Европа
Денеска паѓа одлуката за политичката судбина на Ангела Меркел
Политичката судбина на Ангела Меркел денеска се наоѓа во рацете на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) бидејќи водството на баварската партијата треба да одлучи дали да ќе ги прифати како решение договорите за мигрантите кои германската канцеларка успеа да ги обезбеди на Самитот на ЕУ во Брисел.
Девет месеци по изборите, на кој дел од гласовите ги загуби од германската крајна десница, политички ослабената Меркел беше принудена да се сврти кон соседните држави од Европската унија со цел да го разреши конфликтот со нејзините политички сојузници во Германија, кои се побунија против политиките за миграција во земјата.
Лидерот на ЦСУ и актуелен министер за внатрешни работи, Хорст Зехофер, се закани дека ќе ги врати мигрантите од баварските граници, а ваков потег сигурно би значел вовед во пад на владата.
Европските лидери на Самитот во Брисел кој се одржа неделава потпишаа договор за респределба на мигрантите на доброволна основа и создавање на контролирани центри во рамките на ЕУ, кои ќе треба да одлучуваат по барањата за азил.
Меркел најави договори со 16 земји членки на ЕУ за враќање на дел од бегалците и предложи отворање на прифатни центри, каде што другите мигранти ќе бидат процесуирани со брза постапка за азил, што претставува заострување на отворената миграциона политика која ја најави во 2015 година.
Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, кој се позиционираше како еден од главните политички непријатели Меркел по прашањето за миграцијата, категорично ги отфрли обвинувањата дека потпишал некаков договор за време на Самитот на ЕУ, што само покажува колку е неизвесно тоа што таму било договорено.
Во документот кој Меркел го приложила пред своите коалициски партнери се наведува дека Унгарија е една од 14. држави кои на политичко ниво прифатиле да примат некои од мигрантите кои минале низ нивната територија на патот кон Германија, но официјална Будимпешта категорично ги одби ваквите тврдења.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Русите го нападнаа Харков, уништени се згради, меѓу повредените има и дете
Украина ги уништи сите 10 беспилотни летала во руски напад во текот на ноќта, но две лица се повредени, а станбени згради во регионот Харков беа зафатени од пожар, соопштија денеска украинските власти.
Воздухопловните сили на „Телеграм“ соопштија дека Русија лансирала и две противвоздушни наведувани ракети. Портпаролот на украинските воздухопловни сили во телевизиски пренос изјави дека руските ракети, најверојатно, биле насочени кон североисточниот град Харков.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синехубов, рече дека три станбени куќи биле запалени, а десетици биле оштетени како резултат на рускиот напад, чија цел, според него, биле и инфраструктурата и станбените области. На фотографиите што ги објави Синехубов на „Телеграм“ се гледаат големи пламени јазици од станбените згради.
„Две лица, меѓу кои и едно 11-годишно дете, се ранети во нападот и се на медицинска помош“, рече Синехубов на апликацијата „Телеграм“.
„Ројтерс“ сè уште не ја потврди независно оваа вест. Москва негира дека цели на цивили во овие „легитимни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина“.
Европа
Повредени двајца полицајци во Париз кога маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.