Свет
Глечерите на Гренланд се топат пет пати побрзо отколку пред 20 години
Глобалното затоплување петкратно ја зголеми стапката на топење на глечерите на Гренланд во последните 20 години, соопштија научниците од Универзитетот во Копенхаген.
Топењето на мразот на Гренланд предизвикува особено загриженост бидејќи древната ледена покривка, доколку целосно се стопи, има доволно вода за да го подигне нивото на морето за најмалку шест метри, објави Ројтерс.
Студијата на илјада глечери во оваа област покажа дека стапката на топење влезе во нова фаза во последните две децении, рече Андерс Анкер Бјорк, доцент на Катедрата за геонаука и управување со природни ресурси на Универзитетот во Копенхаген.
„Постои многу јасна корелација помеѓу температурата што ја доживуваме на планетата и промените што ги гледаме во тоа колку брзо се топат глечерите“, рече Бјорк.
Глечерите во просек се намалуваат за 25 метри годишно, во споредба со пет до шест метри пред околу две децении, заклучија научниците по проучувањето на развојот на глечерите во текот на 130 години преку сателитски снимки и 200.000 стари фотографии.
Како што изјавија научниците од ЕУ претходно овој месец, светот веќе се загреал за речиси 1,2 степени Целзиусови над прединдустриските температури, а веќе е практично сигурно дека 2023 година ќе биде најтоплата во последните 125.000 години.
„Намалувањето на температурите ќе бара глобално единство во напорите за минимизирање на стакленички гасови во атмосферата“, рече директорот на Институтот за клима во Архус, Јорген Еивинд Олесен.
Глечерите на Гренланд често се користат за предвидување на ефектите од климатските промени на ледената покривка на најголемиот остров во светот.
„Ако почнеме да сфаќаме дека глечерите ја губат масата неколку пати побрзо отколку во минатиот век, тоа може да нè наведе да очекуваме ледената покривка да го следи истиот пат само на побавен и подолг временски размер“, рече вишиот истражувач Вилијам од Геолошки институт Колган.
Истражувањата велат дека ледената покривка на Гренланд придонела за 17,3 отсто од зголемувањето на нивото на морето помеѓу 2006 и 2018 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Загинаа две лица, а пет се водат како исчезнати по судар на чамец и крузер во Дунав кај Будимпешта
Две лица го загубија животот доцна синоќа, а пет се водат за исчезнати во судар на мал моторен чамец и крузер на реката Дунав северно од Будимпешта, соопшти денеска унгарската полиција.
Телата на возрасен маж и жена се пронајдени северно од главниот град, а властите се уште трагаат по пет исчезнати лица.
Сома Чечи, портпарол на полицијата во Будимпешта, на прес-конференција рече дека, според досегашните сознанија, во чамецот имало вкупно осум возрасни лица и потврди дека две лица загинале, а пет се водат како исчезнати. Тројца мажи и две жени моментално се бараат со глисери и дронови, јавуваат унгарските медиуми.
Полицијата соопшти и дека во градот Комаром бил запрен поголем брод, а од увидот било откриено дека му е оштетен страничниот дел. Се врши увид и во тек е истрага за опасноста по водениот пат и смртта на неколку лица.
Регион
По обидот за атентат словачкиот премиер Фицо е надвор од животна опасност
Словачкиот премиер Роберт Фицо е надвор од животна опасност по обидот за атентат, изјави денеска министерот за одбрана и вицепремиер Роберт Калинак за словачката новинска агенција ТАСР.
Состојбата на Фицо се подобрува, а лекарската комисија утре треба да одлучи дали тој ќе биде префрлен. Фицо моментално се опоравува во универзитетската болница во Банска Бистрица.
Фицо беше тешко повреден на 15 мај, по седницата на Владата во градот Хандлова, кога 71-годишниот писател Јурај Цинтула, од непосредна близина неколку пати пукаше со пиштол во него. Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување вчера му одреди притвор на Цинтула.
Свет
Девојка од Чикаго на 17 години стана доктор на науки
Дороти Џин Тилман од Чикаго стана најмладата личност, на 17 години, што успеа да се здобие со докторска диплома за интегрирано бихевиорално здравје во Аризона.
„Ова е прекрасна прослава и се надеваме дека Дороти Џин ќе инспирира повеќе студенти. Но, ова е нешто многу ретко и уникатно“, вели вонредниот професор Лесли Менсон.
Кога повеќето ученици се обидуваат да се адаптираат во средно училиште, Дороти веќе беше запишана на колеџот во Лејк Каунти во северен Илиноис, каде што дипломира психологија.
Во 2018 година таа дипломира на отсекот хуманитарни науки на колеџот „Екселсиор“ во Њујорк. Две години подоцна, магистрира на колеџот „Јунити“ во Мејн пред да биде примена на Програмата за бихевиорално управување.
Поголемиот дел од нејзиното образование го реализира на далечина, преку онлајн настава.
Како што вели таа, најголема заслуга за целото нејзино образование има нејзината баба, како и нејзината мајка, на која е благодарна за помошта и насочувањето. Секако, целиот образовен процес не бил без жртва.
„Немав секојдневна училишна работа, немав училишно фотографирање или работи кои создаваат единство меѓу врсниците “, вели таа.