Свет
За првпат брод натоварен со храна тргна кон Газа
За првпат во повеќе од пет месеци војна, брод натоварен со храна денеска го напушти Кипар и исплови кон опколениот Појас Газа, додека Израел продолжува со бомбардирањето, а населението е на работ на гладта.
Бродот на шпанската невладина организација „Отворени раце“ го напушти пристаништето во Ларнака, кое се наоѓа на околу 370 километри од Газа. Тој плови низ хуманитарниот коридор воспоставен од Европската Унија и неколку други земји.
Бродот е натоварен со 200 тони храна која низ Газа ќе ја дистрибуира американската организација World Central Kitchen, чии тимови почнаа да градат пристаниште за истовар. Кипар, најблиската членка на ЕУ до Газа, објави дека подготвува втор, многу поголем товар.
Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, пред Советот за безбедност на ОН ја осуди употребата на гладта како воено оружје.
„Оваа хуманитарна криза не е природна катастрофа (…) таа е предизвикана од човек“, рече тој.
Повеќе од една недела, арапските и западните земји секојдневно доставуваат помош од воздух и заедно со Европската унија воспоставија поморски коридор до опустошената палестинска територија под израелска опсада.
Бидејќи огромното мнозинство од 2,4 милиони жители на Газа се изложени на ризик од глад, ОН повторуваат дека оваа помош не може да ја замени копнената рута контролирана од израелските власти.
„Треба да има 300 камиони со храна кои влегуваат во Газа секој ден“, рече директорката на Светската програма за храна Синди Мекејн.
„Времето истекува. Гладниот народ на Газа не може повеќе да чека“, рече таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Потона брод во близина на брегот на Црното Море, се трага по исчезнатите членови на екипажот
Романските спасувачки тимови денеска трагаа по тројца исчезнати членови на екипажот на товарен брод што потона во близина на брегот на Црното Море, соопштија поморските власти.
Информациите кои ги добиле се дека рано утрината дека бродот „Мохамад З“ под знаме на Танзанија потонал на 26 наутички милји од дунавското село Сфанту Џорџ.
Во потрагата и спасувањето биле вклучени Морнаричкиот центар за координација на спасување (МРЦЦ), граничната полиција и два блиски комерцијални брода.
Засега не се познати причините поради кои бродот потонал.
Европа
Шолц ја откажа изборната кампања и ги посети поплавените региони во Германија
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ги посети поплавените региони во западната германска сојузна покраина Сарланд, каде обилните дождови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето, а неколку згради беа евакуирани.
Шолц ја откажа својата изборна кампања во Сар, на границата со Франција, и наместо тоа, го обиколи делумно поплавениот пат во селото Клајнблитерсдорф заедно со регионалниот гувернер Анке Релингер.
Тој ја потврди солидарноста на сојузната влада со Сарланд.
„За жал, не е првпат да треба да се справиме со голема природна катастрофа, па ќе разгледаме што треба да се направи овде и што е неопходно“, им рече Шолц на новинарите.
Службите за итни случаи одговорија на илјадници повици за помош во главниот град на покраината, Сарбрикен.
Регион
Во Будва уловена сина ајкула тешка 200 килограми
Сина ајкула долга повеќе од три метри и тешка 200 килограми е уловена во Будва.
Уловите на сина ајкула од минатите години покажуваат дека овој вид ајкула најчесто се среќава во Јадранското Море на пролет.
Рајко Бојановиќ, член на спортскиот риболов клуб „Ширун“, улови ајкула и рече дека ќе биде препарирана во Природонаучниот музеј на Црна Гора, а изложбата е планирана за септември.