Свет
Зеленски е подготвен за разговори со Русија и приближување кон НАТО
Новоизбраниот украински претседател Володимир Зеленски, кој претходно ја исклучи можноста за какви било преговори со Русија, изјави дека сега сака да разговара со Москва, но Киев првин сака да се приближи до членство во НАТО, пренесува РТ.
„Подготвени сме за преговори со Русија, подготвени сме да ги исполниме договорите од Минск за мирно решавање на конфликтот во источна Украина. Но, пред да почнат таквите разговори, Украина мора да биде способна да се одбрани и да стане посилна економски, политички и воено“, рече Зеленски на заедничката прес-конференција со шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, во Брисел.
По изборот, Зеленски рече дека не гледа можност за преговори со Москва и ги повика САД да наметнат повеќе санкции. Тој исто така рече дека сакал да даде нов импулс за кандидатурата на Украина за влез во НАТО бидејќи тековната руска вооружена агресија останува главен предизвик за евро-атлантската безбедност.
Украина аплицира за влез во НАТО во 2008 година, но овие планови беа одложени од тогашниот претседател Виктор Јанукович, кој дојде на власт две години подоцна. По револуцијата на „Мајдан“ и соборувањето на Јанукович во 2014 година, новите власти во Киев повторно го направија членството во НАТО приоритет на надворешната политика.
Минатата година Украина беше ставена на листата со земји аспиранти за НАТО, но шефот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, рече дека ќе треба најмалку 20 или 25 години за Украина да влезе во алијансата.
„Се надеваме дека ќе го обновиме дијалогот меѓу Украина и НАТО на ниво на држави, влади и министри за одбрана“, му рече тој на Столтенберг додавајќи дека Украина ќе мора да спроведе реформи за да ги исполни стандардите на воениот блок предводен од САД за тоа да се случи.
За време на својата кампања за функцијата, Зеленски вети дека ќе стори сè што е можно за да го прекине воениот конфликт во источна Украина, кој почна како реакција на државниот удар во 2014 година и одзеде повеќе од 13.000 животи, според процените на ОН.
Рускиот претседател Владимир Путин рече дека нема да има проблем да разговара со Зеленски. Сепак, тој сè уште не му честитал на новиот украински претседател за преземањето на функцијата тврдејќи дека ќе го стори тоа дури кога ќе се реши конфликтот во Донбас и односите меѓу Москва и Киев се нормализираат.
Секретарот за медиуми во Кремљ, Дмитриј Песков, претходно изјави дека Путин и Зеленски може да одржат разговори како дел од т.н. норманденски формат. Москва во неколку наврати изјави дека не е страна во конфликтот во источна Украина, но дека нејзина работа е да најде решение за конфликтот заедно со Германија, Франција и Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Иран му се заканува на Трамп: Ќе го испратиме вашиот носач на авиони на дното на морето
Врховниот лидер на Иран се закани дека ќе испрати американски носачи на авиони „на дното на морето“, додека започнуваат разговорите во Женева за да се избегне војна. Но, Хамнеи го отфрли американското воено засилување во Персискиот Залив откако Доналд Трамп минатата недела нареди распоредување на втор носач на авиони во регионот.
„Тие постојано велат дека испратиле носач на авиони во Иран“, рече врховниот лидер на Исламската Република. „Добро, носачот на авиони е опасна машина, но не е поопасно од оружјето што може да го испрати на дното на морето“.
Покрај тоа, Корпусот на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), елитна единица лојална на Хамнеи, започна поморски вежби во Ормутскиот теснец и објави дека привремено ќе затвори делови од клучната линија за превоз на нафта за време на вежбите со боева стрелба. Тоа би бил првпат тесниот влез во Заливот да биде блокиран од војните со танкери во 1980-тите.
Заканите на Хаменеи за потопување на американски воени бродови веројатно се насочени првенствено кон домашната публика, а не кон Вашингтон, но сепак ризикуваат да го налутат претседателот Трамп.
„Се чини дека американскиот претседател постојано повторува дека нивната армија е најсилна во светот“, рече Хаменеи. „Но, дури и најсилната армија во светот понекогаш може да добие шлаканица од која нема да се опорави.“
фото/ЕПА
Свет
Кремљ: Русија би можела да ја користи морнарицата ако Западот ги заплени нашите бродови
Русија би можела да ја користи својата морнарица за да ги спречи европските сили да ги запленат нејзините бродови, а исто така би можела да возврати и на европскиот превоз ако бидат запленети руски бродови, изјави Николај Патрушев, близок сојузник на претседателот Владимир Путин.
Западните земји се обидуваат да ја исклучат Русија од глобалната трговија и да ѝ го одбијат финансирањето со воведување на повеќе од 30.000 санкции поради војната во Украина.
Тие, исто така, се обидоа да ги блокираат танкерите за нафта за кои се сомнева дека превезуваат руски пратки нафта.
Во јануари, САД запленија танкер за нафта под руско знаме како дел од напорите за ограничување на извозот на венецуелска нафта.
Рускиот претседател Владимир Путин ги опиша ваквите дејствија како пиратство.
„Ако не им пружиме силен отпор, наскоро Британците, Французите, па дури и балтичките земји ќе станат толку арогантни што ќе се обидат да го блокираат пристапот на нашата земја до морињата, барем до оние во Атлантскиот басен“, рече Патрушев, советник на Путин и претседател на Рускиот поморски комитет, за рускиот медиум „Аргументи и факти“.
„Веруваме дека, како и секогаш, најдобриот гарант за безбедноста на пловидбата е морнарицата. Во главните поморски области, вклучувајќи ги и регионите далеку од Русија, мора трајно да бидат распоредени значајни сили, сили способни да ги смират страстите на западните пирати“, рече Патрушев.
РЕ-Дигитал
Русија целосно ќе го блокира Телеграм
Русија се подготвува целосно да ја блокира популарната апликација за пораки Телеграм од 1 април, објави рускиот Телеграм канал База. Руското тело за цензура Роскомнадзор ниту ја потврди ниту ја негираше оваа информација, пишува Украинска правда.
Повикувајќи се на своите извори, База наведува дека Роскомнадзор ќе иницира целосно блокирање на апликацијата, слично на она што го направи со Инстаграм и Фејсбук. Овие социјални мрежи во сопственост на Мета се означени како екстремистички и забранети во Русија. Според истите извори, Телеграм треба да престане да работи на целата територија на Русија, и преку мобилен интернет и преку Wi-Fi мрежи.
Кога беше прашан за најавената блокада, Роскомнадзор кратко рече: „Агенцијата нема што да додаде на претходно објавените информации за ова прашање“.
фото/Depositphotos

