Свет
Демонстрантите ja запалија државната зграда во Ирак
Демонстрантите ја запалиле локалната канцеларија на парламентот во Басра, а безбедносните сили пукале во воздух за да ги растераaт, пренесува „Ројтерс“.
Демонстрантите побарале ирачкиот парламент да го отпушти гувернерот на покраината кога двајца активисти на опозицијата беа убиени и неколкумина ранети во три одделни напади од непознати вооружени лица неделава.
Бранот насилство почна кога активистот Тахсен Осама беше убиен минатата недела по што следуваа тридневни улични демонстрации за време на кои полицијата употреби куршуми против демонстрантите што фрлаа камења и „молотови коктели“ кон куќата на гувернерот и блокираа неколку големи патишта.
Премиерот Мустафа ал-Кадими ги отпушти шефовите на полицијата и на националната безбедност во Басра и нареди истрага за насилството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан предупредува: Западот ја води Европа кон војна
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека ризикот од ширење на војната меѓу Украина и Русија е „секојдневна можност“ поради лидерите на западните земји кои, според него, даваат простор на провоени наративи.
Во интервју за јавното радио, Орбан ја повика Европа да „се сврти и да се движи кон мир, а не кон војна“, објави МТИ.
Орбан истакна дека фундаменталното прашање е што е во интерес на Европа, а неговиот одговор е – „мир“. Тој нагласи дека Европа треба да вложи максимални напори за да постигне стабилност и да избегне конфликт што би можел да ја „уништи европската економија“.
Во исто време, тој ги критикуваше земјите кои, според него, „мислат дека војната е подобра од мирот“ и кои ѝ обезбедуваат на Украина оружје, пари и технологија, додека разговараше за испраќање војници.
Орбан изјави дека западните земји досега потрошиле околу 185 милијарди евра и планираат дополнителни расходи, кои, според него, можат да „ја турнат Европа во долгови и да остават долгорочни последици за децата и внуците“.
Унгарскиот премиер рече дека затоа „тој толку очајно се бори да ги одврати Европејците од провоениот пат“ и да го префрли фокусот на мирот.
Фото: принтскрин
Свет
Канаѓаните ги бојкотираат патувањата во САД поради воведените царини
Од почетокот на годината, односно откако американскиот претседател Доналд Трамп воведе серија царини за стоки од Канада, бројот на туристи од таа земја почна драстично да се намалува.
Само во октомври, воздушниот сообраќај од Канада до САД се намали за речиси 24 проценти, додека патувањето со автомобил се намали за повеќе од 30 проценти во споредба со истиот период минатата година, објави Канадското биро за статистика, пишува Би-Би-Си.
Севкупно, САД забележаа пад од 3,2 проценти во меѓународната потрошувачка, првенствено поради помалку посетители од Канада, според Американското здружение за патувања, непрофитна група која ја претставува американската туристичка индустрија.
Фото: принтскрин
Свет
Колумбискиот претседател: Трамп е варварин
Колумбискиот претседател Густаво Петро ги осуди нападите на САД врз бродови во Карипското Море, додека Пентагон најави нова операција за борба против трговците со дрога.
Во интервју за NBC News, Петро не ги штедеше зборовите кога го критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп. „Тој е варварин“, рече Петро во извадоци емитувани во четврток. „Тој сака да нè исплаши“, додаде тој.
Колумбискиот претседател не ја исклучи можноста дека некои од бродовите погодени од нападите се поврзани со картели. „Можеби, можеби не. Не знаеме“, рече тој, додавајќи дека „според законската постапка, цивилизираниот третман на луѓето, тие треба да бидат запленети и притворени“.
Петро ги опиша жртвите како „сиромашни веслачи на кајчиња“ ангажирани од картелите. „Потоа, кога една од тие ракети ќе удри, ги убива тие веслачи на кајчиња. Не го убива дилерот на дрога“, рече тој. Претходно, тој рече дека некои од жртвите биле обични рибари кои не биле вклучени во организиран криминал.
Фото: принтскрин

