Европа
Ексхумацијата во Ватикан не ја реши мистеријата за исчезнатото девојче – откопаните гробови биле празни
Форензичарите отворија две гробници во Ватикан од 19 век, во надеж дека ќе ја решат мистеријата за исчезнатата тинејџерка Емануела Орланди од пред повеќе од 30 години, но потрагата заврши неуспешно. И двете отворени гробници биле празни, во нив дури немало ниту остатоци од луѓето за кои било наведено дека се погребани во нив.
,,Тие не најдоа ништо, ниту, пак, останки на оние кои требаше официјално да бидат закопани таму”, вели братот на исчезнатата девојка, Пјетро Орланди. ,,Тие ископале под една гробница и пронашле соба која празна, а во другата, нашле саркофаг, исто така празен”.
Емануела Орланди, ќерка на вработен во банката во Ватикан, имала 15 години кога исчезнала откако заминала од часовите по музика во Рим во 1983 година. Фамилијата на тинејџерката верува дека нејзиното тело би можело да биде погребано во гробиштата во Ватикан, откако добиле анонимна дојава минатата година.
„Ако сакаш да ја најдеш Емануела, барај каде што гледа ангелот”, пишувало во писмото кое го добиле семејството, заедно со фотографија што посочувала каде треба да се бара.
Тимот од 15 лица потоа почнал да ги ископува гробовите на принцезата Софи фон Хохенлохе и принцезата Шарлот Фредерика од Мекленбург, кои починале во 1836 и 1840 година.
Семејството Орланди побарало гробницата под статуата на ангелот да се отвори „во знак на мирот”, но Ватикан одлучил и гробницата до неа да се зотвори за секој случај.
Ова не е првпат гроб да биде отворен поради мистериозниот случај кој трае повеќе од три децении.
Во 2005 година, анонимен дојавувач тврдеше дека телото на Орланди е погребано во гробот на Енрико де Педис, гангстер кој дејствувал во Рим во 1970-тите и 1980-тите години, според Џанкарло Капалдо, државен обвинител кој работел на случајот помеѓу 2012 и 2016 година . Во 2012 година, неговиот гроб беше конечно отворен, но остатоците на Орланди не беа пронајдени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Украина: Русите го нападнаа Харков, уништени се згради, меѓу повредените има и дете
Украина ги уништи сите 10 беспилотни летала во руски напад во текот на ноќта, но две лица се повредени, а станбени згради во регионот Харков беа зафатени од пожар, соопштија денеска украинските власти.
Воздухопловните сили на „Телеграм“ соопштија дека Русија лансирала и две противвоздушни наведувани ракети. Портпаролот на украинските воздухопловни сили во телевизиски пренос изјави дека руските ракети, најверојатно, биле насочени кон североисточниот град Харков.
Гувернерот на регионот Харков, Олех Синехубов, рече дека три станбени куќи биле запалени, а десетици биле оштетени како резултат на рускиот напад, чија цел, според него, биле и инфраструктурата и станбените области. На фотографиите што ги објави Синехубов на „Телеграм“ се гледаат големи пламени јазици од станбените згради.
„Две лица, меѓу кои и едно 11-годишно дете, се ранети во нападот и се на медицинска помош“, рече Синехубов на апликацијата „Телеграм“.
„Ројтерс“ сè уште не ја потврди независно оваа вест. Москва негира дека цели на цивили во овие „легитимни напади врз воената, енергетската и транспортната инфраструктура на Украина“.
Европа
Повредени двајца полицајци во Париз кога маж им го украл пиштолот и пукал во нив
Двајца полицајци се повредени во престрелка во полициската станица во Париз, кога на еден од нив му бил одземен пиштолот од маж кој претходно бил приведен поради напад со нож врз жена.
„Полицијата интервенираше и го донесе овде, во полициската станица, и тој потоа му го грабна пиштолот на полицаецот“, изјави началникот на полицијата Лорен Нунес.
Обвинителството соопшти дека еден од полицајците е во тешка состојба, пренесува „Монд“.
Полицијата возвратила, а напаѓачот се здобил со повреди во пределот на градниот кош, по што бил пренесен во болница.
Како што информираат од болницата, животот на напаѓачот не е во опасност.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.