Свет
Домородци заробија странски туристи во Перу, меѓу нив има деца и бремени жени
Домородно племе во перуанскиот Амазон зароби група странски и перуански туристи кои патувале со речни чамци, а тоа го направиле во знак на протест против недостигот на владина помош по излевањето нафта во областа, објавија локалните медиуми.
„Со оваа акција сакаме да го привлечеме вниманието на владата, тука има странци и Перуанци, има околу 70 луѓе“, соопшти лидерот на племето Кунинико, Вотсон Трухило за радио РПП.
Меѓу заложниците има државјани на САД, Шпанија, Франција, Обединетото Кралство и Швајцарија. Локалните медиуми јавуваат дека има жени и деца, трудници и лица со посебни потреби. Трухило рече дека заложниците ќе ја поминат ноќта во бродот додека чекаат да се реши ситуацијата.
Тој додаде дека неговата група презела „радикални мерки“ за да изврши притисок врз владата, од која бара да испрати делегација и да ја процени еколошката штета по излевањето на 2.500 тони сурова нафта на 16 септември во реката Кунинико. Излевањето е предизвикано од пукнатина на нафтоводот Норперуано.
Владата и полицијата сè уште не го коментираат инцидентот што се случи на притоката на реката Маранон. Домородните заедници веќе го блокираа транзитот на сите пловни објекти по реката во знак на протест. На 27 септември, владата прогласи 90-дневна вонредна состојба во погодениот регион, дом на заедниците Кунинико и Ураринас. Овие две племиња заедно имаат околу 2.500 жители.
Нафтоводот Норперуано долг 800 километри, во сопственост на државната компанија Петроперу, е изграден пред четири децении за транспорт на сурова нафта од регионот на Амазон до пристаништето Пиура, на брегот. Од компанијата тврдат дека до излевањето дошло затоа што некој намерно го оштетил нафтоводот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе. Израел тврди дека нападот е одговор на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
Според палестински медицински извори, во израелскиот воздушен напад врз шаторски камп, каде се сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица. Во друг напад врз Кан Јунис загинаа пет луѓе, а при напад во северниот дел на енклавата убиен е уште еден човек.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем изјави дека Израел извршил уште еден „масакр“ врз раселените Палестинци, нарекувајќи го инцидентот сериозно прекршување на прекинот на огнот неколку дена пред првиот состанок на Советот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелски воен претставник наведе дека нападите биле „прецизни“ и во согласност со меѓународното право, додавајќи оти Хамас постојано го крши договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври минатата година. Според него, вооружени лица вчера излегле од тунел на израелска страна во областа Беит Ханун.
Касем ги повика учесниците на првиот состанок на новиот меѓународен Совет за мир во Појасот Газа да извршат притисок врз Израел да престане да го крши прекинот на огнот и да го спроведе договорот без одложување.
Свет
Поплави и свлечишта во јужна Италија
Јужниот дел на Италија е погодена од уште еден средоземен циклон што предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
Поради бурата Оријана во Калабрија, Сицилија и Сардинија наредена е евакуација на населението.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека за 72 часа добиле 2.000 повици за помош.
Оријана ја погоди Италија откако го погоди Иберискиот Полуостров. Тоа е втора бура што ја погоди јужна Италија по циклонот Хари кон крајот на јануари.
Свет
Рама во Вашингтон ќе учествува на формирањето на Одборот за мир
На 19 февруари премиерот Еди Рама ќе биде во Белата куќа во Вашингтон, каде што ќе учествува на официјалното формирање на Одборот за мир.
Ова го потврди лично премиерот за време на неделниот подкаст „Фласим“(зборуваме), отфрлајќи ги тврдењата на опозицијата дека воопшто не е поканет за учество на овој настан.
– Деновиве добив покана од претседателот на Соединетите американски држави, да го посетам Вашингтон и на учествувам на формирањето на Одборот за мир. Значи разбиени се сите лаги кажани дури и во нашиот парламент. Лага се секакви тврдења што денес повторно се прават смешни, велејќи дека не можам да одам, дека не сум поканет, затоа што, затоа што, затоа што, рече Рама.
Всушност, додаде, како што кажав, ќе бидам во Вашингтон за официјалното формирање на Одборот за мир и за почетокот на активноста на тој одбор.
-Привилегија за Албанија е да биде држава-основач на Одборот за мир и нема да придонесува со пари за да се приклучи или да остане како постојан член, туку придонесува со достоинство и со она што ја направило меѓународно почитувана и поканета, за оваа толку високо ниво на дискусија за иднината на мирот, рече Рама.

