Свет
Г20: Палестинско-израелскиот конфликт треба да заврши со две држави
Министрите за надворешни работи на Г20 кои се состанаа во Бразил се на исто мислење дека е потребно решение со две држави како единствен начин за мир во израелско-палестинскиот конфликт, изјави шефот за надворешни работи на Европската унија, Жозеп Борел.
„Сите овде, сите. Не слушнав некој против тоа. Постои силно барање за решение со две држави“, им рече тој на новинарите. „Тоа е консензус меѓу нас“, додаде тој.
Другите делегати се согласија со ставот на Борел и рекоа дека секој говорник кој зборуваше за војната во Газа повикува на решение со две држави.
„Има заеднички именител: нема да има мир, нема да има одржлива безбедност за Израел додека Палестинците не добијат јасна политичка перспектива за изградба на сопствена држава“, рече Борел, министер за надворешни работи на ЕУ.
Тој рече дека кризата во Газа се прелева на Западниот Брег, кој „апсолутно врие“ од „напади на израелските доселеници врз палестинските цивили“. Борел рече дека побарал од земјата домаќин Бразил „да му стави јасно до знаење на светот дека сите што присуствуваат на Г20 се за ова решение“. „Мораме да го мобилизираме нашиот политички капацитет да се заложиме за спроведување на ова решение. Во спротивно, тоа е само желба за размислување“, рече тој.
Борел рече дека очекува арапските нации да предложат мировно решение за Газа во наредните денови. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговата десничарска коалициска влада во голема мера го отфрлаат формирањето на палестинска држава, и покрај тоа што главниот сојузник на Израел, САД, тврди дека решението со две држави е единствениот остварлив начин да се донесе долгорочен мир во регионот.
Што се однесува до Украина, Борел рече дека нема знаци дека Русија ќе прифати прекин на огнот. „Путин сака да ја продолжи војната“, рече тој. Западните министри за надворешни работи на состанокот на Г-20 во Бразил во средата ја нападнаа Русија поради нејзината инвазија на Украина додека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров слушаше, изјавија дипломати.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ерупција на вулканот Руанг во Индонезија:, евакуирани повеќе од 12.000 луѓе
Во Индонезија се евакуирани 12.000 луѓе кои живеат во близина на островот Сулавеси, каде што еруптираше вулканот Руанг, за што Центарот за вулканологија и проценка на геолошки ризик прогласи највисоко, четврто ниво на тревога.
Жителите на островот се преместени во градот Манадо, а Центарот ги предупреди граѓаните на соседниот остров Тагуланданг дека постои опасност од цунами поради паѓање на материјал од вулканот во океанот, пренесува Ројтерс.
Се проценува дека чадот над вулканот достигнал висина од пет километри, поради што биле евакуирани жителите во радиус од седум километри.
Регион
На таткото на момчето убиец од Србија му е продолжен притворот за уште 60 дена, има сомнение дека може да го повтори делото
Вишиот суд во Белград му го продолжи притворот за уште 60 дена на Владимир Кечмановиќ, таткото на момчето кое на 3 мај уби девет негови врсници и чувар во ОУ „Владислав Рибникар“.
На Владимир Кецмановиќ му е продолжен притворот поради сомнение дека доколку биде пуштен на слобода за краток временски период ќе го повтори кривичното дело, како и поради тоа што постои основано сомнение дека сторил кривично дело за кое е пропишана затворска казна над десет години, а начинот на извршување и сериозноста на последиците од кривичното дело доведоа до вознемиреност кај јавноста што може да го загрози непреченото и правично водење на кривичната постапка, соопштија од тој суд.
Во обвинението за тешко кривично дело против општата безбедност се товари Владимир К., а за сторено кривично дело недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи, мајката на момчето Миљана К.
Свет
Шест лица загинаа во напад на џамија во Авганистан, непознато лице пукало во цивили
Најмалку шест лица загинаа, а едно лице е рането во џамија во авганистанскиот град Андишех во областа Гузара, изјави авганистанскиот министер за внатрешни работи Абдул Матин Кани.
Тој изјави дека „непознато вооружено лице пукало во цивилни верници во џамијата“ вчера во 21 часот по локално време, пренесува Ал Џезира.
Меѓу убиените е и имамот на џамијата во која се молеле шиитските муслимани.
Ројтерс јавува дека меѓу жртвите има и дете.