Свет
Државната секретарка на Аризона добива смртни закани поради изборните резултати
Државната секретарка на Аризона, Кејти Хобс, изјави дека добива континуирани и ескалирачки закани со насилство по победата на Џо Бајден во претседателската трка во 2020 година, пренесува „Њујорк пост“.
Хобс, која е од Демократската партија, ги критикува администрацијата на Трамп и другите републиканци за ширење дезинформации за изборите за кои рече дека ги поттикнале заканите.
„Има такви, вклучително и претседателот, членови на Конгресот и нивни избрани службеници, кои продолжуваат со дезинформации и ги охрабруваат другите да не веруваат во изборните резултати на начин што ја нарушува заклетвата што ја дадоа. Крајно време е да престанат. Нивните зборови и постапки имаат последици“, рече Хобс во изјавата.
Хобс неодамна доби закана со смрт, која беше објавена на конзервативната страница на социјалните медиуми „Парлер“, во која пишувало: „Ајде да ѝ ја запалиме куќата и да го убиеме нејзиното семејство и да им одржиме лекција на овие измамници“, соопшти нејзината канцеларија.
Нејзината домашна адреса и личните информации, како и бројот на мобилниот телефон на нејзиниот син, исто така беа објавени на „Парлер“. Во вторникот вечерта група демонстранти се појавиле пред домот на Хобс во Феникс извикувајќи: „Те набљудуваме“ и „Сакаме ревизија“, според снимките од надзорот добиени од локалните продажни места.
Во својата изјава Хобс вети дека постојаната тактика на заплашување нема да ја спречи да ги извршува должностите за кои се заколнала.
Заканите против Хобс почнаа да ескалираат минатата недела кога повторно се појави нејзиниот твит од 2017 година. Во твитот Хобс го обвини Трамп дека е повеќе заинтересиран да ѝ удоволува на својата неонацистичка база отколку да биде претседател на сите Американци осврнувајќи се на неговиот одговор на митингот „Обедини ја десницата“ во Шарлотсвил, Вирџинија.
Хобс го бранеше твитот велејќи: „Не го целев секој поддржувач на Трамп. Пораката беше јасно насочена кон луѓето што ги поддржуваат дејствата на овој митинг“.
Хобс вели дека била подготвена да добива закани пишувајќи во средата:
„Јас сум социјален работник многу години и можам да ја предвидам оваа реакција кога одредени луѓе се чувствуваат немоќно и луто. Тие се симптом на подлабок проблем во нашата држава и земја – постојаното и систематско поткопување на довербата едни во други и во нашиот демократски процес“.
Хобс го нападна и гувернерот на Аризона, републиканецот Даг Дуси, велејќи дека неговиот заглушувачки молк придонел за зголемените немири и го повика да се залага за вистината.
Во средата Дуси ги осуди заканите кон Хобс нарекувајќи ги целосно неприфатливи и рече дека неговата администрација ќе стори сè што е потребно за да ја заштити, објави „ Аризона рипаблик“.
Но, тој не ги отфрли неоснованите тврдења за изборна измама велејќи дека има прашања и на тие прашања треба да се одговори.
Аризона – која избра демократски кандидат за претседател на овие избори првпат од 1996 година – е една од неколкуте држави каде што републиканците се обидоа да поведат правни дејства за да ги оспорат резултатите.
Републиканската партија поднесе барање со кое се бара ново рачно броење на гласачките ливчиња во округот Марикопа, што го вклучува и Феникс, и судска наредба за забрана округот да ги заверува резултатите од изборите додека судијата не одлучи за овој случај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рама во Вашингтон ќе учествува на формирањето на Одборот за мир
На 19 февруари премиерот Еди Рама ќе биде во Белата куќа во Вашингтон, каде што ќе учествува на официјалното формирање на Одборот за мир.
Ова го потврди лично премиерот за време на неделниот подкаст „Фласим“(зборуваме), отфрлајќи ги тврдењата на опозицијата дека воопшто не е поканет за учество на овој настан.
– Деновиве добив покана од претседателот на Соединетите американски држави, да го посетам Вашингтон и на учествувам на формирањето на Одборот за мир. Значи разбиени се сите лаги кажани дури и во нашиот парламент. Лага се секакви тврдења што денес повторно се прават смешни, велејќи дека не можам да одам, дека не сум поканет, затоа што, затоа што, затоа што, рече Рама.
Всушност, додаде, како што кажав, ќе бидам во Вашингтон за официјалното формирање на Одборот за мир и за почетокот на активноста на тој одбор.
-Привилегија за Албанија е да биде држава-основач на Одборот за мир и нема да придонесува со пари за да се приклучи или да остане како постојан член, туку придонесува со достоинство и со она што ја направило меѓународно почитувана и поканета, за оваа толку високо ниво на дискусија за иднината на мирот, рече Рама.
Свет
Американците понудиле безбедносни гаранции за Украина, Зеленски не е задоволен
САД му понудија на Киев 15-годишни безбедносни гаранции, но Украина сака повеќе и смета на период од најмалку 30 години, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на маргините на Минхенската безбедносна конференција.
Според него, Украина работи со сите партнери за безбедносни гаранции.
„Општо земено, ние сме блиску до тој проект. Имавме средба со американски сенатори. Рековме дека навистина сакаме да ги продолжиме безбедносните гаранции, за да бидат поефикасни за инвеститорите на кои им се потребни гаранции повеќе од пет до десет години“, рече Зеленски, пренесоа украински медиуми.
Тој додаде дека американската страна синоќапредложила гаранции од 15 години, додека Украина сака да додаде 20 години на тоа, за периодот да биде помеѓу 30 и 50 години.
„Зависи од тоа што ќе одлучат администрацијата и Конгресот, ќе видиме“, рече Зеленски.
Свет
Зеленски очекува корисна следна рунда мировни преговори
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска во Минхен изјави дека очекува следната рунда мировни преговори да биде сериозна, суштинска и корисна. Сепак, тој додаде дека понекогаш се чини како „страните да зборуваат за сосема различни работи“.
Нова рунда разговори меѓу претставниците на Русија и Украина, со посредство на САД, ќе се одржи во Женева во вторник и среда.
Зборувајќи на Минхенската безбедносна конференција, Зеленски рече дека клучниот фокус во мировните преговори е да се обезбеди дека „за четири години, цивилизираниот свет нема да биде принуден повторно да се оправдува, да ја префрла одговорноста и да бара некој друг да го обвини“ за уште една војна.
„Украина е подготвена за договор што ќе ни донесе вистински мир нам, на Украина и на Европа“, додаде тој и изјави дека Европа „практично не е присутна на преговарачката маса“, но треба да биде.
„Тоа е голема грешка“, рече тој.
Зеленски истакна дека би било илузија да се верува дека оваа војна сега може сигурно да се заврши со поделба на Украина. Тој повтори дека на Русија „не смее да ѝ се даде никаква надеж дека може да остане неказнета за ова злосторство“.
Тој вели дека Москва била најсериозна во врска со преговорите кога била погодена од длабоки украински напади на сопствената територија.
„Колку сме посилни, толку пореален станува мирот“, рече тој.

