Свет
Гувернерот на Харков за масовната гробница во Изјум: Луѓето биле мачени и егзекутирани

Гувернерот на Харковската област Олег Синегубов изјави дека 99 отсто од телата, кои биле ексхумирани од масовната гробница во Изjум, покажуваат знаци на насилна смрт.
Синегубов на Телеграм изјавил дека меѓу погребаните има и деца, пренесува „Гардијан“.
Тој рече дека биле пронајдени неколку тела со врзани раце зад грб и едно лице со „јамка околу вратот“.
„ Очигледно е дека овие луѓе биле мачени и егзекутирани“ – рече Синегубов.
Тој нагласи дека секоја смрт ќе биде истражена и дека тоа ќе биде „доказ за воените злосторства на Русија пред меѓународните судови“.
„ Ова е крвав, брутален терор“ оцени Синегубов.
Украинската полиција соопшти дека повеќе од 440 тела се пронајдени во масовна гробница во североисточниот град Изјум, кој Украина го врати под своја контрола, како и дека некои жртви биле убиени во гранатирање и воздушни напади.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Американци: Вистина е, Пакистан собори индиски „Рафал“ со авион од кинеско производство

Борбен авион Ј-10 од кинеско производство, кој им припаѓал на пакистанските воздухопловни сили, собори најмалку два индиски воени авиони, потврдија за Ројтерс двајца американски претставници. Ова е важна пресвртница за кинеската воена технологија.
Портпаролот на индиските воздухопловни сили одби да ги коментира обвинувањата кога беше прашан за извештајот на Ројтерс.
Според американски функционер, кој зборуваше под услов да остане анонимен, Пакистан користел кинески Ј-10 за лансирање ракети воздух-воздух против индиски борбени авиони, соборувајќи најмалку два. Друг официјален претставник додаде дека еден од погодените авиони бил француски борбен авион „Рафал“ што Индија неодамна го вклучи во својата флота.
И двајцата потврдија дека пакистанските авиони Ф-16 од американско производство не биле употребени во нападот.
Во изјава за Ројтерс еден ден по нападот, пакистанскиот министер за одбрана, Хаваџа Мухамед Асиф, изјави дека Пакистан користел Ј-10 за да собори три француски „Рафали“. Тој нагласи дека станува збор за авиони што Индија неодамна ги набави. Според пакистанската верзија на настаните, вкупно пет индиски борбени авиони биле соборени во воздушната борба.
Иако Ројтерс претходно објави, повикувајќи се на локални претставници во Индија, дека во инцидентот биле соборени три индиски авиони, ова е прва западна потврда дека во нападот биле користени пакистански авиони произведени во Кина.
Индиската влада не ја призна загубата на ниту еден авион. Наместо тоа, објави дека нејзините воздухопловни сили извршиле успешни напади врз она што го нарекоа „терористичка инфраструктура“ во Пакистан.
Инцидентот се случува во време на сериозни тензии меѓу Индија и Пакистан, две нуклеарни држави кои веќе водеа три војни и бројни помали конфликти. САД, Русија, Кина и другите светски сили ги повикаа двете страни на воздржаност.
Свет
Се огласи Трамп по изборот на новиот папа: Голема чест за нашата земја

Американскиот претседател, Доналд Трамп, денес му честиташе на новиот папа Лав 14 за изборот за нов поглавар на Католичката црква, наведувајќи дека е „голема чест“ што тој е првиот американски папа.
„Честитки до кардиналот Роберт Франсис Превост, кој штотуку беше назначен за папа. Голема чест е да се дознае дека тој е првиот американски папа. Каква возбуда и каква голема чест за нашата земја. Со нетрпение очекувам да се сретнам со папата Лав 14. Тоа ќе биде многу значаен момент“, напиша Трамп во објава на платформата TruthSocial.
Свет
(Видео) Папата Лав 14 го одржа првиот говор: „Бог нè сака сите, безусловно“

Новиот поглавар на Католичката црква, папата Лав 14, вечерва се појави на главниот балкон на базиликата „Свети Петар“ и го одржа својот прв говор по изборот пред десетици илјади собрани верници.
Во своето прво обраќање до верниците, 70-годишниот папа Лав 14, роден во Чикаго, започна со зборовите: „Мир со сите вас. Браќа и сестри, ова е првиот поздрав од воскреснатиот Христос. Би сакал да упатам поздрав на мир што ќе стигне до вашите семејства, до сите вас, каде и да сте. Нека биде мирот со вас.“
Тој го одржа својот говор на италијански, а публиката го поздрави со громогласен аплауз и навивање.
Потоа Папата продолжи со порака за љубов и единство, велејќи дека „Бог нè сака сите, безусловно“. Тој му се заблагодари на својот претходник, папата Франциск, и изрази желба, како него, да им го даде својот благослов на верниците на плоштадот „Свети Петар“.
„На човештвото му е потребен Христос како мост преку кој ќе стигне до Бога и неговата љубов. Помогнете ни, и дозволете ни да си помагаме едни на други, да градиме мостови“, рече новиот папа.
Во последниот дел од својот говор, Папата ги покани верниците заедно да се молат на Дева Марија, а плоштадот повторно одекна со ентузијазам.
По молитвата, тој прочита дел од светиот текст на латински јазик во чест на светците и Дева Марија.