Европа
Двајца матуранти од исто училиште во Ирска загинаа на патување во Грција
Двајца ученици од училиштето „Свети Михаил“ во Даблин загинаа во одделни инциденти додека беа на одмор на грчкиот остров Иос. Училиштето ги опиша настаните како една од најтемните трагедии. Во писмото до родителите директорката Лорна Хеслин рече дека мислите на персоналот, семејствата, учениците и на поранешните ученици се со семејствата на жртвите.
Ендрју О’Донел, кој наполни 18 години на 7 јуни, беше на одмор во Иос со своите соученици откако ги положи матурските испити минатиот месец. Тој исчезна во петокот, а неговото тело е пронајдено во карпеста област за време на викендот, пренесува ирскиот медиум RTE.
Вчера на грчки остров загина уште еден студент. Станува збор за Макс Вол, кој исто така отпатувал во Грција откако ги положил матурските испити. Министерството за надворешни работи дава конзуларна помош за семејствата на загинатите студенти. „Имаше тешки денови во историјата на училиштето, но ова е еден од најтемните што сме ги доживеале“, вели директорот во писмото.
„Тешко е да се прифати смртта на двајца млади момчиња додека се подготвуваат да тргнат во следната фаза од нивниот живот. Чувството за заедница што е белег на нашето училиште ќе биде потребно за поддршка на семејствата О’Донел и Вол, како и на другите членови на класот“, додаде таа.
Хеслин нагласи дека пишува со „длабока тага и чувство на голема загуба“ за да ја пријави смртта на двајцата млади луѓе. Таа вели дека Ендру бил ценет член на училиштето.
Истакна дека наставниците и персоналот исто така имаат многу убави спомени за Макс опишувајќи го како пријателско дете, секогаш учтиво, ентузијастичко за секој аспект од училишниот живот“.
Министерот за високо образование Сајмон Харис рече дека веста е погубна. Тој рече дека мисли на семејствата и пријателите на двете момчиња и сите студенти, кои уживале во одморот во Грција по нивните испити и сега се соочуваат со таков шок, болка и тага.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Русија почна со вежби со тактичко нуклеарно оружје
Руските сили ја почнаа првата фаза од вежбите кои вклучуваат „практична обука за подготовка и употреба на нестратешко нуклеарно оружје“, соопшти денеска руското Министерство за одбрана.
Претседателот Владимир Путин ги нареди вежбите претходно овој месец. Москва ги поврза со, како што ги нарече, „милитантните изјави“ на западните официјални лица за кои рече дека претставуваат безбедносна закана за Русија.
Предупредување на Путин до Западот
Руското Министерство за надворешни работи ги цитираше коментарите на францускиот претседател Емануел Макрон, кој ја покрена можноста за испраќање европски сили да се борат против Русија во Украина, и британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон, кој рече дека Украина има право да користи оружје обезбедено од Лондон за напад на цели во Русија.
Безбедносните аналитичари велат дека вежбата е предупредување на Путин до Западот повеќе да не се вклучува во војната во Украина, на која и испорачува оружје и разузнавачки информации, но се воздржа од испраќање војници.
Министерството за одбрана соопшти дека во првата фаза од вежбата се вклучени ракетите Искандер и Кинжал.
Вежбите се одржуваат во Јужниот воен округ на Русија долж украинската граница и делови од Украина под контрола на Русија.
Белорусија, каде Русија распореди тактичко нуклеарно оружје минатата година, исто така ќе биде вклучена во вежбите, соопштија двете земји.
Тактичкото или нестратешкото нуклеарно оружје е помалку моќно од стратешкото оружје дизајнирано да избрише цели непријателски градови, но сепак има огромен деструктивен потенцијал.
Европа
(Видео) Тежок скандал во романскиот парламент: пратеникот обвини поранешен сопартиец дека го удрил со колено во носот
Сериозен скандал денеска се случи во романскиот парламент – пратеникот на ПНЛ, Флорин Роман изјави дека добил „удар со колено во носот“ пред пленарната сала на Собранието, од поранешен сопартиец, сега независен пратеник Дан Вилчеану, инаку поранешен министер за финансии, пренесува Либертатеа.
„Го прекорив независниот пратеник Дан Вилчеану за прекршување на правилата поради неговото присуство во клупите на групата ПНЛ. Неговиот проблем во парламентот беше да дознае колку градоначалници отишле во Калараши. Следеше вербална расправија, по што физички насилно бев исфрлен од пленумот“, напиша Флорин Роман на Фејсбук.
„Надвор од пленумската сала повторно бев физички нападнат, насилнички, со колено во носот“, тврди Роман, прецизирајќи дека тој не возвратил, туку дека ќе поднесе „кривична пријава против пратеникот хулиган“.
Претседателот на ПНЛ и на парламентот, Николае Чиука, рече дека „физичкото насилство е неприфатливо, особено кога тоа се случува овде, во зградата на парламентот“ и побара од раководството на Претставничкиот дом да преземе мерки против либералниот Дан Вилчеану.
Европа
ЕУ одлучи да ги искористи замрзнатите руски средства за вооружување на Украина
Советот на Европската унија денеска усвои низа правни акти за да се осигура дека нето добивката од неочекуваните пари и вонредните приходи од замрзнатите руски средства се користат за воена поддршка за Украина, како и за зајакнување на капацитетот на нејзината одбранбена индустрија и реконструкција.
Тоа значи дека финансиските институции кои чуваат руски замрзнати средства на своите сметки во износ од повеќе од еден милион евра ќе дадат финансиски придонес од нивната нето добивка акумулирана од 15 февруари годинава.
На 12 февруари 2024 година, Советот на ЕУ одлучи дека финансиските институции кои поседуваат повеќе од еден милион евра во средства и резерви на Руската централна банка, која е имобилизирана со низа рестриктивни мерки од страна на ЕУ, мора да ги издвојат вонредните средства што се акумулираат поради овие мерки и дека не можат да располагаат со нето добивката што произлегува од тоа.
Одлуката денеска и формално ја потврди Советот откако на почетокот на месецов беше постигнат договорот на амбасадорско ниво.
Според таа одлука, 90 отсто од овие средства ќе одат во фондот на ЕУ за воена помош за Украина, а останатите 10 отсто за нејзината одбранбена индустрија и одбрана.
Според проценките на ЕУ, замрзнатите руски средства би можеле да донесат меѓу 15 и 20 милијарди евра до 2027 година.