Свет
Денвер ја прави неказнива употребата на психоделични печурки
Американскиот град Денвер на референдум гласаше за декриминализација на употребата на психоделични габи или печурки, кои содржат психоактивни соединенија псилоцин и псилоцибин, пренесува Би-би-си.
50,6 отсто од жителите на Денвер позитивно одговориле на референдумското прашање за тоа дали Градот за лична употреба и поседување дрога треба да има минимални казни.
Иако употребата и поседувањето психоделични печурки технички сè уште ќе биде незаконско, во ограничена мера ќе биде дозволено за лична употреба.
Имено, на полициските службеници отсега ќе им биде забрането да трошат средства и време за казнување лична употреба и поседување дрога за жителите на градот и општината Денвер постари од 21 година.
Федералната влада на САД тврди дека псилоцибинот и другите слични состојки имаат висок потенцијал за злоупотреба и оти не постојат научни докази за нивната медицинска вредност.
Со ваквиот став на владата не се сложува групата „Декриминализација Денвер“, која всушност го иницира референдумот. Групата верува дека некои печурки може да бидат корисни во третманот на главоболка, посттрауматско стресно нарушување и опсесивно-компулсивно нарушување.
Според студија од 2016 година објавена во угледниот магазин „Лансет“, халуциногените хемикалии што се наоѓаат во психоделичните печурки може да им помогнат на луѓето што страдаат од неизлечива депресија.
„Никој не треба да оди во затвор, да го изгуби старателството над децата, да ја изгуби работата или граѓанските права поради консумирање печурки“, велат од групата „Декриминализација Денвер“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Ана Брнабиќ за 2 јуни распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа
Претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ распиша избори за 2 јуни во 66 единици на локалната самоуправа, бидејќи Националното собрание неодамна со две третини ги усвои измените на Законот за локални избори.
Изборите во овие локални самоуправи ќе се одржат на ист ден со изборите за советници во Градското собрание на Белград, односно на 2 јуни годинава.
„Среќна сум што испративме силна порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани сме способни да разговараме и да постигнеме договор и покрај сите наши разлики“, рече Брнабиќ по објавата.
Европа
Уапсен украински министер
Украинските антикорупциски тела денеска го уапсија министерот за земјоделство Микола Солски. Судот на министерот му изрече превентивна мерка притвор во траење од 60 дена, до 24 јуни. Сепак, Солски ќе биде ослободен од притвор доколку плати кауција од 75,7 милиони гривни (околу 1,7 милиони евра).
Обвинителството побара притвор поради ризик од попречување на истрагата, влијание врз сведоци и бегство. Тие истакнаа дека Солски во текот на вонредната состојба неколку пати ја минувал границата.
Адвокатот одговори дека Солски ја преминал границата поради службени патувања, освен во еден случај кога заминал на договорено отсуство. Тој се осврна и на тоа дека Солски како функционер може да патува во странство само со согласност на премиерот. Тој исто така изјави дека нема докази дека Солски би можел да се меша во истрагата или да влијае на сведоците.
Солски вчера понуди оставка откако беше осомничен за вмешаност во незаконско стекнување државно земјиште. Обвинителите тврдат дека Солски бил фатен дека поседува државно земјиште во вредност од 291 милион гривни и дека се обидел да добие друго земјиште во вредност од 190 милиони гривни.
Солски ги негира обвиненијата, за кои обвинителите велат дека се однесуваат на настани од 2017 до 2021 година, пред да стане министер за земјоделство во март 2022 година. Солски е еден од најбогатите функционери во администрацијата на претседателот Володимир Зеленски.
Ако плати кауција, ќе мора да ја предаде својата обврзница на властите и нема да му биде дозволено да разговара со други осомничени и сведоци во случајот.
Свет
Хаос на факултетите ширум Америка: апсењата на студенти продолжуваат поради антиизраелските протести
Стотици американски студенти се уапсени низ американските кампуси додека полицијата ги задушува антиизраелските протести со кои се бара повлекување на Израел од Појасот Газа.
108 студенти беа уапсени на протест во Бостон во американската држава Масачусетс, а 93 беа уапсени на протест на приватниот универзитет во Јужна Калифорнија во Лос Анџелес, додека 28 студенти беа уапсени на Универзитетот Емори во Атланта во американската држава Џорџија. , соопшти полицијата, пренесува Си-ен-ен.
На Универзитетот Колумбија во Њујорк, епицентарот на демонстрациите, студентите рекоа дека нема да се разотидат додека факултетот не се согласи да ги прекине врските со израелските академски институции. Студентите од другите кампуси имаат слични барања, а во протестите учествуваат и Палестинци, Арапи, Евреи и муслимани, според Си-ен-ен.
Полицијата во Бостон во четвртокот наутро насилно ги отстрани шаторите поставени од студентите на колеџот Емерсон, при што уапси 108 од нив, објавија медиумите. На видеото може да се видат студенти како се штитат со раце и користат чадори за да и се спротивстават на полицијата.
Уште 93 студенти беа уапсени во средата навечер за време на протестите на Универзитетот во Јужна Калифорнија, соопшти полицискиот оддел во Лос Анџелес. Полицијата соопшти дека едно лице е уапсено под сомнение за напад со оружје, но не соопшти детали за инцидентот.
Студентите исто така протестираат од минатиот четврток во Технолошкиот институт во Масачусетс, Универзитетот во Тексас во Остин, Универзитетот во Мичиген, Универзитетот во Ново Мексико, Беркли, Јеил и Харвард, според Си-ен-ен.