Свет
Зеленски е подготвен за разговори со Русија и приближување кон НАТО
Новоизбраниот украински претседател Володимир Зеленски, кој претходно ја исклучи можноста за какви било преговори со Русија, изјави дека сега сака да разговара со Москва, но Киев првин сака да се приближи до членство во НАТО, пренесува РТ.
„Подготвени сме за преговори со Русија, подготвени сме да ги исполниме договорите од Минск за мирно решавање на конфликтот во источна Украина. Но, пред да почнат таквите разговори, Украина мора да биде способна да се одбрани и да стане посилна економски, политички и воено“, рече Зеленски на заедничката прес-конференција со шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, во Брисел.
По изборот, Зеленски рече дека не гледа можност за преговори со Москва и ги повика САД да наметнат повеќе санкции. Тој исто така рече дека сакал да даде нов импулс за кандидатурата на Украина за влез во НАТО бидејќи тековната руска вооружена агресија останува главен предизвик за евро-атлантската безбедност.
Украина аплицира за влез во НАТО во 2008 година, но овие планови беа одложени од тогашниот претседател Виктор Јанукович, кој дојде на власт две години подоцна. По револуцијата на „Мајдан“ и соборувањето на Јанукович во 2014 година, новите власти во Киев повторно го направија членството во НАТО приоритет на надворешната политика.
Минатата година Украина беше ставена на листата со земји аспиранти за НАТО, но шефот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, рече дека ќе треба најмалку 20 или 25 години за Украина да влезе во алијансата.
„Се надеваме дека ќе го обновиме дијалогот меѓу Украина и НАТО на ниво на држави, влади и министри за одбрана“, му рече тој на Столтенберг додавајќи дека Украина ќе мора да спроведе реформи за да ги исполни стандардите на воениот блок предводен од САД за тоа да се случи.
За време на својата кампања за функцијата, Зеленски вети дека ќе стори сè што е можно за да го прекине воениот конфликт во источна Украина, кој почна како реакција на државниот удар во 2014 година и одзеде повеќе од 13.000 животи, според процените на ОН.
Рускиот претседател Владимир Путин рече дека нема да има проблем да разговара со Зеленски. Сепак, тој сè уште не му честитал на новиот украински претседател за преземањето на функцијата тврдејќи дека ќе го стори тоа дури кога ќе се реши конфликтот во Донбас и односите меѓу Москва и Киев се нормализираат.
Секретарот за медиуми во Кремљ, Дмитриј Песков, претходно изјави дека Путин и Зеленски може да одржат разговори како дел од т.н. норманденски формат. Москва во неколку наврати изјави дека не е страна во конфликтот во источна Украина, но дека нејзина работа е да најде решение за конфликтот заедно со Германија, Франција и Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кејт Мидлтон миленичка на британската јавност: по популарноста го надмина и принцот Вилијам
Последната анкета на јавното мислење во Велика Британија, објавена денеска, покажа дека принцезата од Велс, Кејт Мидлтон го надмина принцот Вилијам по популарност.
Во истражувањето спроведено од агенцијата за истражување на јавното мислење „Savante for the Independent“, Кејт (42), која моментално се лекува од неодреден облик на рак, ја поддржуваат 62 отсто од испитаниците, додека принцот од Велс (41) е фаворизиран од 61 отсто од британските испитаници.
Принцот Ендру (64), по дружењето со осудениот педофил Џефри Епштајн, е избран за најмалку омилен член на кралското семејство – го поддржуваат само 14 отсто од испитаниците.
Принцот Хари и Меган Маркл, исто така се соочуваат со недостаток на популарност. Хари (39) го поддржуваат само 29 отсто од испитаниците, додека неговата сопруга Меган (42) е уште помалку популарна со само 25 отсто поддршка од испитаниците, пренесува Танјуг.
Свет
ОН: Израелскиот копнен напад врз Рафах може да доведе до масакр
Израелскиот копнеен напад врз Рафах ќе ги доведе во опасност животите на стотици илјади жители на Газа и ќе им нанесе огромен удар на хуманитарните напори низ палестинската енклава, соопшти Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA).
Израел се заканува дека ќе изврши копнен напад врз Хамас во Рафах, каде што се засолниле речиси милион луѓе.
„Тоа би можело да биде масакр на цивили и неверојатен удар за хуманитарните операции во целиот појас, бидејќи тие се управуваат претежно од Рафах“, рече портпаролот на OCHA, Јенс Лаерке на брифингот во Женева.
Хуманитарните активности од Рафах вклучуваат медицински клиники и пунктови за дистрибуција на храна и центри за неухранети деца, рече тој.
Претставник на Светската здравствена организација (СЗО) на истиот брифинг изјави дека е подготвен план за копнен напад, кој вклучува нова полска болница, но предупреди дека тоа нема да биде доволно за да се спречат големиот број на жртви.
„Тоа апсолутно нема да спречи значителни дополнителни смртни случаи“, рече Рик Пиперкорн, претставник на СЗО за палестинските територии.
Тој додаде дека е „многу загрижен“ што нападот ќе го затвори граничниот премин Рафах меѓу Појасот Газа и Египет, кој се користи за увоз на лекови и медицинска опрема.
Свет
(Видео) Камион без возач прегази најмалку 29 ученици на фестивал во Киргистан
Камион без возач прегази 29 ученици на фестивал во Киргистан.
Камионот што го користел продавач на сладолед ненадејно тргнал по удолницата и прегазил голем број ученици, од кои многумина биле свртени со грб.
Многумина успеале да побегнат, но 29 лица биле прегазени.
Осумнаесет деца на возраст од девет до 16 години се хоспитализирани, додека кај седум има опасност по живот.
Инцидентот го снимила камерата на дронот која го снимила моментот кога децата го држат големото знаме на Киргистан.
На видеото се гледа како камионот ненадејно се движи по удолницата и минува низ групи деца.
Полицијата покренала истрага, а според една од пријавите, возачот заборавил да ја повлече рачната сопирачка.