Свет
Две недели трае блокадата на камионџиите во Канада, властите го губат трпението

Големата блокада што ја предизвикаа канадските камионџии со нивниот „Конвој на слободата“ во Отава, револтирани поради задолжителната вакцинација што им ја наметна владата на Џастин Трудо при преминувањето на границата, трае веќе две недели.
Иако блокадата е главно мирна, ситуацијата станува сè понапната бидејќи градските и државните власти сè повеќе го губат трпението со демонстрантите што ги блокираат сообраќајот и нормалниот живот во центарот на главниот град во име на слободата.
Се чини дека властите предводени од градоначалникот на Отава, Џим Вотсон, и премиерот Џастин Трудо одлучија да го прекинат протестот што е можно побргу, а полицијата почна да апси демонстранти и да наплаќа глоба за незаконски демонстрации. Протестот трае веќе 14 дена.
„Нелегалната блокада мора да заврши“, порача Франсоа-Филип Шампањ, министерот за индустрија, на „Твитер“.
Преминот е важен за снабдувањето на Канада, нагласи тој, додавајќи дека илјадници работници и компании зависат од него. Висечкиот мост што Онтарио го поврзува со Детроит во САД е клучен за автомобилската индустрија, но и за американските болници, каде што работат голем број медицинари од Канада.
„Блокадата на канадската граница ги загрозува синџирите за снабдување, кои веќе се ослабени поради недостигот и одложувањата поврзани со пандемијата“, изјави Брајан Кингстон, претседател на Здружението на канадските производители на автомобили, за АФП, повикувајќи на прекин на протестите. Секој ден преку тој мост поминуваат околу 40.000 луѓе и се транспортира стока во вредност од 323 милиони долари.
Канадската полиција денеска ги повика возачите на камиони што протестираат поради ограничувањата предизвикани од Ковид-19, да го напуштат патот што води до аеродромот во Отава бидејќи прекините на други места од страна на нивните истомисленици продолжуваат да ги попречуваат меѓународните гранични премини.
„Полицијата успеа во преговорите уште десетина камиони да го напуштат Ковентри Роуд“, објавија властите на „Твитер“.
„Сакаме повторно да ги замолиме преостанатите демонстранти да си заминат и да ги потсетиме на пораката што ја објавивме вчера“, додаваат тие повикувајќи се на изјава во која се наведува дека е незаконски да се попречуваат патишта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Италијанската полиција фати Албанец со над 27 килограми кокаин

Италијанската полиција уапси 47-годишен албански државјанин, откако во автомобилот му биле пронајдени 27,6 килограми кокаин.
Дрогата била скриена во посебен простор под предните седишта на возилото.
Покарај кокаинот, полицијата го конфискува и возилото, а приведениот е однесен во притвор во затворот во Катанија.
Според албанските медиуми во италијанските затвори се наоѓаат над 2.000 албански државјани, осудени главно за трговија со дрога.
Свет
Албанија продолжува со рекордни бројки на странски туристи

Албанија продолжува со рекордни бројки на странски туристи, која во периодот јануари – август ја посетиле околу девет милиони.
Албанскиот Институт за статистика објави податоци што потврдуваат дека влезот на странски државјани е за 5,2 отсто поголем ако се спореди со истиот период пред една година, кога беа регистрирани вкупно 8,5 милиони странски државјани.
Само во август бројот на странски државјани кои влегле на албанска територија е 2,3 милиони, што е зголемување од 9,9 отсто, во споредба со истиот месец минатата година.
Албанската економија имаше корист од странските туристи од 2,1 милијарди евра за само шест месеци, до кога ја посетиле 4,76 милиони странци. Овие бројки потврдуваат дека 2025 година ќе биде уште пооптимистичка во однос на туризмот во земјата, додека приходите се очекува да се зголемат за околу 7,7 отсто во споредба со лани.
Се очекува приливот на туристи да продолжи и есенва, со што ќе се продолжи туристичката сезона во земјата. Туроператорите известуваат дека резервациите се високи и за септември и за октомври.
Минатата година Албанија ја посетиле над 11,7 милиони туристи или 15,2 отсто повеќе од претходната година. Очекувањата за годинава се над 12 милиони туристи.
Свет
Жена убиена на свадба во центарот на Шибеник, ја погодила ракета

Жена е повредена кога пиротехничко средство – сигнална ракета – било испукано во близина на катедралата „Свети Јаков“ во Шибеник синоќа, и починала од повредите во болница, соопшти хрватската полиција.
Во соопштението од полициската управа Шибеник-Книн се додава дека е уапсен 52-годишен маж, пренесува Хина. Во тек е кривична истрага, соопшти полицијата.
Хрватските медиуми неофицијално известуваат дека несреќата се случила за време на свадбена прослава, кога осомничениот испукал ракета.