Свет
Западот најавува посилен притисок врз Русија; ЕУ: Уште 200 имиња на санкционираната листа
На состанокот на Г7 е договорено да се продолжи со зајакнување на воените капацитети на Украина и да се засили притисокот врз Русија. Договорено е да се додадат уште 200 имиња на листата на санкционирани руски граѓани и групи.
„ Ако Русија ги повлече своите сили од Украина, тоа исто така ќе обезбеди сигурен крај на непријателствата. Не гледам причина зошто Русија не би го сторила тоа сега – на Божиќ“, рече Зеленски во видео обраќањето на состанокот на Г7.
Земјите од Групата 7 се согласија да продолжат со зајакнување на воените капацитети во Украина, со непосреден фокус на системите за противвоздушна одбрана, соопшти Министерството за надворешни работи на Велика Британија.
На состанокот на лидерите на Г7 беше речено дека „неодговорната нуклеарна реторика на Русија е неприфатлива“ и дека секоја употреба на хемиско, биолошко или нуклеарно оружје ќе има сериозни последици. Во соопштението на Г7 се најавува и интензивирање на „невидени координирани санкции“ против Русија, пренесува Тас.
„Ќе го одржиме и засилиме економскиот притисок врз Русија и оние кои ги избегнуваат и ги поткопуваат нашите рестриктивни мерки“, се вели во соопштението.
На состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ се разговараше и за рестриктивните мерки против Русија, кои не постигнаа договор за целиот деветти пакет санкции. Сепак, беше договорено да се стават уште 200 руски граѓани и групи на списокот со санкции.
„Она што го одобривме досега се индивидуални санкции… за околу 200 поединци и групи“, рече претставникот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, истакнувајќи дека тоа тешко ќе го погоди рускиот одбранбен сектор и руската војска, како и политичките лидери во Владата, Думата, Советот на Федерацијата и судството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

