Свет
Еден месец по скандалот со Ѓоковиќ, Австралија ги отвора границите
Австралија речиси две години по затворањето на границите, утре за првпат ќе пречека меѓународни туристи, потпирајќи се на високата стапка на вакцинација против коронавирусот.
Отворањето на Австралија за туристите е најјасен показател за напуштање на строгиот пристап во борбата против пандемијата и заложбата за коегзистирање со вирусот со помош на вакцинација, со цел да се намали смртноста и бројот на сериозни случаи на болеста.
Најголем број од 2,7 милиони случаи на заразени со коронавирус во земјава е забележан со пристигнувањето на варијантата омикрон на крајот на ноември минатата година.
Сепак, со една од највисоките стапки на вакцинација во светот – повеќе од 94 проценти од луѓето на возраст над 16 години – се пријавени нешто помалку од 5.000 смртни случаи, што е само мало делче од стапката на смртност во многу други развиени земји.
Поради острите мерки во Австралија, светскиот тениски ас Новак Ѓоковиќ доби забрана за престој во земјата, па беше депортиран, поради што не можеше да ја одбрани титулата на Австралија Опен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

