Свет
За Зеленски велигденското примирје на Путин е нова манипулација
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази скептицизам во врска со едностраниот велигденски прекин на огнот, објавен денеска од рускиот претседател Владимир Путин. Во објава на социјалните мрежи оцени дека станува збор за нова манипулација на Путин, но не открива дали примирјето е прифатливо за Киев.
– Што се однесува до новиот обид на Путин да манипулира со човечките животи – сирените за воздушен напад моментално се огласуваат во многу делови на Украина. Во 17 часот и 15 минути на нашето небо беа откриени руски беспилотни летала. Украинската воздушна одбрана и воздушните сили веќе почнаа да дејствуваат за да не заштитат. Присуството на дронови Шахед во нашиот воздушен простор јасно го открива вистинскиот став на Путин кон Велигден и кон човечките животи, напиша Зеленски на платформата Х.
Зеленски во објавата не дава никави назнаки дали и Украина ќе го прекине огнот за Велигден.
Рускиот претседател Владимир Путин попладнево објави велигденско примирје и запирање на сите воени операции.
– Руската страна, водејќи се од хуманитарни причини, денеска од 18:00 часот [по московско време] до 00:00 часот меѓу недела и понеделник, прогласува велигденско примирје. Наредувам да се прекинат сите воени дејствија за овој период, објави Путин на денешната средба со началникот на Генералштабот Валери Герасимов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Напад со дронови во Одеса, најмалку четири лица се повредени, меѓу нив и седуммесечно бебе
Најмалку четири лица, од кои три се деца, се повредени во синоќешниот руски напад со беспилотно летало врз Одеса, објавија денес регионалните власти, наведувајќи дека се оштетени станбени згради и инфраструктурни објекти.
„Нападот со беспилотно летало бил насочен кон станбени згради, логистика и енергетска инфраструктура“, изјави началникот на регионот Одеса, Олег Кипер, во порака на Телеграм.
Воените власти на тој регион објавија дека меѓу повредените има седуммесечно бебе и две други деца, како и 42-годишен маж, пренесува Ројтерс.
Големото црноморско пристаниште Одеса е цел на повторени руски напади со беспилотни летала и ракети, кои ја уништуваат енергетската, сообраќајната и пристанишната инфраструктура, како и станбените делови на тој град, според медиумот.
Свет
Железничка несреќа во близина на Мачу Пикчу: има загинати и повредени во судир меѓу два воза
Машиновозач загина, а најмалку 40 лица се повредени во судир меѓу возови во близина на најпопуларната туристичка атракција во Перу, Мачу Пикчу, пишува Би-Би-Си.
Во соопштението од надлежните се истакнува дека 20 амбулантни возила се испратени на местото на несреќата и дека повредените се префрлени во здравствени установи во блискиот град Куско.
Американската амбасада во Перу објави дека во несреќата се повредени американски државјани, но полицијата сè уште не ги потврдила идентитетите на лицата вклучени во инцидентот.
Локалниот медиум Peru21 известува дека „стотици“ туристи сè уште престојуваат на местото на несреќата и чекаат евакуација, што е „тешко“ поради непристапниот терен околу местото на несреќата.
Најмалку 20 повредени се во сериозна состојба, изјави здравствен службеник за новинската агенција Ројтерс.
Судирот се случил на железничката пруга што ги поврзува станицата Олјантајтамбо и Агуас Калиентес, најблискиот град до Мачу Пикчу. Патувањето помеѓу овие две станици обично трае околу 90 минути.
„Длабоко жалиме за она што се случи“, се вели во соопштението на компанијата PeruRail, додавајќи дека нејзиниот персонал „веднаш“ им пружил прва помош на машиновозачот, кондуктерот и патниците вклучени во инцидентот.
Причината за несреќата сè уште е непозната.
Несреќата се случила во време кога постои тековен спор меѓу превозниците што вршат превоз до местото на светското наследство на УНЕСКО, бидејќи локалните заедници се незадоволни од, како што велат, недоволно транспарентниот процес на доделување концесии.
Возовите и автобусите што ги превезуваат туристите до античкиот град имаат високи цени и можат да бидат многу профитабилни поради ограничената пристапност на локацијата.
Свет
Париз во приправност поради тероризам и банди на новогодишната ноќ
Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез испрати писмо до париската префектура во кое властите повикуваат на посебна будност во врска со ризикот од тероризам и бандитска активност на новогодишната ноќ во главниот град на земјата.
„Високото ниво на терористичка закана што продолжува да ја оптоварува националната територија, како и постоењето на тензии на меѓународно ниво, значи дека е потребно да се обезбеди особено зголемен надзор на туристичките, празничните и симболичните места“, се наведува во писмото испратено до полициската станица во Париз, до кое телевизијата BFM имаше пристап.
Како што е наведено, писмото предупредува на ризикот од „феноменот на банди, злоупотреби и акти на урбано насилство, против кои властите имаат намера да се борат со откривање на собири на лица со насилен потенцијал“.
„Целта е да се зголеми видливоста и да се обезбеди одвраќачко полициско присуство во одредени области со голем сообраќај, со поддршка на динамичен систем за видео патролирање“, се наведува во соопштението.
Од безбедносните сили се бара и „да одржуваат зголемен надзор во чувствителните населби или оние познати по редовни епизоди на урбано насилство, прекршувања или конфликти меѓу сопернички банди“.
Се предлагаат и неколку превентивни мерки.
На пример, давателите на социјални станови и менаџерите на најизложените локации и сектори се должни да го блокираат пристапот до покривите на зградите и да обезбедат контејнери за ѓубре.
Како што е наведено, од општините се бара да идентификуваат и отстранат гломазни предмети, контејнери и сите предмети што би можеле да се користат како проектили или што би можеле да послужат како средство за палење.

