Свет
Директор на британска разузнавачка агенција: Повеќе од 400 руски шпиони се протерани од европските земји
Директорот на британската разузнавачка агенција „МИ5“, Кен Меккалум, вчера изјави дека европските земји годинава протерале стотици руски функционери за кои веруваат дека се шпиони, пренесува „Анадолија“.
„Оваа година, усогласената кампања доведе до протерување на голем број руски функционери ширум светот, вклучително и повеќе од 600 од Европа. Сметаме дека повеќе од 400 од нив се шпиони“, рече Меккалум, говорејќи во седиштето на „МИ5“.
Тој рече дека ова е „најзначајниот стратешки удар“ за руските разузнавачки служби во поновата европска историја, покрај координираните бранови на санкции.
„Продолживме да работиме интензивно за да го направиме Обединетото Кралство најтешката можна оперативна средина за руските тајни операции“, рече Меккалум.
Тој, исто така, потврди дека Британија одбила 100 руски барања за дипломатски визи поради национална безбедност.
„Велика Британија мора да биде подготвена за руска агресија во годините што доаѓаат“, изјави високиот британски разузнавач.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Норвешка ги затвора границите за руските туристи
Норвешка денеска објави дека набргу ќе ги затвори границите за руските туристи не дозволувајќи им директен пристап до шенген-зоната. Иако не е членка, Норвешка го следи примерот на ЕУ, која презеде слична мерка по руската инвазија на Украина. Скандинавската земја дели 198 километри копнена граница со Русија на Арктикот.
„Одлуката за заострување на правилата за влез е во согласност со пристапот на Норвешка да застане на страна на своите сојузници и партнери како одговор на илегалната агресија на Русија против Украина“, рече министерката за правда, Емили Енгер Мехл. Норвешка, членка на НАТО, речиси престана да издава туристички визи за руските граѓани од пролетта 2022 година.
Само имателите на долгорочна виза издадена пред тој датум или поседуваат виза издадена од друга земја од шенген-зоната можеа да го поминат граничниот премин Сторски – Борис Глеб, единствениот копнен премин меѓу двете земји. Од 29 мај ќе им биде забранет влез во Норвешка.
Предвидени се исклучоци, соопшти Министерството, особено за руските граѓани што ги посетуваат членовите на блиското семејство што живеат во Норвешка и оние што работат или студираат во таа земја или други земји од шенген-зоната. Иако не е членка на ЕУ, Норвешка е тесно поврзана со неа и ги усвои речиси сите санкции што Брисел ги воведе против Русија.
Свет
Поранешната противничка на Трамп: Ќе гласам за Трамп, Бајден е катастрофа
Поранешната американска амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли, денеска објави дека републиканскиот кандидат Доналд Трамп може да смета на нејзиниот глас на претседателските избори во ноември.
Хејли на настан во Вашингтон рече дека не секогаш политички се согласува со Трамп.
„Но (американскиот претседател Џо) Бајден беше катастрофа и јас ќе гласам за Трамп“, рече таа.
Поранешниот американски амбасадор во ОН се откажа од трката за номинација на Републиканската партија во март и првично не сакаше да го поддржи Трамп. Хејли рече дека Трамп не треба да претпоставува дека ја има поддршката од нејзините гласачи, без оглед на нејзината лична одлука.
„Трамп би било мудро да допре до милионите луѓе што гласаа за мене и продолжуваат да ме поддржуваат, а не да претпоставува дека тие, едноставно, ќе застанат покрај него“, предупреди денеска Хејли.
Изборите во САД на 5 ноември ќе бидат реванш меѓу Трамп и Бајден, кои немаат вистинска конкуренција во нивните партии.
Регион
ОН гласаат за резолуцијата за геноцидот во Сребреница; Вучиќ: Морам да бидам таму
Попладнево во Њујорк, Генералното собрание на ОН треба да гласа за предложената резолуција со која се бара прогласување на 11 јули за меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.
Србија силно се спротивставува на ова и почна голема дипломатска офанзива против резолуцијата.
Десетина земји се очекува да гласаат против резолуцијата, а неколку десетици членки на ОН се воздржани од гласање поради српската дипломатска офанзива, особено меѓу неврзаните земји, според дипломатски извори, пренесува словенечката новинска агенција СТА.
Предлогот за резолуција за едно од најголемите злосторства во Европа по Втората светска војна, меѓу другото, го осудува негирањето на геноцидот и глорификацијата на осудените за воени злосторства.
Србија и Република Српска, во која доминираат босанските Срби, постојано негираа дека се случил геноцид во Сребреница.
Резолуцијата ја предложија Германија и Руанда. Текстот беше спонзориран од уште 34 земји вклучувајќи ги сите поранешни југословенски републики, освен Србија и Црна Гора.
Во средата Собранието на Република Српска усвои соопштение во кое протестира против резолуцијата, а претседателот на тој ентитет, Милорад Додик, на мрежата „Икс“ напиша дека усвојувањето на резолуцијата ќе предизвика непоправлива штета, што ќе значи крај на Босна и Херцеговина.
Тој се заканува дека Република Српска ќе се одвои од Босна доколку резолуцијата биде усвоена.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, со благослов на патријархот на СПЦ, пред гласањето отиде во Њујорк, каде што продолжува да лобира против резолуцијата, објави Радио Слободна Европа.
„Ќе одам во Њујорк затоа што некој треба да им даде одговор на оние што сакаат да ја обвинат Србија дека е геноцидна нација“, рече Вучиќ минатата недела.