Свет
Две медицински сестри во Индија заразени со вирусот „Нипа“, една во кома
Индиските власти потврдија два нови случаи на смртоносниот вирус „Нипа“ во Западен Бенгал, што ги натера здравствените службеници да воведат карантин и да го интензивираат надзорот. Станува збор за смртоносен вирус за кој нема лек, пишуваат медиумите.
Според извештаите, две медицински сестри во приватна болница во близина на Калкута се заразени со вирусот. „Две медицински сестри од приватна болница се заразени со вирусот „Нипа“, од кои едната е во критична состојба“, изјави здравствениот службеник Нарајан Сваруп Нигам.
Медицинските сестри работеле заедно од 28 до 30 декември, а во деновите што следеле, од 31 декември до 2 јануари, двете развиле висока температура и проблеми со дишењето. Откако нивната состојба се влошила, тие биле примени на одделот за интензивна нега во болницата каде што биле вработени на 4 јануари. Една од нив моментално е во кома, според написите.
Првичните наоди од истрагата сугерираат дека двете сестри го добиле вирусот од пациент со тешки респираторни симптоми. Пациентот починал пред да може да се тестира за „Нипа“. „Најверојатниот извор на инфекција е пациент кој претходно бил примен во истата болница. Го сметаме ова лице за пациент нулта и истрагата е во тек“, рече висок здравствен службеник вклучен во надзорот.
Воведени мерки и тестирање на лилјаци
Службениците објавија дека 180 лица во регионот биле тестирани за „Нипа“ до 20 јануари, а 20 лица кои имале контакти со висок ризик со заразените сестри биле ставени во карантин. Нигам потврди дека сите тестови досега биле негативни и дека оние во изолација ќе бидат повторно тестирани по период од 21 ден.
„Со оглед на сериозноста на инфекцијата со вирусот „Нипа“, болест со висока стапка на смртност и потенцијал за брзо ширење, на ситуацијата се пристапува со највисок приоритет“, рече висок службеник на Министерството за здравство.
Во истрагата се вклучени локални и национални агенции, вклучувајќи го и Националниот центар за контрола на болести. Како дел од истрагата, службениците започнаа и со тестирање на лилјаци во зоолошката градина Алипор во Калкута за да се исклучи можноста за инфекција. Истражувачите собрале примероци од крв и брисеви од лилјаци, а RT-PCR тестови се спроведуваат на лилјаци низ Западен Бенгал.
„Тимот собрал брисеви од лилјаци, следејќи ги сите протоколи“, рече директорката на зоолошката градина Трипти Сах. Други службеници рекоа дека се преземаат мерки на претпазливост и дека „нема причина за паника“.
Според Светската здравствена организација (СЗО), вирусот Нипа предизвикува низа болести, од асимптоматска инфекција до акутни респираторни проблеми и фатален енцефалитис, или воспаление на мозокот. Исто така, предизвикува тешки форми на болеста кај животните, како што се свињите.
Првата епидемија е регистрирана во Малезија во 1999 година, кога 100 луѓе починаа во Малезија и Сингапур. За да се спречи ширењето, еден милион свињи беа убиени, со сериозни економски последици за земјоделците.
СЗО вели дека вирусот најверојатно се пренесува преку изложеност на животински екскрети или контакт со ткивото на заразено животно. Некои епидемии се поврзани со овошје или овошни сокови контаминирани со урина или плунка на заразени овошни лилјаци. Болеста може да се пренесе и од човек на човек.
Не постои вакцина или лек за вирусот, а лекарите можат само да ги третираат симптомите. Инкубациониот период е од четири до 14 дена. Случаи на инфекција никогаш не се пријавени во Соединетите Американски Држави.
Повеќето луѓе кои се разболуваат целосно се опоравуваат, но некои пациенти пријавиле долгорочни невролошки ефекти од енцефалитис.
Рускиот орган за санитарен надзор објави дека во моментов нема регистрирани случаи на инфекција со вирусот „Нипа“ во Русија. За да се намали ризикот од внесување на вирусот во земјата, развиен е систем за дијагностичко тестирање и обезбедени се доволно залихи на тестови за навремено лабораториско откривање.
На граничните премини работи автоматизиран систем за следење познат како Периметар, кој овозможува идентификација во реално време на патниците со знаци на заразни болести и спречување на понатамошно ширење.
Тајванскиот центар за контрола и превенција на болести (CDC) вчера објави дека има намера да ја класифицира инфекцијата со вирусот „Нипа“ како заразна болест од категорија 5 по новите случаи во Индија. Овој потег би го сместил вирусот „Нипа“ меѓу новите или ретки инфекции со висок ризик за јавното здравје, што бара итно известување и посебни контролни мерки.
Според CDC, вирусот е под зголемен надзор во Тајван од 2018 година. Откако вирусот беше првпат откриен во 1998 година, регистрирани се повеќе од 750 случаи низ целиот свет, со стапка на смртност од околу 58 проценти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Земјите-членки на Одборот за мир ќе обезбедат повеќе од пет милијарди долари за Појасот Газа
Претседателот на САД, Доналд Трамп најави дека земјите-членки на новоформираниот Одбор за мир на првиот состанок в четврток же издвојат повеќе од пет милијарди долари помош за обнова на Појасот Газа.
Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“ објави дека земјите-членки ветиле дека ќе испратат илјадници сили за стабилизација, одобрени од Обединетите нации и локалната полиција во палестинската енклава.
Тој наведе и дека првиот „формален состанок на групата“, ќе се одржи во Институтот за мир „Доналд Џ. Трамп“, кој Стејт департментот неодамна го преименува по претседателот.
Се очекува да присуствуваат делегации од повеќе од 20 земји, како и шефови на држави.
Свет
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе. Израел тврди дека нападот е одговор на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
Според палестински медицински извори, во израелскиот воздушен напад врз шаторски камп, каде се сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица. Во друг напад врз Кан Јунис загинаа пет луѓе, а при напад во северниот дел на енклавата убиен е уште еден човек.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем изјави дека Израел извршил уште еден „масакр“ врз раселените Палестинци, нарекувајќи го инцидентот сериозно прекршување на прекинот на огнот неколку дена пред првиот состанок на Советот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелски воен претставник наведе дека нападите биле „прецизни“ и во согласност со меѓународното право, додавајќи оти Хамас постојано го крши договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври минатата година. Според него, вооружени лица вчера излегле од тунел на израелска страна во областа Беит Ханун.
Касем ги повика учесниците на првиот состанок на новиот меѓународен Совет за мир во Појасот Газа да извршат притисок врз Израел да престане да го крши прекинот на огнот и да го спроведе договорот без одложување.
Свет
Поплави и свлечишта во јужна Италија
Јужниот дел на Италија е погодена од уште еден средоземен циклон што предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
Поради бурата Оријана во Калабрија, Сицилија и Сардинија наредена е евакуација на населението.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека за 72 часа добиле 2.000 повици за помош.
Оријана ја погоди Италија откако го погоди Иберискиот Полуостров. Тоа е втора бура што ја погоди јужна Италија по циклонот Хари кон крајот на јануари.

