Европа
Дали Путин би ризикувал да ги искористи своите подморници во предизвикување експлозии на „Северен тек“?
Три крајбрежни линии на рускиот гасовод Северен тек, кој ја снабдува Германија, претрпеа „невидена“ штета во понеделникот, што резултираше со големо истекување на гас под вода.
Шведските сеизмолози подоцна објавија дека регистрирале две експлозии по должина на трасата на гасоводот. Европските лидери во вторникот рекоа дека веруваат дека експлозиите биле „намерни“, додека некои официјални лица го обвинија за инцидентот Кремљ, сугерирајќи дека тие биле наменети како закана за континентот во услови на неуспешна руска инвазија на Украина.
И покрај военото колебање на Русија во Украина, модернизираната руска подморничка флота се смета за застрашувачка сила.
И нејзината шпионска нуклеарна подморница „Белгород“, модифициран брод од класата Оскар III управуван од Генералниот директорат за истражување на длабинско море (GUGI), е способен да ги наруши подводните комуникации, а како што пренесува „Јутарни лист“, ако може да ги попречи каблите – зошто не и цевководите?
Меѓутоа, прашањето е дали рускиот претседател Владимир Путин би ризикувал да ги искористи своите подморници за таква работа, под закана од дипломатски и други последици доколку нешто тргне наопаку.
Друга можност е дека можеби биле користени автономни подводни возила или подводни дронови кои носат експлозиви. Но, тие би морале да доаѓаат од брод, а тоа тешко дека би останало незабележано на оваа област, а што се однесува до беспилотните летала, секогаш постои можност да фрлат експлозиви на погрешно место.
Ако претпоставиме дека е користен некаков вид бомба, експлозијата не би морала да се случи директно на цевката бидејќи експлозијата се зголемува под вода, па за истото количество полнење може да се постигне многу поголем ефект под површината отколку на брегот.
Иако штетата немаше непосредно влијание врз снабдувањето со енергија на Европа – континентот претходно се сврте кон складирање залихи и алтернативни извори, па оваа епизода, како што пишува „Вашингтон пост“, најверојатно ќе го означи крајот на проектот за гасоводот Северен тек, што е повеќе од дводецениски напор што ја продлабочи европската зависност од рускиот гас и сега се смета за „тешка стратешка грешка“.
Двете експлозии доведоа до истекување на сите три цевководи на подводниот гасовод што ги поврзува Русија и Германија, како резултат на што на површината на данските и шведските води почнаа да излегуваат гасни меури, создавајќи „дамка“.
„Тоа се намерни дела, а не случајност“ изјави во вторникот данската премиерка Мете Фредериксен.
Во морето истече големо количество гас, како што соопшти данската агенција за енергетика – на бродовите и авионите им беше наредено да останат најмалку пет наутички милји од овие локации. Британски „Телеграф“ истакнува дека истекувањето на гасоводи во морето е ретко и дека три истовремено укажуваат на саботажа.
Со оглед на тоа дека цевката е на длабочина од само околу 70 метри, тајното влегување на нуклеарна подморница во Балтичкото Море би било многу тешка задача, ако не и невозможна, пренесува „Јутарњи лист“. Додека нуркачите можат да оперираат на тие длабочини, морските струи може да бидат многу незгодни, а секој придружен брод – подморница или брод – најверојатно би бил забележан со оглед на густината на сообраќајот во областа.
Се вели дека руските подморници се многу добро обучени за такви операции бидејќи со децении ги усовршувале своите вештини „истражувајќи“ подводни интернет кабли по должина на Северниот Атлантски Океан. Подморничките сили на Советскиот Сојуз беа познати меѓу западните поморски команданти по нивната способност да се движат по морското дно со специјално дизајнирани инженерски уреди за време на Студената војна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
(Видео) Украинците нападнаа руска рафинерија на 2.000 километри од границата, се шират снимки
Украински дронови предизвикаа пожар во рафинерија за нафта во северозападна Русија, на околу 2.000 километри од украинската граница.
Ројтерс објави дека утрово избувнал пожар во рафинерија за нафта во сопственост на руската компанија Лукоил во близина на градот Ухта во руската република Коми, изјави шефот на регионот, Ростислав Голдштејн. Никој не е повреден, а службите за итни случаи работат на местото на настанот, изјави Голдштејн на апликацијата Телеграм.
Russian Telegram channels report a drone attack and subsequent fire at Ukhta oil refinery plant in Ukhta, Komi region of Russia.
It's located over 2,000 km from the Ukrainian border. pic.twitter.com/ATCEcdkMCH— Anton Gerashchenko (@Gerashchenko_en) February 12, 2026
Пожарот избувнал откако украинските дронови погодиле инфраструктура која се смета за стратешки важна за снабдувањето со гориво во Русија, како дел од засилениот напад врз енергетската инфраструктура по краткото затишје за време на мировните преговори минатиот месец. Украинските власти, вклучувајќи го и претседателот Зеленски, постојано повторуваат дека нападите врз руските рафинерии за нафта се „најдобрите санкции“.
Meanwhile in Russia’s Ukhta.
The local refinery keeps getting hit by drones as we speak.
1,800 km away from the Ukrainan border. pic.twitter.com/TZMDIrIIg6
— Illia Ponomarenko 🇺🇦 (@IAPonomarenko) February 12, 2026
Снимки од густи облаци од црн чад над областа на рафинеријата Ухта веднаш по нападот циркулираат на социјалните медиуми, илустрирајќи го обемот на инцидентот и влијанието на нападот далеку на руска територија.
Европа
(Видео) Поранешен шеф на МИ6: Руските загуби се застрашувачки
Русија можеби изгубила околу двојно повеќе војници во Украина во декември 2025 година отколку што Советскиот Сојуз изгубил за време на советско-авганистанската војна, изјави поранешен шеф на британската разузнавачка служба во неодамнешно интервју.
Ричард Мур, поранешниот шеф на МИ6, даде интервју за Скај њуз, во кое рече дека околу 30.000 руски војници загинале во Украина во декември, опишувајќи ја бројката како „застрашувачки“.
Мур го спореди месечниот број на жртви на руски војници со загубите во советско-авганистанската војна, која траеше десет години, од 1979 до 1989 година, и во која загинаа околу 15.000 советски војници.
„Загубите се ужасни и дури и Русите ќе имаат тешкотии да ги надоместат тие загуби. Затоа поминуваат катастрофално лошо на бојното поле“, рече Мур.
Европа
Русија се обиде да го блокира WhatsApp: промовира апликација во државна сопственост
Американската технолошка компанија Мета соопшти дека руските власти се обиделе да ја блокираат нејзината апликација за пораки WhatsApp во обид да ги принудат корисниците да се префрлат на конкурентска услуга контролирана од владата.
„Руската влада се обиде целосно да го блокира WhatsApp со цел да ги насочи граѓаните кон апликација контролирана од државата“, рече Мета.
„Правиме сè што можеме за да ги одржиме нашите корисници поврзани“, се додава во соопштението.
Фајненшл тајмс претходно објави дека руските власти го отстраниле WhatsApp, кој има околу 100 милиони корисници во Русија, од онлајн регистарот на апликации што ги води Роскомнадзор, државниот регулатор за комуникации.
Овој потег се смета за дел од пошироката стратегија за ограничување на пристапот до платформи што не се директно контролирани од руските безбедносни служби. Рускиот регулатор веќе воведе ограничувања за Telegram претходно оваа недела, објави Франс Прес.
Руските власти вршат притисок за префрлување на MAX, за кој критичарите велат дека овозможува надзор на корисниците, објави Ројтерс.

