Телеграм“ се гледаат големи пламени јазици од станбените згради.
„Две лица, меѓу кои и едно 11-годишно дете, се ранети во нападот и се на медицинска помош“, рече Синехубов на апликацијата „Телеграм“.
„Ројтерс“ сè уште не ја потврди независно оваа вест. Москва негира дека цели на цивили во овие „легитимни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина“.
Европа
Повредени двајца полицајци во Париз кога маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.