Свет
Грета Тунберг ги обвини светските лидери за креативен пи-ар

Грета Тунберг ги повика светските лидери да престанат да користат „умни сметководствени и креативни ПР-служби“ за да избегнат реална акција за климатските промени.
„Вистинската опасност доаѓа кога политичарите прават да изгледа како да се случува вистинска акција, но, всушност, речиси ништо не е направено од паметните сметководители и креативните ПР-служби“, изјави 16-годишната Швеѓанка за време на Конференцијата за климатски промени во Мадрид.
Таа предупреди дека часовникот отчукува како се доближуваат децениите до својот крај.
„За три недели, ќе влеземе во нова деценија, која ќе ја дефинира нашата иднина. Сега сме очајни за каков било знак за надеж“, порача Тунберг.
Младата активистка ги обвини светските лидери дека прават постојани обиди да најдат дупки за да избегнат да направат значителни промени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Зеленски: Побаравме официјална информација од Америка за замрзнувањето на воената помош

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски рече дека им наредил на високи членови на неговата влада да контактираат со нивните американски колеги за да добијат официјални информации за суспензијата на американската помош што ја објавија високи претставници на Вашингтон синоќа.
„Денес многумина се прашуваат само едно – што ќе биде со помошта од Америка?“ рече тој во видео порака до украинските граѓани.
„Му наложив на украинскиот министер за одбрана, нашите шефови на разузнавачки служби и дипломати да контактираат со своите колеги во САД и да добијат официјални информации“, рече тој.
Зеленски, исто така, повтори делови од неговата претходна изјава, велејќи дека никој не сака „бескрајна војна“ и дека „нормалните, партнерски односи со Америка се важни“.
Тој повторно се заблагодари на Америка и на американскиот народ за досегашната помош.
„Знаеме дека Русите не ги променија своите позиции и барања во однос на Украина – тие ќе бараат намалување на нашата војска, ќе сакаат да се откажеме од нашите територии и ќе сакаат значителна политичка деформација на Украина заедно со слабеење на украинската уставност“, рече тој.
„Ќе кажам дека се’ додека сите ние во Украина стоиме заедно и силни, додека сме тука, тие нема да успеат – мирот ќе биде достоинствен“, додаде Зеленски.
Претходно украинскиот лидер, на социјалната мрежа „Икс“ напиша дека Украина е подготвена да почне мировни преговори под водство на САД, како и да стави потпис на договорот за минералите.
Свет
Џеј Ди Венс: Не е вистина дека притисокот врз Украина е поголем од оној врз Русија, во интерес на сите е војната да заврши

Американскиот потпретседател, Џеј Ди Венс, рече дека и тој и претседателот Доналд Трамп остануваат оптимисти за постигнување договор за минерали со Украина и покрај навидум растечкиот јаз меѓу САД и Украина.
„Да, јас секако верувам дека е така“, рече Венс на Капитол Хил на прашањето дали верува дека сè уште може да се постигне договор за минерали.
„И мислам дека претседателот се уште е посветен на тој договор“, додаде.
Неговиот одговор доаѓа само неколку дена по напнатата средба во Овалната соба меѓу него, Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Америка преку ноќ ја прекина воената помош за Украина.
Венс рече дека Трамп се обидува да испрати „многу јасна порака“ со задржување на помошта за Украина.
„Сметаме дека украинските војници се бореа исклучително храбро, но дојдовме до точка каде што ниту Европа, ниту Соединетите Американски Држави, ниту Украинците не можат да ја продолжат оваа војна на неодредено време, па затоа е важно сите да седнат на маса и претседателот да се обидува да испрати многу јасна порака“, им рече Венс на новинарите.
Венс разговараше со новинарите и за одлуката на САД да ја прекине воената помош.
Тој рече дека САД треба „да добијат одредена компензација за неверојатната финансиска инвестиција што ја направија во Украина“ и додаде дека европските земји добиваат компензација за нивната поддршка.
„Па, навистина е смешно и, искрено, навреда за американскиот народ, што Европејците имаат подобар договор од американскиот народ“, вели Венс.
На прашањето дали САД би можеле да продолжат со воена помош за Украина, Венс рече дека штом Киев ќе почне да преговара, „сè е на маса“.
Тој вели дека за да оди напред, Украина треба приватно да им каже што и треба: „Тоа е најважно, а тоа што најмногу не загрижува е недостатокот на приватен ангажман“.
Новинар го праша како го коментира тоа што има огромен притисок врз Украина, но не и врз Русија, во контекст на убедувањето на двете земји да седнат на маса и да преговараат за крај на војната.
Таа го праша дали размислува за воведување дополнителни санкции врз Русија за да изврши притисок врз неа да преговара за мир што е можно поскоро.
„Мислам дека тоа не е точно. Сè уште има бројни санкции кон Русија. Ние веруваме дека Русија страда економски поради оваа војна. Сметаме дека е во најдобар интерес на Русија, но и на Украина и Америка, оваа војна да заврши. Сметаме дека треба да се изврши притисок на сите страни за да се запре убивањето“, рече.
Свет
Трамп: Објаснете му на гувернерот на Канада дека кога ќе воведе контрацарини, нашите царини ќе се зголемат

Американскиот претседател Доналд Трамп се огласи на социјалните мрежи откако канадскиот премиер Џастин Трудо го потврди воведувањето на контрацарини против САД.
„Ве молиме објаснете му на канадскиот гувернер Трудо дека кога ќе воведе контрацарини на САД, нашите царини веднаш ќе се зголемат за истиот износ“, рече Трамп на неговата социјална мрежа „Вистина“.
Трамп постојано го нарекува Трудо „гувернер“, што е во согласност со неговите напори да ја направи Канада 51-та држава на САД.
Патем, на полноќ по Вашингтон, стапи на сила долгонајавуваната царина од 25 отсто на Трамп за Канада и Мексико, заедно со нова царина од 10 отсто за Кина. Трудо одржа конференција во текот на денот на која потврди дека канадските контратарифи исто така стапиле на сила паралелно со американските царини.
„Канада ќе воведе царини од 25 отсто за стоки од САД во вредност од 155 милијарди долари, почнувајќи со царини за стоки во вредност од 30 милијарди долари веднаш, а царини за преостанатите 125 милијарди долари за стоки за 21 ден“, рече Трудо.