Свет
Експлодираше бензиска пумпа во Ирска, загинаа најмалку девет луѓе
Во експлозија на бензинска пумпа во Ирска загинаа најмалку девет луѓе, соопшти ирската полиција.
Потрагата по жртви продолжува, а се истражува и причината за експлозијата. Како што наведуваат од полицијата, осум лица се на болничко лекување.
Експлозијата се случила вчера нешто по 15 часот по локално време, на бензинска пумпа, која се наоѓа на околу 25 километри од градот Летеркени, пренесе „Ројтерс“.
Фотографиите од местото на настанот покажуваат голема дупка и урнат покрив на станбена зграда до бензинска пумпа со остатоци расфрлани низ областа каде што биле паркирани бројни автомобили.
Ирската крајбрежна стража соопшти дека нејзиниот хеликоптер им помага на службите за итни случаи на местото на настанот и Националната служба за брза помош испратила голем број амбулантни возила.
Ирскиот премиер Мајкл Мартин рече дека ова е еден од „најтемните денови за Донегал и за целата земја“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украина го доби третиот противвоздушен систем Патриот од Германија
Украина го доби третиот систем за противвоздушна одбрана „Патриот“ од Германија, соопшти германскиот амбасадор во Киев, Мартин Јегер.
Испораката следи по неколкумесечните повици Украина да добие опрема потребна за заштита на цивилите и инфраструктурата од руските воздушни напади, објави „Ројтерс“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави претходно оваа година дека на неговата земја и се потребни дополнителни седум системи Патриот за да се заштити.
„Украинскиот екипаж ја заврши потребната обука во Германија за управување со системот Патриот“, изјави амбасадорот Јегер на социјалната мрежа Икс.
Киев посочи дека се надева оти ќе биде постигнат напредок во испораката на системите за противвоздушна одбрана на претстојниот самит на НАТО во Вашингтон, кој почнува во вторник.
Висок претставник на американскиот Стејт департмент изјави дека Киев се очекува да добие „добри вести“ на самитот.
Свет
Шефот на НАТО избегна да одговори на прашања за здравствената состојба на Бајден
Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, избегна да одговори на прашањата за здравјето на американскиот претседател, Џо Бајден, пред самитот на Aлијансата во Вашингтон следната недела, велејќи дека една од причините за успехот на НАТО е тоа што не се меша во внатрешните политички работи.
Здравјето на Бајден стана главна тема во предизборната кампања во САД по неговиот слаб настап во дебатата со републиканскиот противкандидат Доналд Трамп минатата недела.
На прашањето дали е загрижен дека фокусот на способностите на Бајден може да го засени самитот на НАТО, Столтенберг одговори дека состаноците секогаш се одржуваат во внатрешен политички контекст.
„НАТО мора да се фокусира на себе и ние ќе го направиме тоа“, рече генералниот секретар на НАТО Столтенберг на прес-конференција пред самитот во седиштето на НАТО во Брисел.
На прашањето дали верува дека Бајден е психички и физички подготвен да ја води најголемата нуклеарна членка на НАТО во наредните години и дали забележал влошување на состојбата на Бајден, Столтенберг одговори дека се сретнал со Бајден пред неколку недели и дека имале добри средби со него во Овалната соба.
„Постигнавме напредок во подготовките за претстојниот самит на НАТО“, рече тој, додавајќи дека го поздравува силното лично лидерство на Бајден за поддршка на Украина. Но, тој рече дека сите дополнителни коментари би можеле да бидат штетни за НАТО.
„Една од причините зошто НАТО е успешна е тоа што не се мешаме во внатрешни политички прашања“, рече тој.
„Ако почнам да кажувам нешто што би можело да ме поврзе со тековните политички дискусии во која било сојузна држава, всушност ќе ја ослабнам унијата“, додаде тој.
Свет
Израел објави видео: „Хамас брутално тепа цивили во Газа“
На социјалните мрежи се шири вознемирувачко видео на кое се гледа како Хамас ги тепа жителите на Газа во близина на локација за хуманитарна помош.
Тие се тепани затоа што краделе храна од складиште за хуманитарна помош, изјави на социјалната мрежа Х Авичај Адрае, шеф на одделот за арапски медиуми на единицата за односи со јавност на ИД.
На видеото се гледа како членовите на Хамас тепаат цивили од Газа и со спреј во зелена боја на нивниот грб го пишуваат зборот „крадец“. Во исто време, членовите на Хамас носат маски на главите кои им го покриваат лицето, а може да се види како со стапови удираат врзани цивили додека нивните очи се покриени.
Се слушаат цивили како стенкаат и врескаат од болка.
„Дали знаете кои се овие маскирани луѓе? Кои се нивните жртви? Маскираните човечки чудовишта се дел од Хамас, а жртвите се невини млади луѓе“, напиша Адраи на платформата Х.
Тој додаде дека тие млади луѓе се обиделе да ја вратат храната што им ја украл Хамас и тоа го направиле бидејќи биле гладни.
Тој додава дека жителите на Газа со години се жртви на тероризмот и на Хамас.