Свет
Дедо им оставил по 60 евра на внуците, а имал половина милион: го направил тоа затоа што не го посетиле
Фредерик Вард Постариот предизвика семејна расправија по неговата смрт во 2020 година кога речиси целото свое богатство од 580.000 евра, вклучително и стан вреден 525.000 евра, го остави само на својата ќерка и синот.
Во тестаментот тој се одрекол од петте ќерки на својот покоен син Фред Јуниор и им рекол на своите адвокати дека е вознемирен што не го посетиле откако трипати бил хоспитализиран поради проблеми со белите дробови.
Кога дознале дека ќе бидат „уништени“, петте внуци на Фред – Керол Говинг, Анџела Сент Марсеј, Аманда Хигинботам, Кристин Вард и Џенет Пет – го тужеле и тврделе дека имаат право на една третина од парите на својот покоен дедо.
Судијата на Високиот суд, Џејмс Брајтвел, сега одлучи дека тестаментот од 2018 година бил „целосно рационален“ додавајќи дека внуките имале „многу ограничен контакт“ со својот „разочаран дедо“.
Судијата ја отфрли нивната тужба.
Тие тврдеа дека тестаментот од 2018 година е неважечки и дека нивниот вујко Тери Ворд и тетката Сузан Вилтшир неправилно влијаеле на дедо им да го промени тестаментот.
Сепак, судијата рече дека не е убеден од доказите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Грузија го усвои контроверзниот „руски закон“, кој предизвика хаос во земјата
Грузискиот парламент го усвои контроверзниот закон за странските агенти и покрај големото противење на граѓаните и предупредувањата од Европската Унија дека неговото донесување ќе ги загрози шансите на земјата да му се приклучи на блокот.
Новиот закон ќе бара организациите што добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странство да се регистрираат како агенти на странско влијание или ќе се соочат со високи казни. Противниците велат дека законот е направен според слични закони во Русија ,кои Кремљ ги користел за да ги задуши опозицијата и граѓанското општество.
Многу Грузијци стравуваат дека законот за странски агенти ќе се користи на ист начин во нивната земја. Масовните демонстрации со денови го парализираат главниот град Тбилиси.
Грузискиот сон, владејачката партија која го протурка законот, возврати на критиките велејќи дека овој потег ќе ги промовира транспарентноста и националниот суверенитет.
Грузискиот парламент сега има 10 дена да го испрати нацртот до претседателката Саломе Зурабичвили, која веќе вети дека ќе стави вето.
Претседателката има две недели да го стори тоа, но парламентот може да го отфрли нејзиниот приговор со просто мнозинство.
Регион
Нови сведоци во случајот за убиството на Данка Илиќ: закажани рочишта, телото на детето сѐ уште не е пронајдено
Во Вишото јавно обвинителство во Заечар на 27 и 28 мај е закажан распитот на нови сведоци во врска со истрагата против Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, осомничени за убиството на двегодишната Данка Илиќ, објавија српските медиуми.
Од обвинителството за „Танјуг“ велат дека е завршен дел од ДНК-испитувањето на примероците земени и од автомобилот што го управувале осомничените, а на нив не е пронајдена ДНК на девојчето.
Од таму додаваат дека вештачењето на движењата на возилата на осомничените врз основа на ГПС-уредот е во тек, а психијатриското вештачење на осомничените е завршено, но наодот и мислењето на вештачењето сѐ уште не се доставени до Обвинителството.
Покрај Дејан Д. и Срѓан Ј., во притвор е и таткото на Дејан, кој е осомничен дека му помогнал на синот да го премести телото на девојчето.
Братот на Дејан Д., Далибор Драгијевиќ, почина на 7 април во просториите на Полициското одделение во Бор при приведувањето.
Двегодишната Данка Илиќ исчезна на 26 март во Бањско Поле кај Бор, а полицијата по 10-дневна потрага и детаљни проверки на сите индиции и информации, ги уапси Срѓан Ј. и Драган Д. од Бор, кои се осомничени дека го удриле девојчето со автомобилот, а потоа нејзиното тело го ставиле во багажникот и го однеле на депонија.
Телото на девојчето сѐ уште не е пронајдено.
Свет
САД воведоа огромни царини, ова е најсилниот удар за кинеските автомобили досега
САД ги зголемуваат царините за електричните возила од Кина од 25 на 100 отсто, објави денеска Белата куќа по серијата остри мерки со кои администрацијата на Џо Бајден се обидува да го ограничи увозот од таа земја.
Новите тарифи ќе важат не само за електричните возила туку и за батериите и соларните панели, полуспроводниците, пристанишните кранови и некои медицински производи, како што се заштитните маски.
„Денешното соопштение е одраз на посветеноста на претседателот Џо Бајден да се грижи за американските работници. Кога ќе се соочиме со непочитување на правилата за конкуренција и нелојални практики од странство, претседателот ќе искористи сѐ што има на располагање за да ги заштити американските работници и индустријата“, се додава во соопштението на Белата куќа.
Белата куќа вели дека мерките се неопходни затоа што Кина ги преплавува светските пазари со вештачки создаден евтин извоз, а Бајден реагира и покрај напорите за стабилизирање на односите со Пекинг, рече Лаел Брејнард, директорка на Националниот економски совет.
Илон Маск, извршен директор на компанијата за електрични автомобили „Тесла“, исто така постојано предупредуваше дека кинеските производители имаат неправедна предност.
Според американската влада, овие мерки ќе влијаат на извозот од Кина, кој изнесува 18 милијарди долари. Треба да се очекува дека Пекинг ќе возврати со одмазднички мерки.
Одлуките се резултат на четиригодишната ревизија на постојните царини што поранешниот претседател Доналд Трамп ги воведе во неговата трговска војна против Кина.