Свет
Експертите на СЗО одлучуваат дали да воведат вонредна состојба поради мајмунските сипаници
СЗО денеска проценува дали епидемијата на мајмунски сипаници треба да се прогласи за вонредна состојба за јавното здравје, како што беше случајот со Ковид-19.
Претходно, беа прогласени само шест такви итни случаи: Ковид-19 (2020), епидемијата на ебола во Демократска Република Конго (2019), вирусот зика (2016), полиомиелитис или детска парализа (2014), епидемијата на ебола во Западна Африка (2014) и H1N1 – пандемичен вирус или свински грип (2009).
Доколку тоа се случи, би било можно да се активираат механизмите за меѓународна соработка насочени кон ограничување на понатамошното ширење на болеста, а тоа би било и сигнал до поединечните земји да бидат подготвени, односно да ги зајакнат капацитетите на своите здравствени услуги, според една британска агенција.
СЗО ја дефинира вонредната состојба за јавно здравје од меѓународно значење како „итен случај што е идентификуван како ризик за јавното здравје на други земји поради меѓународното ширење на болеста и потенцијално бара координиран меѓународен одговор“.
Директорот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус, претходно изјави дека е јасно оти има необична ситуација бидејќи вирусот сега се однесува поинаку и дека мајмунските сипаници се појавуваат во сè поголем број земји поради што е потребен координиран одговор.
Оваа прокламација во голема мера служи за да привлече внимание и не отвора официјално финансирање или нови мерки иако може да им даде поголема тежина на советите и активностите на СЗО што ги преземаат земјите.
Стручната комисија дава препорака, но конечната одлука за прогласување вонредна состојба за јавното здравје од меѓународно значење ја носи генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус, пренесе „Ројтерс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.
Регион
На Мерц му е непријатно оти е закочено членството на Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Мерц во Минхен зборуваше за иднината на проширувањето на Европската унија, откако расправата беше поттикната од прашање на претседателот на Црна Гора.
Тој призна дека чувствува „сè поголема непријатност“ поради тоа што Европската унија не успева да постигне значаен напредок во пристапните процеси со земјите од Западен Балкан и соседството.
„Мораме да осмислиме нова стратегија за да ги доближиме овие земји до ЕУ. Не сакам да ве изгубам“, порача Мерц.
Како главна пречка го наведе принципот на едногласност, со посебен акцент на постојаното блокирање од страна на Унгарија, која ја опиша како „слон во просторијата“. Тој изрази надеж дека ова може да се надмине.
„По изборите што ќе се одржат во април, се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме следните поглавја и да ви се приближиме уште повеќе кон Европската унија“, заклучи тој.
Свет
Орбан: На изборите се одлучува за војна или мир
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги претстави претстојните избори на 12 април како избор меѓу „војна и мир“, тврдејќи дека опозицијата ќе ја вовлече Унгарија во војната во Украина.
„За мир, Фидес е сигурен избор“, порача тој.
Владината кампања ги повикува граѓаните да ја потпишат националната петиција за одбивање финансиска помош за Украина, а низ државата се поставени постери кои го прикажуваат лидерот на опозицијата Петер Маѓар како поддржувач на ЕУ и Украина.
Иако партијата Тиса на Маѓар е водечка во анкетите, и таа е воздржана во однос на Украина, најавувајќи референдум за евентуалното пристапување на Киев во ЕУ.
Според анкети, 63 проценти од Унгарците се против европска помош за Украина, а 64 отсто се против членството на Украина во ЕУ.

