Свет
Ердоган го повика Бајден да ги поттикне американско-турските односи
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, го повика новоизбраниот американски претседател, Џо Бајден, да ги поттикне турско-американските односи, пренесува „Анадолија“.
„Веруваме дека новиот претседател на САД, Џо Бајден, ќе им посвети должно внимание на турско-американските односи. Немаме предрасуди, непријателство или анимозитет кон никого. До ден-денес со трчање се приближувавме до оние што правеа само еден чекор кон нас. Ние ја одржуваме истата искреност и оптимизам“, порача Ердоган во обраќањето пред парламентарната група на Партијата за правда и развој.
Ердоган додаде дека Турција ќе продолжи да работи за мир, правда и за просперитет во регионот. Тој исто така рече дека Турција се надева оти ќе отвори ново поглавје во односите со ЕУ и САД во новата година.
„Ние не гледаме на нашите разновидни политички, економски и воени врски како алтернатива за нашите добровоспоставени односи со САД. Исто така, се надеваме дека ЕУ ќе се ослободи од своето стратешко слепило што ја оддалечува Турција од Унијата“, нагласи Ердоган.
На 14 декември САД воведоа санкции за Турција поради нејзиното купување на рускиот систем за ракетна одбрана „С-400“. Американските официјални лица се противеа на договорот тврдејќи дека системите „С-400“ би биле некомпатибилни со системите на НАТО и би ги изложиле воените авиони „Ф-35“ на можна руска саботажа.
Турција нагласи дека системот „С-400“ нема да биде интегриран во системите на НАТО и не претставува закана за алијансата или за нејзиното вооружување. Турските власти повеќепати предлагаа создавање работна група за испитување на проблемот со техничката компатибилност на системите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Британските разузнавачи: Русите се’ побрзо напредуваат во Украина
По заземањето на источноукраинскиот град Авдијевка, руските трупи напредуваат побрзо во областа, објави денеска британското Министерство за одбрана во своето секојдневно известување.
„Руските копнени сили навлегоа и создадоа тесен коридор на украинска територија со цел да влезат во градот Очеретин, приближно 15 километри северно од центарот на Авдијивка“, пишува на профилот на Министерството за одбрана.
Оцеретин во областа Доњецк имал околу 3.500 жители пред почетокот на војната.
И по заземањето на Авдијивка во средината на февруари, Русите се уште сметаат дека освојувањето на таа област е една од клучните операции, оценува британското Министерство за одбрана.
„Иако претрпуваат големи загуби, многу е веројатно дека руските копнени сили се во позиција континуирано да ги гаѓаат украинските позиции во областа и дека презеле контрола врз неколку помали населби“, додаваат тие.
Украина се брани од руската инвазија повеќе од две години. Британското Министерство за одбрана редовно објавува информации за напредокот на војната. Москва го обвинува Лондон за ширење дезинформации.
Европа
16-годишно момче избодено во училиште во Германија
16-годишно момче е тешко повредено кога утрово околу 8 часот било избодено од тинејџер (17) во училиште во Нојкирхен-Влуин.
На нападот наводно му претходела вербална расправија.
Постариот ученик наеднаш извадил нож и го ранил 16-годишникот во горниот дел од телото.
Момчето итно било пренесено во болница, а лекарите велат дека неговата состојба е стабилна.
По прободувањето напаѓачот побегнал од училиштето, но полицијата брзо го лоцирала и го уапсила.
Според инспекторот, немало опасност по безбедноста на другите деца во училиштето.
Европа
Во Англија извикал „Алах Акбар“ и убил случаен минувач: „Го направив тоа за луѓето од Газа“
45-годишниот Ахмед Алид вчера беше прогласен за виновен за убиство и обид за убиство. На 15 октомври минатата година, барател на азил од Мароко со нож го уби 70-годишниот Теренс Карни во центарот на англискиот град Хартлпул. Тој претходно го избодел со нож својот заспан цимер Џавед Нури додека викал „Алах Акбар“.
Алид и рекол на полицијата дека сето тоа го направил „за луѓето од Газа“. Само осум дена пред да убие случаен минувач и да го рани својот цимер, милитантите на Хамас го нападнаа Израел. Алид се заколнал дека ќе убиел повеќе луѓе доколку имал митралез и друго оружје, изјави обвинителот Џонатан Сендифорд во Судот во Тесајд.
Алид делел куќа со други баратели на азил во североисточна Англија. Тој бил вознемирен што Нури го прифатил христијанството. Цимерите рекле дека Алид почнал да носи нож откако на телевизија видел прилог за настаните во Газа.