Свет
ЕУ воведе санкции против Иран
Европската Унија денес потврди дека повторно воведе санкции против Иран откога оваа одлука ја донесоа и Обединетите нации, а како резултат на несогласувањето меѓу Западот и Техеран во врска со нуклеарната програма на земјата.
Строги санкции
Блокот од 27 земји одлучи „повторно да воведе голем број рестриктивни мерки поврзани со активностите на Иран за ширење нуклеарно оружје“, се вели во соопштението на Советот на министрите на ЕУ во понеделникот.
Оваа одлука е донесена во согласност со повторното воведување на санкциите против Иран за кое одлучи Советот за безбедност на Обединетите нации во саботата вечерт.а
Овие санкции се насочени кон компании, субјекти и поединци, кои директно или индиректно придонесуваат за нуклеарната програма на Иран или развојот на балистички ракети преку обезбедување на потребната опрема, знаење или финансирање.
Европските санкции ги вклучуваат оние наметнати од ОН, но и други мерки, како што се замрзнување на средствата на централната банка на Иран и неколку трговски и економски санкции.
Русија и Кина против
Иран го осуди повторното воведување на овие санкции како неоправдано. Заедно со Русија и Кина го смета враќањето на санкциите за нелегален чин.
Бидејќи не беше постигнат договор со Техеран, механизмот за повторно воведување санкции, познат како snapback, активиран на 28 август од групата E3 (Германија, Франција и Обединетото Кралство), е во сила од недела.
Ова ги реактивира претходните одредби што беа суспендирани од нуклеарниот договор од 2015 година, познат и како Заеднички сеопфатен план за акција (JCPOA).
E3 систематски предупредува дека Иран збогатува ураниум до нивоа далеку над оние потребните за цивилни цели. Иран моментно поседува речиси 450 килограми ураниум збогатен до 60 проценти и се приближува до збогатување од 90 проценти, што би овозможило производство на осум до 10 атомски бомби, според европските експерти.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Извлечени 51 лице заглавени на жичница на планината Улудаг во Турција
Технички дефект на жичницата на планината Улудаг, во близина на северозападниот турски град Бурса, предизвика блокирање на 51 лице кои во тој момент се превезувале, јави државната телевизија ТРТ Хабер.
Инцидентот се случил околу 11 часот по локално време во областа Османгази, каде што се наоѓаат голем број хотели и капацитети за зимски туризам. Поради дефектот, десетици луѓе останаа заглавени во кабините на неколку метри над земјата.
Веднаш по добивањето на сигналот на бројот за итни случаи 112, на терен биле испратени 96 спасувачи од жандармеријата, медицински екипи, пожарникари и претставници на Дирекцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД). Како поддршка беа ангажирани и тимови од соседниот округ Сакарија.
Uludağ’da arızalanan telesiyejdeki 51 kişi kurtarıldı. https://t.co/WE42RAdUjO pic.twitter.com/ivqJba0cg0
— TRT HABER (@trthaber) January 31, 2026
По координирана акција, сите 51 патник се безбедно евакуирани. Министерот за внатрешни работи на Турција, Али Јерликаја, упати честитки до спасувачките тимови за нивната пожртвуваност.
Надлежните органи веќе започнаа истрага за причините за инцидентот. Жичницата во Бурса, отворена во 1963 година и целосно обновена во 2015 година, со своите девет километри е една од најдолгите во светот и е исклучително популарна за еднодневен туризам во текот на целата година.
Свет
Момче во Германија повлекло девојка под воз што доаѓал од спротивен правец, двајцата се мртви
Во Хамбург во четврток, две лица загинаа на метро станицата Вандсбек Маркт откако маж влечеше жена на шините пред воз што доаѓаше од спротивната насока. Полицијата се сомнева во убиство и започна истрага, а според првичните информации, сторителот и жртвата не се познавале, пишува Шпигел.
Според досегашните сознанија на полицијата, жртвата е 18-годишна девојка која чекала на перонот воз во правец на центарот на градот.
Сторителот, 25-годишен маж по потекло од Јужен Судан, стоел одвоено од неа. Во еден момент, тој одеднаш ѝ се приближил, ја зграпчил и, од сè уште непознати причини, ја влечел на шините, точно пред возот што влегувал во станицата. Двајцата починале на местото на несреќата.
Свет
46 жртви во железничката несреќа во Шпанија
Смртта на 43-годишна жена која била на одделот за интензивна нега во болницата Реина Софија во Кордоба го зголеми бројот на жртви во железничката несреќа кај Адамуз, која се случи на 18 јануари, на 46, соопштија владини извори.
Дваесет и осум од вкупниот број жртви биле од провинцијата Уелва, пренесе „Паис“.
Жртвата, жителка на Ла Палма дел Кондадо, била меѓу патниците на возот Алвија од Мадрид. Во моментот на несреќата се враќала по полагање испит за затворски чувар. По несреќата била на интензивна нега поради сериозни проблеми со белите дробови.
Од вчера, 16 од 126-те повредени патници и понатаму се во болниците во Андалузија, од кои двајца се на интензивна нега. Андалузиската здравствена служба извести за уште едно отпуштање од болница и за еден пациент кој го напуштил одделот за интензивна нега.
Поради смртта на најновата жртва, шпанската влада одлучи да ја одложи државната комеморација закажана за денеска. Шпанскиот премиер Педро Санчез вети дека државата ќе продолжи со истрагата и ќе им дава поддршка на семејствата погодени од трагедијата.

