Свет
Ердоган бара замрзнување на имотот на американски министри во Турција
 
																								
												
												
											Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, побара да биде замрзнат имотот на американски официјални лица во Турција, како одговор на сличните санкции кои Вашингтон ги воведе за турски министри поради задржувањето на американски пастор во куќен притвор во Турција.
„Имавме трпение до синоќа. Денеска ќе дадам инструкции – го замрзнуваме имотот на американските министри за правосудство и внатрешни работи во Турција, доколку го имаат“, рече Ердоган на говор во Анкара, пренесуван од државната телевизија.
Оваа изјава е директен одговор на одлуката на САД од средата, да ги санкционираaт турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу и за правосудство, Абдулхамит Џуел.
Санкциите им беа наметнати поради наводно влијание во судењето на Ендрју Брансон, американски пастор, во Турција обвинет за терористичка активност и шпионажа.
Но, во конкретната ситуација не е сосема јасно дали турскиот претседател мисли на американскиот министер за внатрешни работи, Рајан Зинке, задолжен за националните паркови и политиката кон староседелците, или пак за министерот за внатрешна безбедност, Кристен Нилсен.
Агенцијата АФП побарала објаснување, но турските претставници не дале никакви индикации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Свет
Израелскиот амбасадор во ОН до специјалната известувачка: „Вие сте вештерка, се обидувате да нѐ проколнете“
 
														Седницата на Третиот комитет на Генералното собрание на Обединетите нации се вжешти откако израелскиот амбасадор во ОН, Дани Данон, остро ја нападна специјалната известувачка Франческа Албанезе поради нејзиниот извештај во кој Израел се обвинува за кршење на човековите права и за меѓународната поддршка што ја добива.
„Госпоѓо Албанезе, секојпат кога се обидувате да го проколнете Израел со лаги и клевети, вашите клетви не успеваат. Вие сте вештерка, а овој извештај е уште една страница во вашата книга на волшепства“, изјави Данон обраќајќи ѝ се преку видео-врска.
Албанезе не можеше лично да присуствува на седницата, бидејќи САД ѝ воведоа санкции и ѝ ја укинаа визата во јули, со образложение дека вршела „нелегитимен притисок врз Меѓународниот кривичен суд“ за постапки против американски и израелски функционери.
Во најновиот извештај, Албанезе остро го критикува Израел, но и обвинува повеќе држави — меѓу нив САД, Велика Британија, Германија и Унгарија — дека се соучесници поради дипломатска или воена поддршка на Израел.
Канада, Австралија и Нов Зеланд се обвинети дека ги „ослабуваат“ резолуциите на ОН што го критикуваат Израел, додека Франција, Италија, Хрватска и Грција се спомнати затоа што му дозволиле на премиерот Бенјамин Нетанјаху да користи нивен воздушен простор и покрај налогот за апсење од Меѓународниот кривичен суд.
Извештајот ги споменува и неколку арапски и муслимански земји, меѓу кои Египет, Јордан, Катар, Саудиска Арабија, Турција, Индонезија, Пакистан и ОАЕ, поради поддршка на мировниот план на Доналд Трамп, кој, според Албанезе, „олеснува нов облик на окупација“.
Свет
Кралот Чарлс му ги одзема титулите на принц Ендру и го сели од кралската резиденција
 
														Британскиот крал Чарлс официјално покрена постапка за одземање на сите титули и почести на принцот Ендру, како и негово селење од резиденцијата „Ројал лоџ“, јави Си-Ен-Ен.
Одлуката уследи по нови реакции во јавноста поради поврзаноста на Ендру со осудениот сексуален преступник Џефри Епштајн и објавувањето на мемоарите на Џуфре, која го обвини принцот за сексуално злоставување додека била тинејџерка, обвинение што тој го негира.
Во соопштение на Бакингемската палата се наведува дека „Неговото Височество денес започна формална постапка за одземање на стилот, титулите и почестите на принц Ендру“ и дека тој отсега ќе биде познат како Ендру Маунтбатен Виндзор.
Палатата потврди дека Ендру ќе мора да се исели од резиденцијаа и да се пресели во приватен престој, додека неговите ќерки, принцезите Евгенија и Беатрис, ги задржуваат своите титули.
Во изјавата се нагласува дека „кралското семејство останува со мислите и најдлабокото сочувство со жртвите и преживеаните на сите облици на злоупотреба“.
Јавноста со остри реакции го коментира случајот, особено по откритијата дека Ендру за резиденцијата платил симболичен износ и плаќал минимална кирија, иако од 2019 година не е активен член на кралското семејство.
Свет
Саграда Фамилија официјално стана највисока црква во светот
 
														Познатата барселонска базилика Саграда Фамилија од денес е и официјално највисоката црква во светот, откако беше поставен новиот дел од централната кула, пренесе „Гардијан“.
Делото на Антонио Гауди сега се издига на 162,91 метар, со што ја надмина катедралата во германскиот Улм, висока 161,53 метра. Во следните месеци се очекува кулата на Исус Христос да ја достигне својата крајна висина од 172 метра.
Темелите на базиликата се поставени во 1882 година, а Гауди починал пред да го види проектот завршен.
Последните децении работите се забрзани благодарение на милионите туристи што ја посетуваат црквата; минатата година ја разгледале 4,9 милиони луѓе, а приходите од билетите целосно се користат за финансирање на изградбата.
Комплетното завршување на Саграда Фамилија се очекува околу 2035 година, а 2026 ќе се одбележи 100-годишнината од смртта на Гауди со низа културни настани.


 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											