Свет
Далај Лама: Мир во светот само ако прво го најдеме мирот во себе
Далај Лама, духовниот поглавар на тибетските будисти, во неделата ги повика луѓето да имаат сочувство и внатрешен мир како предуслов за подобар свет на крајот на годината.
„И покрај многуте предизвици со кои се соочуваме денес, јас сум оптимист дека со зголемена почит дека сите сме поврзани во единството на човештвото, можеме да работиме за да живееме позначајно и да создадеме подобар свет“, напиша 88-годишникот на социјална платформа „Икс“.
„Исто така, цврсто верувам дека можеме да најдеме мир во светот само кога ќе најдеме мир во себе. Секое човечко суштество има потенцијал за внатрешен мир и придонес за мирот на нашата глобална заедница“, додаде тој. Војните во Појасот Газа, Украина и Сирија, заедно со терористичките напади врз Израел, Африка и Пакистан, ја уништија 2023 година.
„Мора да се стремиме да негуваме сочувство и внатрешен мир, безразлика на нашата сопствена националност или религија, можеме да придонесеме за благосостојбата и среќата на целото човештво. Ако минатиот век беше век на насилство, наша одговорност е да го направиме ова век на дијалог“, рече Далај Лама.
Во 1959 година, Далај Лама избега од кинеските комунисти во тибетските планини и отиде во егзил во Индија. Оттогаш тој патува низ светот проповедајќи помирување. Нобеловецот поднесе оставка од политичките должности во тибетската влада во егзил во 2011 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Грузија го усвои контроверзниот „руски закон“, кој предизвика хаос во земјата
Грузискиот парламент го усвои контроверзниот закон за „странски агенти“ и покрај големото противење на граѓаните и предупредувањата од Европската унија дека неговото донесување ќе ги загрози шансите на земјата да се приклучи на блокот.
Новиот закон ќе бара организациите кои добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странство да се регистрираат како „агенти на странско влијание“ или ќе се соочат со високи казни. Противниците велат дека законот е направен според слични закони во Русија кои Кремљ ги користел за да ја задуши опозицијата и граѓанското општество.
Многу Грузијци стравуваат дека законот за странски агенти ќе се користи на ист начин во нивната земја. Масовните демонстрации со денови го парализираат главниот град Тбилиси.
Грузискиот сон, владејачката партија која го протурка законот, возврати на критиките, велејќи дека овој потег ќе ја промовира транспарентноста и националниот суверенитет.
Грузискиот парламент сега има 10 дена да го испрати нацртот до претседателката Саломе Зурабичвили, која веќе вети дека ќе стави вето.
Претседателката има две недели да го стори тоа, но парламентот може да го отфрли нејзиниот приговор со просто мнозинство.
Регион
Нови сведоци во случајот за убиството на Данка Илиќ: закажани рочишта, телото на детето сѐ уште не е пронајдено
Во Вишото јавно обвинителство во Заечар на 27 и 28 мај е закажан распитот на нови сведоци во врска со истрагата против Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, осомничени за убиството на двегодишната Данка Илиќ, објавија српските медиуми.
Од обвинителството за „Танјуг“ велат дека е завршен дел од ДНК-испитувањето на примероците земени и од автомобилот што го управувале осомничените, а на нив не е пронајдена ДНК на девојчето.
Од таму додаваат дека вештачењето на движењата на возилата на осомничените врз основа на ГПС-уредот е во тек, а психијатриското вештачење на осомничените е завршено, но наодот и мислењето на вештачењето сѐ уште не се доставени до Обвинителството.
Покрај Дејан Д. и Срѓан Ј., во притвор е и таткото на Дејан, кој е осомничен дека му помогнал на синот да го премести телото на девојчето.
Братот на Дејан Д., Далибор Драгијевиќ, почина на 7 април во просториите на Полициското одделение во Бор при приведувањето.
Двегодишната Данка Илиќ исчезна на 26 март во Бањско Поле кај Бор, а полицијата по 10-дневна потрага и детаљни проверки на сите индиции и информации, ги уапси Срѓан Ј. и Драган Д. од Бор, кои се осомничени дека го удриле девојчето со автомобилот, а потоа нејзиното тело го ставиле во багажникот и го однеле на депонија.
Телото на девојчето сѐ уште не е пронајдено.
Свет
САД воведоа огромни царини, ова е најсилниот удар за кинеските автомобили досега
САД ги зголемуваат царините за електричните возила од Кина од 25 на 100 отсто, објави денеска Белата куќа по серијата остри мерки со кои администрацијата на Џо Бајден се обидува да го ограничи увозот од таа земја.
Новите тарифи ќе важат не само за електричните возила туку и за батериите и соларните панели, полуспроводниците, пристанишните кранови и некои медицински производи, како што се заштитните маски.
„Денешното соопштение е одраз на посветеноста на претседателот Џо Бајден да се грижи за американските работници. Кога ќе се соочиме со непочитување на правилата за конкуренција и нелојални практики од странство, претседателот ќе искористи сѐ што има на располагање за да ги заштити американските работници и индустријата“, се додава во соопштението на Белата куќа.
Белата куќа вели дека мерките се неопходни затоа што Кина ги преплавува светските пазари со вештачки создаден евтин извоз, а Бајден реагира и покрај напорите за стабилизирање на односите со Пекинг, рече Лаел Брејнард, директорка на Националниот економски совет.
Илон Маск, извршен директор на компанијата за електрични автомобили „Тесла“, исто така постојано предупредуваше дека кинеските производители имаат неправедна предност.
Според американската влада, овие мерки ќе влијаат на извозот од Кина, кој изнесува 18 милијарди долари. Треба да се очекува дека Пекинг ќе возврати со одмазднички мерки.
Одлуките се резултат на четиригодишната ревизија на постојните царини што поранешниот претседател Доналд Трамп ги воведе во неговата трговска војна против Кина.