Свет
Ерменија и Азербејџан оптимисти на разговорите со посредство на Путин
Непријателите Ерменија и Азербејџан напредуваат кон нормализирање на односите по заемното признавање на територијалниот интегритет, изјавија лидерите на двете земји во четвртокот по разговарите во Москва, пренесува „Еурактив“.
Ерменскиот премиер Никол Пашинјан и азербејџанскиот претседател Илхам Алиев се состанаа одвоено со рускиот лидер Владимир Путин пред тројцата да одржат заеднички преговори доцна во четвртокот.
Разговорите се одржаа по неодамнешните смртоносни гранични судири меѓу двата кавкаски соседа, кои се заглавени во повеќедецениски конфликт за контрола на азербејџанскиот регион Нагорно-Карабах кој е претежно населен со Ерменци.
„Постои можност да се дојде до мировен договор имајќи предвид дека Ерменија формално го призна Нагорно-Карабах како дел од Азербејџан. Азербејџан нема територијални претензии кон Ерменија “, рече Алиев пред разговорите.
Пашинјан во понеделникот изјави дека Ерменија е подготвена да го признае Нагорно-Карабах како дел од Азербејџан ако Баку ја гарантира безбедноста на своето етничко ерменско малцинство.
Пашинјан најави големи промени во политиката на неговата земја во однос на Русија и на Азербејџан, посочувајќи дека двете земји постигнале добар напредок во нормализирањето на односите, засновани на заемно признавање на територијалниот интегритет.
Тој рече дека Ереван е подготвен „да ги деблокира сите транспортни врски во регионот што минуваат низ ерменската територија“.
Путин по средбата посочи дека и покрај сите тешкотии и проблеми што сè уште остануваат, ситуацијата се развива кон решавање на конфликтот во Нагорно-Карабах.
Тој рече дека вицепремиерите на трите земји ќе се сретнат по една недела во Москва за да ги решат преостанатите прашања во врска со повторното отворање на транспортните врски меѓу Азербејџан и Ерменија.
Кавкаските соседи се обидуваат да преговараат за мировен договор и со помош на Европската унија и САД. На 14 мај, на состанокот организиран од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во Брисел тие се договорија за заемно признавање на територијалниот интегритет.
Мишел го поздрави напредокот во разговорите, додавајќи дека „треба да се одржи моментумот“ кон конечниот мировен договор.
Но дипломатскиот ангажман на Западот на Кавказ ја налути Москва, која е традиционален посредник во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Белгија издвојува девет милиони евра за украинската енергетска инфраструктура
Белгија ќе додели дополнителна помош од девет милиони евра за да придонесе за поправка на оштетената енергетска инфраструктура во Украина, најави белгиската министерка за развојна соработка, Каролин Генез.
„Преку ОН, Белгија ќе придонесе за поправка на енергетската инфраструктура околу градот Харков, кој сега секојдневно трпи бомбардирање од руската армија. Со воена поддршка, овие средства ќе помогнат да се изгради отпорноста на Украина“, рече министерот, пренесува RTBF.
Според неа, Белгија ќе одвои средства за поддршка на проекти во рамките на Програмата за развој на Обединетите нации, која е специјализирана за економски развој.
Свет
Генералното собрание на ОН го повика Советот за безбедност да ја прими Палестина за членка
Генералното собрание на Обединетите нации ги зајакна правата на Палестина во рамките на организацијата и повика таа да биде прифатена како членка, пренесува Би-Би-Си.
Палестина има статус на земја-набљудувач не-членка од 2012 година, што дозволува некои права помалку од полноправна членка.
За членството може да одлучува само Советот за безбедност на ОН.
САД неодамна ставија вето на кандидатурата за полноправно членство, но гласањето денска може да се смета како гест на поддршка за Палестинците.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас ја поздрави резолуцијата, велејќи дека таа ги поддржува палестинските напори за уште едно гласање за ова прашање од страна на Советот за безбедност.
Свет
Шпанија, Ирска и Словенија ќе ја признаат Палестина на 21 мај
Шпанија, Ирска и Словенија планираат симболично да ја признаат Палестинската држава на 21 мај, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Тој го потврди датумот во интервју за шпанското јавно радио, откако ирскиот јавен радиодифузен сервис РТЕ објави дека тоа е моментот кога сите три земји планирале да дејствуваат.
Словенечката влада вчера соопшти дека донела декрет за признавање на палестинска држава, што ќе биде внесен во нејзиниот парламент до средината на јуни.
Потоа, најверојатно ќе има повеќе нации што ќе го следат примерот бидејќи и Белгија одлучи да го стори тоа, додаде Борел.